Васка Илиева - кралица на македонската изворна песна - Канал 5

Васка Илиева - кралица на македонската изворна песна

Живееше за песната. Постојано на пат, на турнеи, на концерти... Редовно меѓу нашинците раселени по сите меридијани на светот. Беше буен, непресушен извор на македонската изворна песна. Пееше од душа, од срце... Знаеше на слава да дојде директно од турнеја, со цел оркестар и да направи таков штимунг што никому не му се одеше дома... Ех, кога ќе запееше... Да се наежиш, да заплачеш... Беше природен мецосопран. Имаше грло, тоа господ и го беше дал. Нејзиниот силен, продорен и оригинален глас, еднакво рустикално моќен и мелодичен и уникатната интерпретација, никого не оставаа рамнодушен.

Васка Илиева - кралица на македонската изворна песна
Силно ги брануваше емоциите на секој еден Македонец каде и да беше. Со своите настапи, носеше и радост и лек, будеше носталгија, и тага и болка, ама и безграничен патриотизам. Беше позната и барана насекаде, на сите континенти. Беше најголемиот амбасадор на Македонија, на исклучителниот македонски мелос, на македонската песна, на нашата особена вековна традиција и култура. Имаше причина да биде среќна. Секаде каде што гостуваше луѓето ја пречекуваа со френетичко скандирање. Велеше, додека можам да пеам ќе патувам насекаде и ќе ги веселам луѓето.

Светскиот успех и слава кои ги достигна, меѓутоа, не ја поштедија и не ја направија имуна на лични трагедии и човечки несреќи. Ама беше силна жена, и физички и карактерно. Ретко ведар човек, позитивна личност, со позитивна енергија. Комуникативна и отворена. Секогаш насмеана, подготвена за шега со секого. На нејзиното лице не можеше да се види израз на грижа, нерасположба, замисленост, лутина или тага. Само таа знаеше како и е во душата, тагата ја носеше закопана длабоко во срцето, навираат како река сеќавањата за Васка Илиева, неповторливата и некрунисана кралица на македонската изворна народна песна, чија животна приказна ексклузивно за МИА, за циклусот текстови „Траги низ времето“, ги споделува нејзиниот брат Трпе Бошковски.






Уникатен народен пеач

Исполнувајќи исклучиво изворни народни песни со кои го прикажа животот на македонскиот народ и интерпретирајќи ги на изворно оригинален начин, оваа ведета на македонската народна песна стана и остана една, единствена и исклучителна.

Васка Илиева е креативна личност, со огромен природен, од бога даден талент. Совршената музикалност, ретката меморија, нездржливата љубопитност и безграничната љубов кон песната, како да ја предодредиле певицата да направи низ годините еден огромен скок. Но, тука е и гласот. Рустикално моќен, зачудувачки сонорен, преисполнет со здравје и сончевина. Кристално чист и благороден... Овде се и уникатната карактеристична боја на гласот, која ја прави препознатлива меѓу илјада други певици, пишуваше стручната критика. А холандските музиколози ја нареакоа легенда на една традиција која носи жив белег на едно време на еден народ. Со право, затоа што со нејзиниот глас и репертоар таа е уникатен народен пејач.

- Васка беше своевиден феномен. Беше многу сигурна на сцената, со гордост кажуваше дека никогаш пред настап или концерт не ги чита текстовите на песните за да се потсети, велеше дека песните и се запишани длабоко во сознанието. Секогаш пееше во живо, за неа беше мачење пеењето на плеј бек затоа што нејзиното пеење доаѓаше од душата и не признаваше, како што велеше, отворање на уста и никогаш и не „запеа“ така. Секогаш пееше само македонски изворни народни песни. Највеќе пееше патриотски песни, како и татко ми кој посветуваше големо внимание на песните од нашето револуционерно минато, па љубовни. Васка беше голем патриот, изгорена за Македонија и за судбината на македонскиот народ, открива братот Трпе.

Впрочем, нема генерација која не знае и не потпевнува по некој стих од песните кои таа и ги подари на Македонија. За половина век, колку што беше присутна на сцената, Васка Илиева (1923, Скопје - 2001, Скопје), отпеа безмалку 1.000 изворни македонски народни песни, различни по тематика, од кои 150 авторски композиции, и по текст и по музика.

- Голема оставштина и остави татко ми кој собираше народни песни. Васка се прочу и со интерпретација на добар дел од нив. За некои компонираше музика, а за инструменталните, ноти, ја открива братот авторската нишка на сестра му Васка.


Меѓу многубројните антологиски хитови и денес препознатливи се „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Излегол Невен Пејо“, „Сестра моли брата за вечера“, „Судбо моја судбино“, „Сношти појдов мила мамо“, „Кој што ме чуе да пеам“, „И ние сме деца на мајката земја“, „Четворица комити“, „Кога падна на Пирина“, „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи мајко, не жалај“, „Кога се мажеше што ти се чинеше“, „Врати се мило либе“, „Земјо Македонска“...

Васка Илиева е една од оние личности кои ќе бидат запаметени и по тоа што бескомпромисно се бореше за признавање на новосоздадените песни, на авторството на текстот и на композицијата на песните што се во стилот на народните, во време кога тие не се емитуваа преку Радио-телевизија Скопје. Таа и тогаш создаваше песни и ги пееше по концертите каде што беа широко прифатени од публиката.

- Нашето фолклорно богатство, изворниот народен мелос е неисцрпна ризница. Прашањето на авторството во народната песна, онаа што сега се компонира, кај нас е прашање кое се уште го нема добиено вистинскиот одговор: дали оној што ја компонирал народната песна може да биде и автор на истата? Мислам дека зад секоја, макар и онаа од пред век или два мора да стои еден автор. Ако неговото име денес не е познато, не значи дека песната никнала сама. Тогаш, зошто на новокомпонираните народни песни кои му се блиски на нашиот народен мелос, да не им се признае авторството?, беше ставот на Васка Илиева седумдесттите години од минатиот век. Таа самата се беше изгорела од неправди, да и ги присвојуваат авторските песни.

Васка Илиева всушност беше и неуморен трагач на народни умотворби на кои им даде мелодија. За нив има снимено голем број плочи и касети во сите музички продукции кои постоеја во поранешна Југославија, за европските дискографски куќи „Филипс“ и „Олимпик“, а по три нејзини касети се снимени во Австралија и во Америка. За жал во Македонија постои само една снимена касета со нејзиното име и глас за МРТВ и само едно ЦД, подоцна. Се срамела да каже дека за продукцијата на МРТ има снимено само една касета и тоа со „Песно македонска“.

- Оние кои ја сакаат македонската изворна народна песна за неа велеа дека е нејзино прво грло и ја почитуваа. Ама, повеќе надвор од границите на Македонија, прво во рамките на поранешна Југославија, и особено кај дијаспората, отколку тука – дома. Што на крајот се покажа како точно, не само преку (не)интересот за снимање на нејзини песни и нивна апстиненција во етерот: сестра ми земаше пензија преку Белграската естрада, каде од 1961 година работеше како слободен уметник, а само 1.000 денари како заслужен уметник на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, каде што ја почна кариерата. Мислам дека таа реалност и тежеше, иако вешто го криеше разочарувањето.

Имено, Васка Илиева во Белград работела со белградскиот ансамбл каде што биле собрани најдобрите пеачи од цела Југославија. Секој пеел на својот мајчин јазик, Васка никогаш не пеела српски песни, секогаш ја популаризираше македонската изворна народна и патриотска песна. Во белградскиот ансамбл останала цели десет години. Откако Македонија се осамостои, сите естрадни уметници кои дотогаш работеа во Белград, се префрлија во Македонија. И Васка сакала да го направи истото, затоа што е Македонка родена тука, ама не можела затоа што и недостасувале шест месеци.

Со татко и во светот на народната песна

Влијание врз нејзината животна определба и плодна и континуирана пеачка кариера имаат неколку значајни моменти.

Родена е во Скопје, во Бошњачко маало, сегашна населба Чаир, на 21 декември 1927 година во скромно но, многу весело музичко семејство, од мајка Доца и татко Тодор Велков Бошков, познат гајдаџија, еден од основачите на „Танец“, каде се приклучува и таа во 1950 година, како солист.

- Татко ни беше автор на хумористичната песна „Зајко кокорајко“ и беше прв гајдаџија. Васка беше мојата најстара сестра, покрај Ботка и Анѓа, а јас бев најмалиот. Со 17 години таа веќе беше мажена и работеше во Монополот. Таму пееше, а и дома пееше. Со сопругот живееја бедно, и иако татко ми на почетокот не се согласуваше со нејзината желба, таа собра храброст и запеа и, и покрај незадоволството и патријархалното воспитување на мажот и, оти морала да оди и на турнеи, се вработи во „Танец“, евоцира братот. Тој додава дека, ако на почетокот не добила негова поддршка, подоцна веќе имала разбирање од негова страна.

Првиот настап го имала на сцената на стариот скопски театар што се урна во земјотресот, со песните „Нико меанџико" и „Што имала к'смет Стамена". Со надминувањето на тремата и на предрасудите практично почнува завидната кариера на Васка Илиева која некои набргу ја нарекоа – Мајка на македонската изворна песна.

За тие свои почетоци Васка во една прилика ќе изјави: Професионално пеам од 1950 година. Татко ми работеше во „Танец“ и од немајкаде ме вработи таму, знаеше како пеам и со кои гласовни квалитети располагам. Рака на срце и ни требаа пари, бевме многу бедни, а на „Танец“ му требаа солисти, тогаш имаше само играорци. И само што почнав да работам, заминававме на турнеја. Турнејата траеше еден месец, а мене мојот сопруг не ме пушташе. Татко ми ме пушташе, а тој не сака да слушне. Јас заминав, а кога се вратив, тој ми ги зеде парите, ми ја искина носијата и ме остави на два ума – да продолжам да пеам или да останам со него? Еден ден сепак решив да му се вратам на пеењето, а маж ми ако сака нека ме остави, си реков, вака повеќе не може. И така останав со песната и со музиката“.

По некоја година, поради недоразбирањата со одговорните во „Танец", затоа што не и дозволуваат да пее кога нема концерти, Васка Илиева наоѓа ново вработување и тоа во Радио Скопје како солист. По четири години минати во Радио Скопје решила да биде слободен уметник и сама да си ја гради кариерата.

- Често знаеше да каже дека колегите и биле љубоморни, затоа што таа во народот беше многу популарна. Докажувајќи се со прекрасниот глас надвор од Македонија, ценејќи ги нејзините квалитети и понудиле да биде член во Здружението на слободни уметници во Белград. Со белградскиот ансамбл работела 10 години и со негова помош се вивна на врвот на популарноста.


- Во Белград сестра ми не живееше постојано, само долго време престојуваше таму. Повеќе може да се каже дека беше постојано на релација Белград – Скопје – Европа - Америка - Канада - Австралија - Русија... Меѓу нашинците во Пиринскиот и Егејскиот дел од Македонија, во Мала Преспа, Албанија... Постојано на турнеи.

Поради ненадминатиот стил на пеење и неповторливиот глас, Васка Илиева многу брзо станува мега популарен пеач. Во нејзината богата кариера ќе се запаметат и дуетите со уште двете легенди на нашата народна песна, Никола Бадев и Александар Сариевски.


Баба Ванѓа пријателка на Васка

Она што малку се знае е фактот дека познатата јасновитка баба Ванѓа била пријателка на Васка Илиева. Таа самата побарала да ја запознае певицата која среде Пирин одважно и храбро пее за македонските јунаци Јане Сандаски и Гоце Делчев на македонски јазик, секогаш изнудувајќи воздишки и солзи. Фамилијата не знае дали баба Ванѓа и ја предвидела славата и премрежињата во нејзиниот живот, но за сигурно знае дека баба Ванѓа била гостинка на Васка Илиева во Скопје.


- Васка со полно срце се враќаше од секое гостување кај нашите иселеници кои ја дочекуваа како да им е најблизок род, ама најмили сепак и беа гостувањата меѓу Македонците кои живеат во пиринскиот и егејскиот дел од Македонија. Кон нив беше крајно емпатична и не и беше тешко, како што велеше, песконечно да им пее. Такво нешто, така речи во буквална смисла се случило при едно гостување во селото Овчаране, Леринско кога со песна ја дочекала зората, а почнала да пее на пладне претходниот ден. Говореше, „единствено нешто што ме одржало во животот е песната на Македонците. Тие Македонци кои ме сакаат и кои заедно со мене ја пеат македонската песна во Пирин и од Егеј и оние распрскани по целиот свет“.

Васка Илиева имаше навистина да се пофали со исклучителна публика. Во својата кариера пеела пред кралицата Елизабета, пред Черчил, пред Марија Калас која ја гушнала во знак на восхит, пред Тито...

Изгубено чедо, лична среќа, семејство, врвна кариера
Васка Илиева беше искрена кога велеше дека „песната многу ми даде, ама многу и ми зеде“. Ако не и останела верна на песната, сосема без ништо ќе била, често говорела. Загубеното чедо, прокоцканата лична среќа, два развода зад себе, судбината на крајот и мнозина да те заборават...
- Може избрзав, но ете со песна си ја лечев болката... И можат сите да се фалат, да зборуваат вака и онака, ама сите несреќи во браковите наши, во животот - се е тоа од професијава наша, од песната... Така течеше и животот мој: од една страна среќна, со песната, што оставив нешто, да се слуша, а од друга, ете немаш среќа..., си ја отвораше таа душата пред јавноста во поодминатите години.
Како сама на себе да си даваше оправдување зошто целосно и беше посветена на професијата, на песната.
- Можеби да ми беше живо детето, сигурно ќе посакав да родам уште едно. А, сето она што тогаш се случи беше директна причина никогаш повеќе да не помислам да имам деца и целосно да и се посветам на песната. Знаете, кога имаш семејство, маж, деца, тогаш и обврските се поголеми. Сакала или не ќе мораш да се свртиш кон нив. Ама јас, што да правам, ми останува само песната. Но, и покрај се, јас сум пред се домаќинка, а потоа се друго, беа нејзините сумирања во медиумите.
Брат и ни појаснува дека сестра му била бремена, се породила, но што се случило ни таа самата не знаела. Од кога се породила го видела само еднаш, а ден подоцна од болницата и рекле дека детето и умрело.
- До крајот на животот Васка не веруваше дека детето и е умрено. Најмногу затоа што не и дале ниту потврда за смртта, ниту и објасниле од што починало, само ја известиле, вели братот Трпе.
Сведок на нејзината лична загуба и семејна трагедија била мајка на колешка на една од внуките на Васка која во исто време била породена во истата болница, па дури била сместена и во истата соба. По нејзино кажување, кога на Васка и кажале дека и умрело детето, таа избезумена од болка избегала од болницата таква каква што била во моментот, по ноќница и боса и веќе не се вратила. Толку трауматично го доживеала губењето на својата прва и единствена рожба. До крајот на животот Васка не го криеше сомнежот дека детето и е живо и во некои интервјуа за тоа има изјавено „дека уште кога работела во „Танец“ ја условиле – или дете или кариера, па од таму и сомнежот“.
А многу сакаше да биде мајка, да има деца, ама ете судбината се поигра со неа да остане без пород, цел живот сама. На сите ни е јасно дека во песната бараше и лек и утеха и бегство. Судбината се поигра повторно со Васка и многу години подоцна. Во екот на нејзината кариера, во нејзината петта деценија, таа се разведе од првиот сопруг, Христо Кице Илиев и потоа пак се омажи за војното лице Ристо Глоговац. За кратко.
За сите беше шок што се разведува на стари години, што се вели. Се премажи од каприц. Беше јасно дека не станува збор за цврста врска што се покажа со разводот по само две-три години брак. Вториот развод го дочека на 57 години.
Набргу по разводите и двајцата сопружници починале.
Братот раскажува дека по распадот на првиот брак, Васка си го задржа презимето Илиева затоа што со него ја стекнала целата популарност. Откако се омажила по втор пат го додала презимето Глоговац, од вториот сопруг и на неколку плочи што ги има издадено во тој период од својот живот се има потпишано Васка Илиева-Глоговац.
Доајенот на македонската музика Васка Илиева со големо македонско срце и секој нејзин здив посветен на македонската песна, замина во легендите на 4 мај 2001 година во родното Скопје во 78-та година од животот, со песните за големиот Гоце Делчев. Фаталниот мозочен удар ја пресретнал во нејзиниот дом кога се подготвувала за снимање за одбележување на смртта на легендарниот Гоце Делчев. На голем ден за Македонија, каква што беше и таа самата, и како уметник и како човек за својата татковина. Затоа што со својот извонреден талент и љубов кон Македонија Васка Илиева направи повеќе за зачувањето на македонската свест и подигање на македонскиот дух кај Македонците надвор од границите на Република Македонија, од било кој друг. Истовремено, огромна е нејзината заслуга и за зачувањето и популаризацијата на македонската народна песна.

Кети Мицковска (МИА)

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Автомобилскиот гигант очекува трошоци од милијарди евра поради поскапите суровини и чипови

Повисоките цени на суровините и електронските компоненти ќе резултираат со значително зголемени трошоци за „Stellantis“ и неговите добавувачи.

Автомобилскиот гигант очекува трошоци од милијарди евра поради поскапите суровини и чипови

Трошоци што ќе достигнат милијарди евра, предупреди Антонио Филоса, раководител во мултинационалниот автомобилски гигант.

„Во 2027 година, а веројатно и во 2028 година, ние и нашите добавувачи се соочуваме со значителен пораст на цените на суровините, како и на трошоците за мемориски чипови, печатени плочки и полупроводници“, изјави Филоса во четвртокот на годишното собрание на „ANFIA“, италијанското здружение на производители на автомобилски компоненти, одржано во Милано.

За „Stellantis“, зголемувањето на трошоците се мери во милијарди евра, истакна раководителот. Портпарол на компанијата подоцна за „Ројтерс“ појасни дека Филоса мислел на вкупната годишна база на трошоци на компанијата, која изнесува неколку милијарди евра.

Сериозни проблеми

„Stellantis“ веќе се соочува со проблеми при набавката на електронски компоненти и го прекина производството на моделот „Fiat 500“ во својата фабрика „Мирафиори“ во Торино, сè до крајот на следната недела. Компанијата предупреди дека недостигот на клучни компоненти за контролните единици на моторите би можел да предизвика тешкотии во производството на одредени модели во Италија до крајот на годината. Филоса смета дека решението за повисоките трошоци лежи во подобрување на конкурентноста, со поддршка од италијанските и европските власти, преку мерки насочени кон намалување на трошоците за енергија и прилагодување на индустриските регулативи, вклучително и оние што се однесуваат на емисиите на јаглерод диоксид.

Тој исто така потврди дека кинескиот партнер „Leapmotor“ ќе соработува со „Stellantis“ на развојот на нови електрични автомобили, кои ќе се произведуваат во фабриката на „Stellantis“ во Помиљано, Италија. Се очекува продажбата да започне во 2028 година.

Оваа нова категорија на достапни електрични возила има за цел да го оживее европскиот пазар за помали и поевтини автомобили – сегмент што моментално бележи пад.

„Партнерството со 'Leapmotor' ќе обезбеди поддршка за нашите европски фабрики и ќе овозможи заеднички развој на идни електрични и електронски решенија, една од главните области на соработка ќе биде развојот на нова категорија електрични автомобили“, заклучи Филоса.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Гренланд ќе ја промени временската зона

Како што пренесува гренландскиот весник „Сермитсиак“, до крајот на 2027 година, поголемиот дел од Гренланд ќе се врати во својата претходна временска зона, GMT-3.

Гренланд ќе ја промени временската зона

Ова следува по одлуката донесена вчера од локалниот парламент за промена на начинот на сметање на времето.

Од 31 октомври 2027 година, временската разлика помеѓу Гренланд и Копенхаген ќе се зголеми за еден час – на четири часа – додека разликата во однос на Вашингтон ќе се намали за еден час – на два часа. Гренланд и понатаму ќе го применува летното сметање на времето.

Прашањето за тоа кон која временска зона треба да припаѓа овој арктички остров со години е предмет на дебата на Гренланд. Дури во 2023 година, поголемиот дел од Гренланд премина во временската зона GMT-2, со цел да го усогласи своето време со Данска и остатокот од Европа. Иако Гренланд е дел од Кралството Данска, тој ужива висок степен на автономија.

Собрани околу 4.000 потписи како поддршка за промената

Во парламентот, гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен се спротивстави на враќањето во претходната временска зона, предупредувајќи на можни негативни економски последици, со оглед на тоа што најважните трговски партнери на Гренланд се наоѓаат во Европа.

Тој исто така истакна дека промената ќе го скрати временскиот прозорец во кој здравствениот систем на Гренланд може да се консултира со медицински специјалисти во Данска, а предупреди и на можни компликации во авионскиот сообраќај кон и од Европа.

Сепак, според „Сермитсиак“, многу жители на Гренланд се залагаат за враќање во претходната временска зона. Граѓаните собраа околу 4.000 потписи како поддршка за оваа промена. На Гренланд живеат околу 56.000 жители.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Епидемија на ебола во Африка: Над 11.000 заразени, илјадници мртви

Демократска Република Конго регистрираше повеќе од 11.000 случаи на ебола во текот на изминатите шест месеци, при што речиси половина од заразените починале, објави денеска германската новинска агенција ДПА.

Епидемија на ебола во Африка: Над 11.000 заразени, илјадници мртви

Реалниот број на смртни случаи би можел да биде и поголем. Експертите предупредуваат дека вирусот можеби се ширел незабележано уште од февруари – неколку месеци пред епидемијата официјално да биде прогласена на 15 мај.

Еболата е тешка заразна болест предизвикана од група вируси. Таа може брзо да доведе до губење течности, воспалителни реакции, нарушувања во згрутчувањето на крвта и, на крајот, до откажување на органите. Колку подоцна ќе започне третманот на симптомите, толку е поголем ризикот од смртен исход.

За овој сој не постои одобрена вакцина или третман

Раните симптоми на еболата можат да наликуваат на оние кај други болести, како што е маларијата, што во одредени случаи доведува до доцнење во изолирањето и лекувањето на пациентите. Сузбивањето на тековната епидемија е особено предизвикувачко бидејќи не постои одобрена вакцина или специфичен третман за сојот на вирусот познат како „Бундибугио“.

Досега, еболата се прошири во осум покраини во ДР Конго, а ги премина и границите на земјата. Случаи се пријавени во Кенија, Нигерија и Уганда.

Според здравствените власти, децата се најтешко погодени. Тие сочинуваат значителен дел од потврдените случаи, а истовремено се соочуваат и со поголем ризик од смртен исход.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер