3Македонецот Волкановски ја одбрани титулата Светски шампион- го нокаутира досега непоразениот Евлоев
РакометВардар ја прифаќа фаворитската улога против Чеховски МедведиРакометарите на Вардар в сабота во рамките на 2.коло од Лигата на шампионите ќе го имаат својот премиерен настап во новиот Спортски центар „Јане Сандански“. Иако „црвено-црните“ важат за големи фаворити пред овој дуел, на денешната прес-конференција, тренерот Раул Гонзалес и левото крило Тимур Дибиров повикаа на максимално залагање во текот на сите 60 минути.- Многу важен натпревар за нас. Целта е да се освојат два бода. Вардар ќе има силен противник. Воопшто групата е многу тешка, а во Лигата на шампионите многу е битно да се освојуваат бодови на секој натпревар, особено на домашен терен. Малку ме плаши психолошкиот притисок врз играчите поради тоа што стартуваме во новата сала, рече тренерот на Вардар и додаде дека кога игра дома Вардар без оглед на противникот е фаворит, но сепак тоа треба да го покаже и на терен. За левото крило Тимур Дибиров мечот со рускиот тим е од големо значење за понатамошниот тек во групата. - Сакам „Јане Сандаски“ да биде неосвоена тврдина за сите противници за Вардар. Очекувам тежок натпревар. Чеховски Медведи има силен состав. Секоја екипа има свој стил на игра па така и тие. Овој натпревар ќе биде посебен за неколкуте ракометари на Вардар кои настапувале во руската екипа меѓу кои сум и јас. Од друга страна, Вардар сака да направи една победничка серија која верувам дека започна во Целје, а ќе продолжи на следните три дуели од Лигата на шампионите, нагласи Дибиров. Натпреварот Вардар – Чеховски Медведи ќе почне во 19 часот. Од раководството на македонскиот тим информираа дека во продажба се останати уште малку билети. Вратите на СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат отворени од 17 часот. Еден дел од средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за хуманитарни цели.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаСе намалуваат цените на бензините, цената на дизелот останува истаМалопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 5,00 ден/лит.Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,89% во однос на одлуката од 19.10.2026 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек кај бензините за 8,120%, кај дизелот има зголемување за 0,404%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,074% и кај мазутот има зголемување од 2,060%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3292%. Во Одлуката на РКЕ е применета владината одлука за намалениот износ на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) во износ од 10% и е применет намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V). Од 27.10.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 91,00 (денари/литар) Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 93,00 (денари/литар) Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 99,00 (денари/литар) Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 110,00 (денари/литар) Мазут М-1 НС 54,273 (денари/килограм) Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 5,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,694 ден/кг. и сега ќе изнесува 54,273 ден/кг. Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 27.10.2026 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.Тагови: бензините Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаФранција и понатаму нестабилна: Полицискиот час останува на силаФранцускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, денеска изјави дека 1.435 лица биле приведени за време на протестите во Франција овој викенд, како и дека полицискиот час ќе остане на сила во одредени градови и региони низ земјата.Според него, полицискиот час останува во сила поради социјалните немири, како и поради очекувањето дека ситуацијата нема значително да се промени во наредните денови. Нуњез за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека за време на протестите во Франција викендов биле повредени 267 припадници на безбедносните сили – од кои повеќето се здобиле со полесни повреди – како и повеќе од 250 демонстранти. Тој истакна дека француските власти успеале да ги држат под контрола протестите што се одржаа низ Франција во саботата и дека не биле забележани „никакви сериозни инциденти“. Сепак, Нуњез укажа на „многу високо ниво на насилство врз полициските службеници“, конкретно насилство што доаѓа од елементи на „крајната левица“ кои им се приклучиле на протестите. Тој нагласи дека овие елементи од крајната левица биле држени под контрола во саботата, за разлика од протестите што се одржаа на 17 октомври. За протестите во саботата, француските власти ангажираа околу 70.000 полицајци и жандарми низ целата земја. Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите низ Франција учествувале околу 410.000 луѓе, додека синдикатот ЦГТ проценува дека бројката изнесува околу 800.000. Во Париз, според податоците на полицијата, протестирале околу 110.000 луѓе, додека според проценките на синдикатите, таа бројка изнесувала 250.000. Тагови: Франција Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаБожиновска ги претстави резултатите во енергетиката и рударствотоБожиновска истакна дека парламентарната контрола е составен дел од демократското работење и дека интерпелацијата е можност пред граѓаните да се дадат конкретни одговори за преземените политики и постигнатите резултати.Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето пред Собранието по повод интерпелацијата за нејзината работа ги претстави резултатите на Министерството и одговори на обвинувањата за управувањето со енергетскиот сектор, цената на електричната енергија и користењето на минералните суровини. Таа ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки и да не ја прифатат интерпелацијата. Божиновска истакна дека парламентарната контрола е составен дел од демократското работење и дека интерпелацијата е можност пред граѓаните да се дадат конкретни одговори за преземените политики и постигнатите резултати. „Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на тврдењата врз кои ја барате“, порача министерката. Во одговорот на обвинувањата, таа направи разграничување меѓу надлежностите на Министерството, Владата, ЕСМ, МЕПСО, Регулаторната комисија за енергетика и другите институции. Посочи дека одговара за енергетската политика, планирањето, сигурноста на снабдувањето, обновливите извори, енергетската ефикасност, рударството и минералните суровини, но дека Министерството не ги води оперативните набавки, комерцијалните договори и производството на ЕСМ. За тарифните одлуки ја нагласи независната улога на РКЕ и објасни дека Министерството не може да ѝ наложи каква тарифа да донесе. „Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука“, истакна Божиновска. Посебно се осврна на постапката за избор на универзален снабдувач, наведувајќи дека одлуката за нејзино започнување е од 17 октомври 2023 година, комисијата е формирана на 7 ноември 2023 година, а аукцијата и владините заклучоци за изборот се од април 2024 година. Наспроти оваа хронологија, Министерството за енергетика е основано во јуни 2024 година. „Како може да ми припишувате организација на постапка што започнала и завршила пред воопшто да постои Министерството?“, праша Божиновска, додавајќи дека ниту ја водела комисијата ниту била министерка кога таа одлучувала. Во однос на наводите за продажба на ЕСМ, министерката нагласи дека не постои одлука на Министерството за продажба на компанијата и побара тврдењата за распродажба да бидат поткрепени со конкретен акт и постапка. Зборувајќи за цената на електричната енергија, Божиновска ја образложи политиката за заштита на домаќинствата од ценовни шокови. Според нејзиното обраќање, цената по која ЕСМ обезбедува енергија за универзалното снабдување е дел од јавната политика за достапност на струјата за граѓаните. Притоа ги разграничи производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа, нагласувајќи дека тие не смеат да се претставуваат како иста категорија. Повикувајќи се на доставените секторски податоци, наведе дека производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час. Меѓу клучните резултати, министерката го издвои новиот Закон за енергетика. Според податоците што ги претстави, во собраниската постапка биле прифатени 64 од 74 поднесени амандмани, по јавни консултации и усогласување со Енергетската заедница. Таа посочи дека новата рамка ги уредува складирањето на енергија, енергетските заедници и поактивното учество на потрошувачите, а на компаниите им обезбедува појасни правила за инвестиции. Божиновска се осврна и на Националниот план за енергија и клима за 2025–2030 година, кој содржи 61 мерка, како и на годишното планирање на новите енергетски објекти. За 2026 година го наведе планскиот опфат од околу 4.417 мегавати и 96 системи за складирање, со јасна ограда дека реализацијата зависи од понатамошните услови за приклучување, дозволите и спроведувањето на проектите. Во делот за инфраструктурата, таа ги истакна конечната сертификација на МЕПСО во 2026 година, пуштањето во употреба на новиот трансформатор во Битола 2 и решавањето на долгогодишното прашање со запишувањето на објектите во сопственост на компанијата. Посочи и на продолжувањето на работата на интерконекцијата со Албанија и трафостаницата Охрид. Развојот на гасната инфраструктура го претстави како можност за повеќе правци на снабдување и помала зависност од една врска. Ги издвои интерконекторот со Грција, договорот за македонскиот дел од поврзувањето со Србија, пристапувањето кон рамката на Вертикалниот гасен коридор и работата на можноста за поврзување со Косово. За интерконекторот со Грција наведе дека по новата тендерска постапка најниската понуда се намалила од 70,3 на 59,95 милиони евра. „Овие се енергетските автопати на државата“, порача Божиновска, истакнувајќи го нивното значење за индустријата, конкуренцијата во снабдувањето и идните транзитни услуги. Во социјалниот дел од енергетската политика, министерката ги претстави мерките за домаќинствата што тешко ги покриваат трошоците за енергија. Наведе дека во програмата за 2025 година се издадени 3.750 ваучери од по 28.000 денари, во вкупна вредност од 105 милиони денари, а во програмата за 2026 година се реализирани 480 електронски ваучери. Годинашната мерка, според нејзиното обраќање, е насочена кон домаќинства со лица и деца со попреченост. Божиновска го издвои и планот за енергетска обнова на 14 јавни објекти со околу 103.000 квадратни метри, во кои работат 33 институции. За праведната транзиција во Битола и Кичево посочи на 676 лица што завршиле програми за обука со ЕСМ и ЕБОР и на платформа со 84 проекти со проценет обем од околу 1,79 милијарди евра. Во рударството, министерката ги претстави повисоките концесиски надоместоци и зголемената наплата како резултати од вреднувањето на државните ресурси. Според изнесените податоци, надоместокот кај металичните минерални суровини е зголемен од два на четири проценти, кај мермерот од еден на пет проценти, а кај соодветната категорија неметалични суровини од 11 на 30 денари по тон. Вкупната наплата, како што наведе, пораснала од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година. Таа нагласи дека повисоката наплата не ја отстранува обврската да се постапува за секој заостанат долг. Во тој контекст посочи на 53 раскинати концесиски договори и на зајакнување на инспекцискиот капацитет со тројца дополнителни инспектори во 2026 година. „Тоа е порака дека концесијата не е безусловно право и дека секоја обврска мора да се почитува“, истакна Божиновска. Министерката ја поврза поддршката за инвестиции со заштитата на животната средина и финансиската одговорност на концесионерите. Посочи дека во новата законска рамка се предлага финансиско покритие од 100 проценти на проценетите трошоци според соодветниот план за рударскиот отпад и поврзаните обврски. „Не сакаме загрозување на животната средина и не сакаме да нанесеме штета на населението и државата“, порача таа. Додаде дека познавањето на геолошкиот потенцијал не претставува однапред дадена дозвола за отворање рудник. Во обраќањето, Божиновска го истакна резултатот од 100 проценти на Министерството во Индексот на активна транспарентност за 2026 година. Повтори дека Министерството останува отворено за пратениците и дека критиката треба да биде дел од демократската контрола, со одговорност за точноста на изнесените тврдења. „Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост. Не може различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот. И не може обвинувањето да стане факт само затоа што е напишано во интерпелација“, истакна Божиновска. Министерката го заврши обраќањето со порака дека ќе продолжи да носи одлуки во рамките на своите надлежности и да одговара за нив пред граѓаните и Собранието. „Функцијата е привремена. Одговорноста кон државата останува. А вистината не се утврдува со бројот на пишани критики, туку со силата на доказите“, заклучи Божиновска. Министерство за енергетика, рударство и минерални суровиниТагови: Сања Божиновска Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter