Утре завршува комисиската општа расправа за буџетот за 2022

Собраниската Комисија за финансирање и буџет утре ќе го одржи последниот ден од општата расправа за Предлог- Буџетот за следната година, а во сабота ќе ја почне амандманската расправа која се очекува да заврши во среда. 

За предлог-буџетот опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 220 амандмани. Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите активности по автобуската несреќа во која според последните информации загинаа 44 лица.

Доколку не дојде до некое повторно одложување, се предвидува, според информации од пратениците, амандманската расправа да заврши во среда, а потоа текстот да се врати на Владата која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собрание, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расравата трае пет дена.

Иако по неуспешниот обид за гласање недоверба на Владата, земјата се наоѓа во политичка криза и има преговори за зголемување на бројот на пратениците во парламентарното мнозинство, сите пратенички групи во Парламентот се согласни дека тој треба да се донесе пред крајот на годината. Дури и најавите за формирање на нова влада, како што велат, нема да го променат ставот дека Буџетот треба да се донесе.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште на првиот ден од расправата оценија дека Предлог – Буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци, но и дека ќе следи ребаланс во првиот квартал.

Од владејачката СДСМ тогаш апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Обезбедува, посочија, редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења.

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека наредната година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит.

-Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, рече тој.

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Трамп e подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со Орбан

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во видео-порака, Трамп изјави дека со нетрпение очекува тесна соработка со Орбан кога, како што изјави, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесуваат американските медиуми.

Трамп, во пораката, го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.

Пораката на Трамп беше емитувана на собир во БУдимпешта на Конзервативно-политичката акциска конференција (CPAC) што е најистакната конзервативна организација во САД.

Тоа беше трет собир на CPAC во Унгарија.

Орбан беше еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа за време на неговото претседателствување, а двајцата се сретнаа на Флорида минатиот месец.

По нивниот состанок, Орбан ја истакна својата јасна поддршка за Трамп и додаде дека само враќањето на Трамп во Белата куќа може да донесе мир во Украина.

Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите од НАТО

 Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите од НАТО, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки. на Шангајската организација за соработка во главниот град на Казахстан, Астана.

Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот. /МИА

Малолетник се сомничи дека извршил обљуба врз малолетничка од Струмичко

 Полицијата сомничи малолетник од струмичко село дека вчера извршил обљуба врз малолетничка од Струмичко, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според соопштението, вчера во Полициската станица во Струмица во присуство на родител бил повикан малолетникот, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, по чии насоки се преземаат мерки за негово расчистување.

Инаку, вчера полицијата информираше за уште еден случај за обљуба врз малолетничка. Четиресет и пет годишен жител на Радовиш се сомничи дека во периодот од јануари до април во повеќе наврати извршил обљуба врз малолетничка од радовишко село.

притисни ентер