Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок

 Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница беше донесена конечната одлука.

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.

Подносители на иницијативите се Финмак ДОО, Скопје (У.бр.179/2023), Стопанска комора на Република Македонија (У.бр.183/2023), ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје (У.бр.187/2023), Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје (У.бр.190/2023) и Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири + Партнер ДОО (У.бр.197/2023).

Судот, во ноември минатата година, изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.

Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот.

Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данок во 2022 година. Судот во оваа фаза оценува дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост,како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.

Премиерот Христијан Мицкоски, во јануари годинава рече дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ќе бидат вратени.

-Ние враќаме многу работи кои ги задолжиле претходните. Многу пати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата зашто дефакто Буџетот е оштетен, а може утре и камати да ни побараат ако донесе таква одлука Уставниот суд, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежни активности на патот Катланово-Градманци во општина Петровец.

Нагласи дека одлуките на Уставниот суд се конечни и не може да се коментираат и додаде дека станува збор за пари кои им припаѓаат на сите граѓани, а Владата само менаџира со нив.

Западни весници за претстојната средба на Лавров и Рубио во Ријад

  „Војната во Украина: пренабрегнати од Трамп и Путин, на крајот од мини-средбата во Елисејската палата, Европејците беа поделени по прашањето за испраќање војници“, пишува францускиот весник „Монд“.

„Војната во Украина: пренабрегнати од Трамп и Путин, на крајот од мини-средбата во Елисејската палата, Европејците беа поделени по прашањето за испраќање војници“, пишува францускиот весник „Монд“.

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа собра осум европски лидери и шефови на НАТО и ЕУ, помалку од една недела откако Вашингтон и Москва се договорија да започнат „итни“ разговори за ставање крај на конфликтот. Но, дали средбата ќе биде пример за неефикасни напори? Министрите за надворешни работи на САД и Русија - Марко Рубио и Сергеј Лавров - во моментов треба да се сретнат во Ријад за да започнат со „нормализација“ на нивните односи. Европските лидери во Елисејската палата, сепак, не успеаја да покажат единство, но сепак се надеваат дека ќе одиграат улога во претстојните преговори за ставање крај на војната во Украина, и покрај спротивните сигнали од Вашингтон и Москва, нагласува француското издание, истакнувајќи дека Макрон се воздржал од сумирање на резултатите од состанокот на кој бил домаќин.

Можноста за потенцијален договор меѓу Трамп и Путин ја шокира Европа, нагласува британскиот „Економист“. Лидерите влегоа во Елисејската палата на итниот состанок во мрачно расположение. Тие се уште не се опоравиле од пораката што во текот на викендот ја испратија членовите на администрацијата на Доналд Трамп - дека Европејците немаат место во мировните преговори за Украина, кои ќе се одржат меѓу САД и Русија, и дека „суровата стратешка реалност не дозволува САД да се фокусираат првенствено на безбедноста на Европа“, како што рече министерот за одбрана Пит Хегсет.

Непосредно пред итно свиканата средба, британскиот премиер Сер Кир Стармер го нарече „генерациски предизвик“ за континентот. Но, и покрај ова, имаше несогласувања околу испраќањето војници во Украина, наведува британскиот весник.

Британскиот весник Гардијан, од своја страна, го цитира Стармер кој вели дека евентуалната американска поддршка ќе биде од витално значење за одвраќање на идните руски напади врз Украина. Тој посочи дека на секоја мировна сила ќе им треба воздушно покривање, што само САД можат да го обезбедат. Но, распоредувањето на европските мировни сили е единствениот начин да се спречи евентуален нов напад од Русија, нагласи британскиот лидер. По состанокот на кој европските лидери повикаа на значително зголемување на трошоците за одбрана, тој го повика Трамп да обезбеди американска поддршка за европските мировни сили.

Некои лидери на состанокот - особено германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се кандидира на избори оваа недела - сакаа да блокираат каква било дискусија за можноста европските сили да помогнат да се спроведе прекин на огнот во Украина, забележува британскиот весник. Но, Стармер, откако во неделата начелно се обврза да испрати британски војници, продолжи да го притиска прашањето - и отиде понатаму, сугерирајќи дека распоредувањето на такви сили ќе има смисла само со поддршка од САД.

Најјасен консензус на самитот беше за зголемување на трошоците за одбрана, нагласува весникот. „Гардијан“, повикувајќи се на изјави на полскиот премиер Доналд Туск. Шолц, исто така, рече дека сака да се фокусира на тоа како Европа може да го отстрани зголемувањето на трошоците за одбрана од правилата за фискалниот долг.

Шолц ја критикуваше одлуката на Трамп да ги забрза мировните преговори со Русија и го опиша како „крајно несоодветно“ да се започне дебати за резултатите од преговорите кои сè уште не се одржани и се водат без учество на Украина.

„Нам ни е кристално јасно: мора да продолжиме да ја поддржуваме Украина - и таа мора и може да смета на нас“, нагласи германскиот канцелар.

Данскиот премиер Мете Фредериксен рече дека сите европски земји треба да ја зголемат поддршката за Украина и сопствените трошоци за одбрана. „За жал, Русија сега и се заканува на цела Европа“, нагласи таа.

Европските лидери се повеќе се загрижени дека Трамп брза да склучи итен прекин на огнот со Русија без Украина и Европа да можат значително да влијаат на неговата содржина, наведива Гардијан“.

„Воената слабост на Европа значи дека никој не обрнува внимание на тоа“, пишува британскиот весник. „Телеграф“ во напис на полковник Ричард Кемп. „Европа ќе ги даде гаранциите. Се додека САД им гарантираат“, забележува пензионираниот британски офицер.

Откако ги предупреди европските членки на НАТО да престанат да ја користат бесплатната американска заштита, претседателот Доналд Трамп скромно ја остави Европа надвор од директните преговори за ставање крај на војната со Украина. Дали ќе доведат до нешто, засега не знаеме. Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот американски колега дека е заинтересиран за мир, но тоа не значи ништо, а Русија во последните недели го зголемува темпото на воените операции на украинска територија.

Иако специјалниот пратеник на САД за Украина, генералот Кит Келог, изјави дека Русија ќе мора да направи територијални отстапки и обврски против идната агресија во Европа, каков било договор Малку е веројатно дека ќе заврши со замрзнат конфликт приближно долж сегашната линија на фронтот, при што Русија контролира околу 20 отсто од суверена украинска територија, нагласува Кемп.

Колебливиот одговор на Европа на потенцијалниот замрзнат конфликт не се разликува од нејзината поддршка за Украина во текот на трите години од таа војна - зависна од САД за сè освен за декларации, ентузијастички разговори и какви било пари што може да се заштедат од надуените социјални буџети. Во исто време, Бајден одби целосно да го замени европското учество, разубеден од нуклеарно вооружената Русија.

И сега го имаме Трамп, кој разбирливо е иритиран од неможноста на Европа да се грижи за сопствената одбрана и сака да му даде приоритет на справувањето со она што тој го гледа како поголема закана за интересите на САД во форма на Кина.

Недостатокот на вистинска визија за она за што се залагаат ги натера европските лидери, вклучително и британските, да ги стиснат рацете пред заканите со кои се соочуваат, но без средства да се одбранат. Ова ја остави Украина фатално ранлива, а Русија без сопирачки го штити европскиот континент од идна агресија, нагласува британскиот полковник во пензија.

Американскиот државен секретар Марко Рубио веќе се сретнал со престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман за да разговараат за Газа и Украина, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Првата посета на Рубио на Ријад по преземањето на функцијата се одржа во позадина на неизвесност за иднината на Газа и Украина и критики за едностраните одлуки на САД во врска со војните во двата региона, наведува американското издание.

Пожар во куќа во центарот на Куманово

- Опожарен е подрумскиот дел на објектот на улицата „Перо Чичо“. Направена е материјална штета, причината за пожарот ќе се утврдува, информираа од РЦУК.

Три противпожарни возила и деветмина пожарникари ноќеска гаселе подрумски простории на семејна куќа во центарот на Куманово, соопштија денеска од регионалниот центар за управување со кризи. Пожарот избувнал околу 23 часот, а бил изгаснат во 05:45 часот, утрово.

- Опожарен е подрумскиот дел на објектот на улицата „Перо Чичо“. Направена е материјална штета, причината за пожарот ќе се утврдува, информираа од РЦУК.

И денеска една противпожарна екипа интервенира во исцрпување на вода. Од пожарот, како што информираа од ТППЕ Куманово биле зафатени и пластични цевки за водовод, што предизвикало дополнително истекување на вода.

Од почетокот на годинава досега имаше неколку пожари на објекти, семејни куќи. Според податоците на противпожарната единица од почетокот на годинава, досега има околу 50-тина пожари вкупно, најголем процент на отворен простор.

Светска банка наскоро ќе објави проценка на материјалната штета во Појасот Газа

 Светска банка ќе објави проценка за штетите на инфраструктурата во Газа, заедно со ажурирана проценка на штетите во Украина на 25 февруари, изјави денеска извршната директорка Ана Бјерде.

Таа нагласи дека извештајот за Газа, подготвен заедно со Обединетите нации и Европската Унија, ќе даде поцелосен преглед на штетите што ги претрпе палестинската енклава во војната со Израел, пишува „Тајмс оф Израел“.

Извештајот објавен од Светската банка во април покажа дека Газа претрпе штета од 18,5 милијарди долари на критичната инфраструктура во првите четири месеци од војната, објави Ал Џезира.

Се проценува дека како резултат на израелското бомбардирање, речиси 60 отсто од сите згради во енклавата биле оштетени или уништени, а најтешко е погоден градот Газа, со уништени 74 отсто од зградите.

притисни ентер