Уредбата за враќање на плажите на Охридското Езеро во првобитна состојба ја подели јавноста

Владина Уредба за враќање на плажите на Охридското Езеро во првобитната состојба пред издавањето под концесија ја подели јавноста во Охрид и Струга, на генерално спротивставени ставови.

Граѓаните ги искористија социјалните мрежи за да ги изнесат дијаметрално различните видувања по одлуката. За дел од нив плажите се украс на крајбрежјето, издавањето под концесија резултирало со уредување на просторот, со нагласок и на економскиот фактор дека голем број граѓани живеат од стопанисувањето со нив, оти значајно придонесуваат во локалната економија. За други концесијата значи едноставно начин да се дозволи богатење на поединци, атак врз природниот изглед на езерото, присвојување на јавниот простор и узурпација, одземање на простор од граѓаните кои, како што велат, останале без плажа на езерото и слично.

Самите поранешни концесионери веднаш реагираа на Уредбата, со забелешки дека е работи за неосмислен обид на решавање на проблем што постои со години наназад.

Владината уредба значи барање од концесионерите на плажите на Охридското Езеро да ги вратат во првобитна состојба, односно уривање на голем број објекти на крајбрежјето. Во дел од тие објекти навистина се вложени големи материјални средства, но сепак со ставањето на потпис врз документот за стопанисување истите концесионери се обврзаа после истекот на закупот просторот да го вратат во првобитна состојба.

Тиа признаваат дека договорите за концесија не се продолжени од пред две до три години, но оти тоа не било поради нивна вина односно не им била дадена шанса за продолжување на концесиите.

-Последната наша концесија заврши во 2017 година, оттогаш ние чекаме да се среди ова прашање, дали со наддавање или доделување. Ние сме подготвени да ги прифатиме одлуките на општината, но не се најде за овие 3-4 години решение за тој проблем и сега наеднаш дојдовме во ситауација во која се најдовме, изјави Митко Пендов, концесионер на плажата „Потпеш".

Тој вели дека Уредбата која е со законска сила ќе мора да се почитува, но оти веќе им е смачено да бидат третирани како криминалци затоа што тие придонеле за уредување на простор што бил запуштен и воопшто непосетен од гости претходно.

-Ние ќе ја почитуваме одлуката без разлика на финансиските импликации. За жал најмногу ќе изгубат вработените, градот Охрид како понуда и државата во однос на финансиските средства што секоја година ги уплаќаме по основ на даноци и придонеси. Преку лето вработувавме 40 лица. Во текот на зимата на платен список задржавме 12 лица иако не работевме. Некој треба да размисли дека штетата што ќе се направи од овие избрзани чекори не ќе може да се надомести долги години. Некој треба да се свести и да го гледа развојот на Охрид, рече тој.

Некои од концесионерите дури и ги подмириле обврските кон државата и општината за 2019 година, а сега се соочуваат со нешто неочекувано. Концесионерите на плажата „Куба Либре", едно од напознатите и најпосетуваните места на брегот на Охридското Езеро со забелешка дека на овој начин се постоветуваат концесионери кои работат по сите норми и кои ги почитуваат одредбите, со поединци кај градат на диво и кај кои системот не успеал да воспостави владение на правото.

Но, реакции по одлуката има и од останатите угостители во градот, кои од порано укажуваа на нефер однос на државата кон нив токму поради работењето на одредени објекти на крајбрежјето. Според нив, поради нерешеното прашање околу концесионерството одредени објекти на крајбрежјето со години работаат без придонеси кон државата или плаќаат само симболични средства, а стопанисуваат со голем простор, со објекти од цврста градба и тоа во текот на целата година и уште повеќе – во летните месеци преку ден како плажа, навечер како кафе-бар, дури и како ноќни клубови, што според нив е нелојална конкуренција за оние локали што плаќаат високи кирии за закуп и давачки кон државата по сите основи.

Поделеноста по однос Уредбата највидлива е токму во реакциите на локалните самоуправи во Охрид и во Струга. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески смета дека на тој начин конечно ќе се стави ред во искористувањето на брегот на Охридското Езеро за туристички цели.

-Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност, е ставот Георгиески. Според него, уредбата ќе придонесе за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство, а исто така ќе придонесе и за исполнување на насоките на УНЕСКО.

За разлика од него, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко одржа средба со концесионерите со плажи на струшкиот дел од крајбрежјето, на која било оценето дека се работи за погрешна одлука што ќе има сериозен негативен импакт врз туризмот и локалната економија. Струшката локална самоуправа со став дека одлуката ќе ја обжали пред Уставниот суд, со предлог прашањето околу стопанисувањето со плажите и крајбрежјето да се уреди со нов закон.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, синоќа појасни дека Уредбата останува на сила, а се предвидува откако плажите ќе бидат вратени во првобитна состојба, истите да бидат вметнати во Планот за управување со Охридското Езеро, а потоа општините Охрид и Струга да можат да носат одлука дали ќе распишуваат повици за стопанисување, која плажа ќе се издава, за каква намена и слично.

-Одлуката е директно врзана со препораките на УНЕСКО и имплентација на Планот за управување со Охридското Езеро…Ситуацијата не е идеална, но и ние како Влада и граѓанскиот сектор и сите граѓани имаме иста цел – сите заедно да се бориме за Охрид и тоа не поради УНЕСКО, туку поради нас. Пристапот можеби ни е различен, но целта ни е заедничка, рече Адеми.

Владата на 63-та седница ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, а предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително треба да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба. /МИА

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер