Иако „петката“ на Рено отсекогаш била замислена како народен автомобил, симпатичен компакт кој ќе биде верен придружник на француските и европските семејства, од 1980 година и првото турбо, овој модел е на мета на љубителите на возењето.
Renault 5 Turbo помина низ две изданија, двете подеднакво екстремни, а потоа пристигна и третата генерација. Како и основниот модел, кој беше реинкарниран како моден електричен градски автомобил, верзијата Turbo исто така стана електрична. Името е Turbo 3E, а единствената допирна точка со неговите претходници се екстремните перформанси. И погон на задните тркала.

155.000 евра
И цената која штотуку е објавена. Како што велат од Рено, за нивниот најрадикален модел ќе бараат неверојатни 155.000 евра, и тоа за првите 500 примероци. Станува збор за основната цена без дополнителни опции или персонализација, на која дефинитивно треба да се смета со поскап примерок.
Маката за клиентите не завршува тука, бидејќи сите заинтересирани заедно со нарачката ќе треба да платат неповратна аконтација од 50.000 евра. Имено, Renault напоменува дека парите од уплатите ќе бидат искористени за комплетирање на развојот на моделот. Сите што ќе платат ќе бидат контактирани на почетокот на следната година, а потоа ќе имаат можност да учествуваат во персонализирање на автомобилот и дополнително зголемување на цената на автомобилот.

Автомобил без конкуренција
Renault 5 Turbo 3E има монококна карбонска шасија и е придвижуван од два електрични мотори од 540 КС. Достигнува 100 km/h за 3,5 секунди, а има батерија од 70 kWh која обезбедува автономија од околу 400 km.
И за крај, да напоменеме дека овој модел нема директен ривал на пазарот, како по перформанси, така и по цена. Не се сомневаме дека продажбата ќе биде успешна, но впечатокот е дека на оваа 5-ка сепак ѝ недостигаат малку гените на својот претходник.