Унгарија испраќа полицајци на границите на Северна Македонија со Србија и Грција

 Унгарските власти соопштија дека 15 полицајци ќе бидат распоредени како испомош на границата меѓу Србија и Северна Македонија, а 30 на границата меѓу Северна Македонија и Грција.

Како што се наведува во соопштението, мерката се презема поради спречување на илегални премини во Србија и Северна Македонија и апсења на трговци со луѓе.

Полициските единици ќе бидат опремени со возила, кои ќе можат да се движат надвор од автопатиштата, со уреди за ноќно набљудување и со термални камери.

– Унгарската полиција продолжува да соработува со локалните сили за заштита на границите меѓу Србија и Северна Македонија, како и Северна Македонија и Грција, соопшти унгарското МВР.

Израелската армија го потврди убиството на висок функционер на Хезболах

Израелската војска потврди дека го убила Али Абед Асан Наим, заменик командант на ракетната дивизија на Хезболах. Тој бил убиен во напад со беспилотно летало во либанскиот регион Базуриех, објавија британските медиуми.

Израелската војска соопшти дека Наим насочил ракетен истрел со тешка боева глава кон израелска територија од Либан. Според израелските воени претставници, убиениот висок функционер на Хезболах бил одговорен за планирање и извршување на напади врз израелски цивили.

„Хуавеј“ минатата година со двојно поголем профит

Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ денеска соопшти за значително поголем профит во 2023 година, благодарение на силните резултати од неговите оддели за обработка заснована на Интернет и софтвери за автомобили.

Приходите на компанијата се зголемија за 9,63 отсто минатата година, на 704,2 милијарди јуани (99,4 милијарди долари).

Нето добивката се зголеми повеќе од двојно и изнесуваше 86,9 милијарди јуани.

Главниот столб на компанијата минатата година беше неговиот оддел за опрема за ИКТ инфраструктура, со приход од 362 милијарди јуани, што е за 2,3 отсто повеќе од 2022 година. Голем број западни земји забранија инсталирање на опрема на „Хуавеј“ во мобилните мрежи, повикувајќи се на националната безбедност.

Бајден: Постојано работиме да издејствуваме ослободување на Гершкович

Белата куќа објави изјава од претседателот Џо Бајден по повод навршувањето на една година руски затвор на новинарот на Волстрит џурнал, Иван Гершкович.

-Новинарството не е злосторство и Иван замина за Русија да ја врши својата работа на известувач со ризик за неговата безбедност за да се открие вистината за жестоката агресија на Русија против Укаина. Веднаш по неговото неправедно и незаконско задржување тој од затворот испрати писмо до своето семејство, изјави претседателот на САД.

Во писмото новинарот напишал дека „не губи надеж“.

-Како што им кажав на родителите на Иван, јас исто така не губам надеж. Ќе работиме секојдневно да издејствуваме негово ослободуање, рече Бајден.

Тој вети дека САД и понатаму ќе ги осудуваат и ќе воведуваат мерки „за обидите на Русија да ги користи Американците како монети за размена“.

Гершкович беше задржан лани во март. Оттогаш е се уште во притвор и чека судење по обвинение за шпионажа, што е категорично отфрлено од него, неговиот работодавач и владата на САД.

Во случај да биде прогласен за виновен, тој може да биде осуден на 20 години затвор./МИА

притисни ентер