Украински борач тргнал да се поздрави, тетовираниот противник го нокаутирал (ВИДЕО)

Контроверзниот италијански ММА борец и поранешен дилер Валтер Пуљези по повеќе од една година се врати во октагонот и во склад со својот имиџ оствари атрактивна и контроверзна победа против Украинецот Константин Линик.

Пуљези, наречен Кракен и препознатлив по тетоважите по целото тело, вклучувајќи ја и главата, во младоста бил зависник и дилер и поминал повеќе од две години во различни установи за рехабилитација, каде што бил преместуван поради проблематично однесување.

Сега има осум победи и три порази во својата ММА кариера, но со подмолен потег дојде до победата оваа сабота, на настанот Златен кафез 6 во Италија.

Украинецот полека тргнал кон средината на кафезот со подадена рака за да го поздрави противникот со ракавици. Кракен не бил заинтересиран за поздравот, но налетал на Линик со полна сила и пред да сфати што се случува, го соборил до оградата со летечко колено, а потоа го удрил уште шест пати пред судијата да ја прекине борбата по само седум секунди.

Поздравот со ракавици пред борбата е своевидна традиција, но не е ниту пропишан ниту задолжителен, па Линик на незгоден начин научил дека не треба непромислено да се чуваат традициите. Пуљези, пак, сигурно нема да се натпреварува за награди за фер-плеј.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер