Украинската армија соопшти дека соборила руски борбен авион

Украинските сили објавија дека денеска собориле руски борбен авион, додека Русија тврди дека постигнала напредок во источна Украина.

Руски авион Су-25 бил соборен во близина на градот Константинивка, во областа Доњецк, изјави шефот на воената администрација на градот, Сергиј Горбунов, за украинската јавна телевизија. Објавените фотографии прикажуваат остатоци од авион, откако се урнал врз куќа, предизвикувајќи пожар.

Од своја страна, руските сили објавија дека денеска го зазеле селото Желане Друе, исто така во Доњецката област.

Доколку оваа информација се потврди, тоа значи дека селото паднало под руска контрола само три дена по повлекувањето на украинските сили од градот Угледар, кој се наоѓа на околу 33 километри оддалеченост, каде повеќе од две години се водеа жестоки борби.

Иако загубата на Угледар е малку веројатно дека драстично да го промени текот на војната, таа укажува на влошувањето на позицијата на украинската армија, делумно како резултат на одбивањето на САД да дозволат на Киев да изведува удари длабоко во руската територија, што спречува Украина да ја уништи руската воена моќ, забележуваат американски медиуми. /МИА

СДСМ: Освен сертификатот за англиски на Христовски Обвинителството треба да го истражи и стажот

Освен сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за којшто медиуми и во Македонија и во Бугарија покажаа дека е фалсификат, Обвинителството треба да го истражи и стажот.

Документи доставени од свиркачи до СДСМ покажуваат сериозни пропусти. Според изводите од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, може да се оспори еден од клучните услови кој што е потребен а тоа е стаж од 5 години на раководна функција. Многу лесно може да се утврди дека го нема.

Значи Христовски свесно употребил фалсификуван документ за да ја добие оваа позиција, што претставува кривично дело. Очигледно и свесно навел само години без прецизни датуми за неговиот стаж на раководни позиции. Затоа обвинителството треба да го истражи и овој аспект.

Во контекст на овој скандал со партизација на АНБ, јавноста веќе е запознаена дека две директорки се казнети за лажни сертификати од истото место – компанијата Јулија ЦО ЛТД, од каде што е и сертификатот на Христовски.

Ова се сериозни законски и етички прекршувања кои бараат итна реакција од надлежните институции.

СДСМ повикува Министерството за внатрешни работи веднаш да покрене кривична пријава против Христовски, а Јавното обвинителство да го расчисти случајот во најкраток можен рок.

СДСМ ќе продолжи да инсистира на законитост и одговорност, за да ги зачуваме професионалците и функционалноста на безбедносните структури на државата, се наведува во партисакото соопштение.

Млад фудбалер и неговата девојка се меѓу жртвите во Нови Сад: Почивајте во мир, ангели

Фудбалскиот клуб Потисје од Кничанин во Србија на Фејсбук објави дека нивниот играч Милош Милосављевиќ е еден од загинатите во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

До него била неговата девојка Анѓела Руман.

„Со голема тага и неопислива болка ја известуваме јавноста дека нашиот соиграч, пријател и брат Милош Милосављевиќ Киви (роден 2003 година) и неговата девојка Анѓела Руман (родена 2004 година) ги загубија животите во страшна несреќа во Нови Сад.

Почивајте во мир ангели, никогаш нема да бидете заборавени“, објавија на Фејсбук.

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89 отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле.

притисни ентер