Украинците објавија прва фотографија од македонските воени хеликоптери на фронтот

На телеграмскиот канал Military Informer (Военный Осведомитель, воен информатор), кој има над 620.000 корисници, се појавија фотографии од поранешните македонски борбени хеликоптери Ми-24 во украинските вооружени сили.

На телеграмскиот канал Military Informer (Военный Осведомитель, воен информатор), кој има над 620.000 корисници, се појавија фотографии од поранешните македонски борбени хеликоптери Ми-24 во украинските вооружени сили, што претставува прва документирана потврда дека овие хеликоптери се испорачани и дека најверојатно се ремонтирани и воведени во оперативна употреба, барем некои примероци.

„Македонски Ми-24 забележан во арсеналот на Украина. „Претходно беше најавено дека Македонија ќе им предаде 12 хеликоптери Ми-24 на вооружените сили на Украина, кои ги набави во Украина во 2001 година“, објавено е со фотографијата која покажува двајца маскирани припадници на украинските вооружени сили со дрон пред Ми-24. Дека се работи за поранешен македонски авион може да се заклучи врз основа на карактеристичната боја што ја добија овие хеликоптери по ремонтот.

Владата на Македонија донесе одлука во првата половина на 2023 година да ѝ донира на Украина 12 борбени хеликоптери Ми-24, попопуларните „летечки тенкови“.

Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска тогаш изјави дека станува збор за хеликоптери произведени во 1984 година, кои се купени од Украина во 2001 година, „но на повеќето од нив им се истечени ресурсите пред осум години, што значи дека не се користат поради недостаток на резервни делови“.

„Некои од нив се модернизирани, поточно два, но оваа модернизација беше прилагодена на тогашните услови и апсолутно не одговара на моменталните потреби, дури и да сакаме да зборуваме за развој на технологии“, сметала министерката додавајќи дека „донацијата на хеликоптери МИ-24 нема да ја поткопа безбедноста на земјата и дека хеликоптерската борбена единица што ќе ѝ биде донирана на Украина повеќе не е дел од армиската формација“.

Македонија и донираше на Украина и четири јуришни авиони Сухој Су-25, како и тенкови Т-72.

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Водици

По повод верскиот празник Богојавление-Водици, утре ќе има посебен режим на сообраќај на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром. 

СВР Скопје соопшти дека во центарот на градот за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.

Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.

Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Познато е зошто се лутат Холанѓаните- Македонец го плукнал селекторот, кој збеснал

Незадоволство и луто скандирање на натпреварот помеѓу Холандија и Македонија (37:32 часот) во второто коло на Светското ракометно првенство во Вараждин.

Македонците незадоволни од резултатот и од судиските одлуки го гаѓаа теренот со предмети. Исплашените Холанѓани морале да побегнат, објави Индекс.

Холандски НОС пишува дека македонски навивач го плукнал холандскиот селектор Стафан Олсон, а тоа наводно го потврдил и портпаролот на холандската репрезентација. Потоа шокираниот Холанѓанец побегнал во соблекувалната пред да биде доделена наградата за играч на натпреварот. Легендарниот Швеѓанец Олсон бесно се сврте кон Македонците и кратко им аплаудираше на своите играчи и навивачи пред конечно да замине во соблекувалната.

"Тоа беше голема драма, многу тесна игра. Холанѓаните секогаш беа чекор понапред од Македонците. Заврши во хаос, последните минути завршија со фрлање предмети на теренот. Македонските навивачи ги избркаа Холанѓаните надвор од теренот. “, објави новинарот на ТВ2, Сорен Ридц.

"Човеку, почнаа да нѐ гаѓаат со секакви предмети. Вакво нешто не сум доживеал. Очигледно е така на Балканот. Во еден момент кога требаше да ја фрлам топката, тие го полеаја со вода голот. Апсолутно лудо, ова нема никаква врска со ракометот.“

ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави ажурирана прогноза за светската економија, во која проценува дека годинава ќе забележи раст од 3,3 отсто, што е нагорна проекција од 0,1 процент во однос на претходната октомвриска проекција.

Меѓу водечките светски економии, најзначајна промена бележат САД, пораст од 0,5 процентни поени, така што сега се очекува годинава да достигне 2,7 отсто, што го зголемува јазот во однос на другите напредни економии, особено во однос на Европската Унија.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

- Економијата на САД се држи многу добро, со солиден пазар на труд, а личната потрошувачка останува силна. Спротивно на тоа, иако се забележува раст во еврозоната, сепак, прогнозите се ревидирани надолу, изјави главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуринша.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ од неа очекува уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

- Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но исто така и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција, рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година во година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024 кога имаше раст од 4,8 проценти, а тој тренд се очекува да продолжи и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако инфлацијата во земјите во брз развој и во развој е повисока, и се очекува да изнесува 5,6 отсто, таа е ревидирана надолу и бележи забавување во однос на 2024 година, а тој тренд се очекува да продолжи и следната година, проценува ММФ во најновиот извештај за светската економија.

притисни ентер