Украина во текот на зимата ќе се снабдува со течен природен гас од Грција - Канал 5

Украина во текот на зимата ќе се снабдува со течен природен гас од Грција

Украинскиот претседател е во еднодневна работна посета на Грција и се сретна со грчкиот претседател и грчкиот премиер.

Украина во текот на зимата ќе се снабдува со течен природен гас од Грција

Договор за транспорт на американски течен природен гас (LNG) од Грција до Украина, потпишаа во Атина грчките и украинските државни компании „ДЕПА“ и „Нафтогаз“ во присуство на премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, претседателот на Украина Володимир Зеленски, министерот за животна средина и енергија на Грција Ставрос Папаставру и амбасадорката на САД во земјата Кимберли Гилфојл, јави дописничката на МИА од Атина.

Украинскиот претседател е во еднодневна работна посета на Грција и се сретна со грчкиот претседател и грчкиот премиер, а во фокусот беа енергетиката и обезбедување на природен гас за земјата во текот на зимскиот период, грчката поддршка за Украина, како и обновата на земјата.

По средбата во премиерската палата, Мицотакис и Зеленски присуствуваа на потпишувањето на Изјавата за намера меѓу грчката „ДЕПА Трговија“ и украинската „Нафтогаз“ за снабдување на Украина со американски LNG, што според грчки владини извори, се однесува на периодот од декември 2025 до март 2026 година и „претставува клучен придонес за регионалната и европската енергетска безбедност и отпорност и паралелно ја поддржува Украина во тешкиот зимски период“.

Договорот предвидува транспорт на течен природен гас (LNG) од САД преку Рутата 1 што заеднички ја обезбедуваат операторите на преносните системи на Грција, Бугарија, Романија, Молдавија и Украина.

Грчкиот премиер и украинскиот претседател на заедничката прес-конференција се осврнаа на поддршката на Грција за Украина на сите нивоа во изминатите речиси четири години од почетокот на руската инвазија, а паралелно и двајцата ја истакнаа важноста на денешниот договор меѓу двете компании.

Зеленски посочи дека секојдневно „Русите ги напаѓаат украинските клучни инфраструктурни и енергетски точки“, додавајќи дека повеќето од електричните термоцентрали во Украина и изворите на гас „станаа цел на балистички ракети на беспилотни летала, ирански беспилотни летала и корејски ракети“, но и посочи дека разговорите и соработката со Грција „се важен дел од енергетскиот пакет за поддршка на Украина со потребниот гас“, паралелно заблагодарувајќи му се на Мицотакис што „овој план стана реалност“.

- Снабдувањето со гас ќе започне во јануари. Многу е важно што во првиот квартал планот ќе се имплементира. Исто така, договоривме и други многу брзи испораки на гас на долг рок. Денеска ги информирав премиерот, како и раководителите на нашите компании дека постојат договори кои се веќе подготвени, а им благодариме и на американските компании, на министерствата и на претседателот на Соединетите Американски Држави што ова станува реалност, како и на Грција, бидејќи е центарот за овие процедури преку ќе можеме да примаме гас од САД, посочи Зеленски.

Грчкиот премиер истакна дека со договорот во суштина се активира „Вертикалниот коридор“, со што Украина добива „директен пристап до диверзифицирани и сигурни извори на енергија, а Грција сега станува центар за снабдување на централна и источна Европа со американски течен природен гас“.

- Ова претставува клучен придонес за енергетската стабилност, отпорност и безбедност, не само на нашиот, туку и на вашиот регион. Станува збор за план што сега станува остварлив, по многу систематска работа на грчката Влада и е овозможен благодарение на географската положба, инфраструктурата и стратешките партнерства на Грција, рече Мицотакис, нагласувајќи дека „со други зборови Грција станува снабдувач на енергетска безбедност за Украина“.

Грчкиот премиер и украинскиот претседател се осврнаа и на актуелната ситуација во Украина, Зеленски посочи дека го информирал Мицотакис за ситуацијата на фронтот и за „перспективите и можностите во моментов за дипломатски прекин на војната“.

- Клучот е континуираниот притисок врз Русија, која ја започна војната и направи сè за да ја продолжи. Сите десетици можности за прекин на огнот беа отфрлени од руската страна, па затоа Русија заслужува понатамошни санкции и ќе бидеме многу благодарни за Грција што ги поддржува релевантните одлуки во рамките на Европската Унија. Исто така, цениме што Грција ги поддржува нашите иницијативи, хуманитарни иницијативи за враќање на киднапираните деца во Украина, кои беа киднапирани од Русија, нагласи Зеленски.

Мицотакис изрази „длабок згрозеност поради засилувањето на руските напади и врз невоени инфраструктури, со цивилни жртви“ и посочи дека употребата на вооружена сила за агресивни цели не може да се толерира.

- За Грција, неповредливоста на границите е неприкосновена и секогаш сме против секој незаконски чин. Го кажувам ова со целосна свесност за неговото значење за еден народ, бидејќи и за нашиот народ сè уште останува отворена раната на Кипар, на инвазијата и незаконската окупација, 51 година подоцна, сè до ден-денес, на северниот дел на островот, посочи Мицотакис и го увери Зеленски дека „во Атина имаат стабилен сојузник“.

На грчката поддршка за Украина се осврна и претседателот на Грција Константинос Тасулас, посочувајќи му на неговиот украински колега дека Атина ќе продолжи да ги поддржува напорите за најбрз можен прекин на огнот.

- Агресивниот ревизионизам, решавањето на споровите со вооружена сила, кршењето на меѓународното право, е нешто што Грција не може да го прифати под никакви околности. Затоа, бидете сигурни дека нашиот став кон вашата земја, прашањата што ги покренавте, и хуманитарните и оние за киднапираните деца и за енергетиката, нашиот став ќе остане ист, непроменет, секогаш на страната на Украина, порача Тасулас.

Зеленски, како на средбата со грчкиот претседател, така и на средбата со Мицотакис се заблагодари за грчката поддршка.

Денешната посета на украинскиот премиер на Атина од безбедносни причини, официјално беше соопштена утрово, а со одлука на грчката полиција од шест часот утрово до 22 часот забранети се собири и протести во центарот на градот како и во неколку атински населби.

Зеленски последен пат во Атина беше при крајот на август 2023 година, кога грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис организираше неформална вечера за лидерите од регионот по повод 20-годишнината од Солунската агенда за ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан, а беше поканет и претседателот на Украина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Напнати избори во Бразил- Лула и Болсонаро си разменуваа навреди на завршната дебата

Бразилскиот сенатор Флавио Болсонаро и претседателот Луиз Инасио Лула да Силва вчера, за време на последното претседателско соочување пред вториот круг од изборите, се судрија околу трошоците за живот и разменија лични напади, пишува Ројтерс.

Напнати избори во Бразил- Лула и Болсонаро си разменуваа навреди на завршната дебата

Во неизвесна трка, двајцата кандидати се обидоа да ги освојат неодлучните гласачи.

Болсонаро, син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, беше пред Лула во првиот круг од изборите претходно овој месец, но анкетите на јавното мислење покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени оваа недела.

За време на соочувањето што траеше повеќе од два часа на Globo TV, најгледаниот канал во Бразил, Болсонаро и Лула ги повторија своите предлози за кампањата со акцент на теми како што се трошоците за живот, социјалната помош и безбедноста, обвинувајќи се меѓусебно за корупција.

Обвинувања и навреди

Лула, кој се кандидира за четврти мандат откако повторно ја освои претседателската функција во 2022 година, ја бранеше одлуката на неговата влада да ја зголеми минималната плата над стапката на инфлација. Тој истакна дека неговата администрација им помогнала на милиони Бразилци да избегаат од глад.

Претседателот рече дека помладиот Болсонаро е „како студент што учи за приемни испити на универзитет - може да се сети на работи, но не може да ги научи“. Тој исто така додаде дека „во оградената населба каде што живее Болсонаро, луѓето не гладуваат“.

Болсонаро возврати тврдејќи дека цените на храната за Бразилците се зголемиле за време на администрацијата на Лула и ја критикуваше даночната реформа одобрена од сегашната влада, предвидувајќи дека новите правила ќе го зголемат даночниот товар врз потрошувачите.

„Лула дури и не се сеќава кога последен пат отишол на шопинг, бидејќи сега живее во луксузен дворец“.

Во првите неколку блока од дискусијата, двајцата кандидати главно останаа во рамките на дадените теми и ги ублажија личните напади што ја карактеризираа нивната единствена претходна конфронтација во оваа кампања.

Жешка дебата

Во еден момент, Болсонаро му се извини на Лула откако изјави дека претседателот им дава на Бразилците со едната рака, а „зема со девет прсти“. Имено, Лула го изгуби малиот прст од левата рака во несреќа додека работеше како стругар во фабрика.

„Нема да дозволам некој богат човек со исклучително сомнителна политичка практика да ме нарече „девет прсти““, рече сегашниот претседател, барајќи повлекување на таа изјава.

„Лула, ако те навредив нарекувајќи те „девет прсти“, искрено се извинувам, искрено се извинувам“, рече Болсонаро. Но, тој веднаш додаде: „Дали ќе им се извинуваш на Бразилците кои страдаат поради несигурност... и кои се во долгови?“

Дебатата се вжешти во последните минути од дебатата, кога на кандидатите им беше дозволено да се соочат еден со друг без ограничувања од модераторот, обидувајќи се да се поврзат со измамата поврзана со банката Банко Мастер.

Лула го притисна Болсонаро за наводните врски со затворениот банкар на банката, Даниел Воркар, додека Болсонаро го праша Лула за обвинувањата поврзани со неговиот син и измамата со пензискиот фонд.

Оваа дебата беше еден од последните настани во кампањата откако бразилскиот изборен закон им забранува на кандидатите да емитуваат реклами на радио и телевизија почнувајќи од саботата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американскиот министер за одбрана: Кина се инфилтрира во умовите на нашите студенти

Министерството за одбрана на САД ги прогласи културните центри финансирани од Кина на универзитетските кампуси, познати како Институти Конфучие, за закана за националната безбедност на САД, изјави министерот за одбрана Пит Хегсет.

Американскиот министер за одбрана: Кина се инфилтрира во умовите на нашите студенти

Вашингтон долго време ги обвинува Институтите Конфучие дека служат како алатки за кинеската пропаганда и презеде чекори за ограничување на нивните активности.

Хегсет: Нивната цел е да крадат интелектуална сопственост и да инфилтрираат студенти

Во видео објавено на социјалните мрежи, Хегсет тврди дека Институтите Конфучие на американските универзитети работеле тајно и дека Пентагон ги вклучил на списокот на институции што ја загрозуваат националната безбедност на САД.

„Се испостави дека на 30 универзитети се појавиле 80 нови пропагандни ќелии, користејќи различни имиња и статути, но со иста цел: да крадат интелектуална сопственост и да се инфилтрираат во умовите на американските студенти“, рече Хегсет.

Во текот на изминатите два месеци, Министерството за одбрана „систематски ги разби секоја од овие организации“, додаде тој.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Грчки гигант за брза храна проневерил 150 милиони евра- во измамата учествувале над 120 лица

Грчката Дирекција за борба против организиран криминал разби голема мрежа за даночна евазија во познатиот синџир за брза храна „Пица Фан“. 

Грчки гигант за брза храна проневерил 150 милиони евра- во измамата учествувале над 120 лица

Во голема операција спроведена во Атина и Солун, уапсени се 23 лица - вклучувајќи го сопственикот и раководителите на компанијата - додека кривичните обвиненија опфаќаат вкупно повеќе од 120 лица,објави Зугла.

Снигата работела од најмалку 2016 година. Измамата се базирала на манипулирање со централен систем за нарачки: на вработените им се нудела опција за „посластица“ за одредени нарачки преку посебен алгоритам. Парите би се собирале од клиентот, но никогаш не би се издавала фискална сметка. Во исто време, системот чувал тајна, паралелни сметководствени евиденции за да се евидентира реалниот промет и „црните“ пари.

Заработката им била предавана во готово на водачите на групата на месечни состаноци во трговски центар. За да се покрие трагата на парите, водачите префрлиле 99,99% од сопственоста на домашната компанија на офшор компанија во странство.

При претресот на деловни и приватни простории, запленети се над 1.280.000 евра во готово (од кои околу 1,17 милиони евра се пронајдени во таен сеф во вилата на сопственикот на компанијата), 92 луксузни часовници (Rolex, Patek Philippe, Audemars Piguet) и скап дијамантски накит, шест луксузни автомобили и три мотоцикли, како и 52 компјутери, хард дискови и обемна електронска опрема.

Штетата предизвикана на грчкиот буџет се проценува на повеќе од 35 милиони евра неплатен ДДВ и данок на добивка, додека скриената даночна основа надминува 150 милиони евра. Покрената е постапка за замрзнување на сите средства на сите осомничени и поврзани компании.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер