По првичната најава за откриениот криминал минатиот месец, директорката на УЈП, Сања Лукаревска за Канал 5 вели дека истрагата е завршена, а деталите ќе ги соопшти утре на брифинг со новинарите..
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека системот затаил – сметаат дека или контролните механизми не функционираат или има вмешаноста на луѓе од даночната управа.
„Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот. За познавачите на даночната политика е сосема јасно дека ваков систем неможел да функционира со или без УЈП. Челници од Управата или знаеле и молчеле за целиот случај или целосно го девастирале системот и немаат увид.“ - изјави Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ
Ваквите наводи од ВМРО-ДПМНЕ ги демнатираат од УЈП.
-Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста, нанесува штета на работењето на УЈП. Институциите како и досега за сите случаи постапуваат согласно своите надлежности, и тоа го прават во интерес на граѓаните. Апелираме јавноста да не потпаѓа на овие манипулации и да ги следи официјалните информациите кои доаѓаат директно од институциите. – стои во соопштенито од УЈП.
Со реакција се јавија и од СДСМ, кои во прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ гледаат обид да се загрози постапката.
-Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации. Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета. Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите.“ велат од СДСМ
Колку фирми од нафтениот сектор се дел од мрежата кои со лажни фактури го изигрувале системот, како точно одела измамата и за колку е оштетен буџетот, одговори се очекуваат утре.