Убила 19-годишна трудница и ѝ го украла бебето од матката-осудена е на 50 години затвор (ВИДЕО)

Клариса Фигуероа (51) е осудена на половина век затвор откако убила бремена тинејџерка во Чикаго намамувајќи ја во нејзината куќа за да ѝ го украде бебето од утробата, кое потоа го претставила како свое.

Тоа е, накратко, епилогот од страшното злосторство што го потресе овој дел на САД, а се случи во 2019 година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Марлин Очоа-Лопез (19), мајка на двегодишно момче, која била во поодмината бременост, била намамена од Клариса во нејзиниот дом со ветување дека ќе ѝ даде бесплатна облека за бебето. Страшното злосторство го извршила со помош на нејзината ќерка Дезире, која во јануари ја признала вмешаноста во убиството кога била осудена на 30 години затвор. Мајката и ќерката ја задавиле трудница со електричен кабел. Клариса, која е медицински работник, сакала да го претстави бебето како свое, а откако го извлекла од стомакот на мајката повикала брза помош. Поради повредите, бебето два месеци било на интензивна нега во болница, но и покрај сите напори на лекарите, починало.

За време на судењето, се тврдело дека Клариса Фигуероа го изгубила своето бебе пред злосторството, а потоа им кажала на членовите на семејството дека повторно е бремена. Во октомври 2018 година, таа ѝ кажала на својата ќерка дека ѝ треба помош да убие трудница и да го украде бебето од нејзината утроба.

Ракел Уриостеки, мајката на убиената трудница, по изрекувањето на пресудата видно се потресе:

- Губењето на ќерка ми е нешто што никогаш нема да го прежалам.

Откако украденото бебе било сместено во болница, Клариса Фигуероа и нејзиниот партнер Пјотр Бобак тврделе дека бебето е нивно, па дури започнале и хуманитарна кампања за собирање помош за негово лекување. Пјотр подоцна на судењето признал дека помогнал да се отстранат трагите по убиството на бремената тинејџерка.

Страшното злосторство било неоткриено неколку недели, иако Џовани Лопез, сопругот на убиената, уредно ја пријавил за исчезната, но немал помош од надлежните да ја пронајдат. Полицијата реагирала дури по анонимна пријава во која било наведено дека е видена како исчезнатата влегува во куќата на Клариса Фигуероа. На 07.05.2019 година полицијата извршила претрес. Автомобилот на жртвата бил пронајден во близина на куќата на убиецот, а набрзо била наредена и ДНК анализа на бебето. Откако дошле резултатите од ДНК, полицијата ги уапсила мајката убиец, нејзината ќерка и нејзиното момче. Телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот.

- Казната што ја доби никогаш нема да биде доволна и мојот син никогаш повеќе нема да ја прегрне мајка си. Изгубив дел од семејството и тоа секогаш ќе ме следи – низ солзи изјавил сопругот Џовани Лопез.


Расте бројот на жртвите во експлозијата во рафинерија во близина на Фиренца

Бројот на жртвите во експлозијата во рафинеријата на енергетската компанија Ени во Каленцано, во близина на Фиренца, се искачи на четири, откако рано утринава беа пронајдени телата на уште две жртви, изјавија извори за Анса.

Уште едно лице е исчезнато по вчерашната експлозија, во која беа повредени девет лица.

Тројца од деветте се во многу тешка состојба, соопштија локалните здравствени власти.

Експлозијата се случила во делот на рафинеријата каде што резервоарите се полнат со гориво, но резервоарите не биле зафатени од пламен.

Истрагата за причините за експлозијата е во тек.

Како на филм: Турски мафијаши се убиваат пред црква во Грција, двајца загинати (ВИДЕО)

Сцени како од холивудските филмови се случиле вчера наутро во близина на црква во Глифада, Грција, кога турските напаѓачи поставиле смртоносна заседа за своите жртви, исто така со турско потекло, и убиле две лица, а едно е повредено.

Според информации, Турците ги чекале своите жртви на локацијата и штом ги виделе го извадиле оружјето и ги застрелале. На снимката која е објавена на грчките медиуми се гледа како напаѓачите ги бркаат жртвите и пукаат во нив.

Според медиумите испукани се повеќе од десет куршуми. Еден напаѓач во црна облека трча на сред улица, крева пиштол и пука во непознати кои стојат пред црквата Воведение на Пресвета Богородица.

Во исто време, вториот напаѓач во црна јакна и бели панталони е снимен како доаѓа од спротивната насока и со пиштол во рацете брка лице кое трча кон игралиштето.

На видеото се гледа уште еден напаѓач во црна облека и со маска на лицето.

Се појави и ново видео на кое се гледа како еден од наводните сторители бега од местото на настанот, вели сопственикот на продавницата кој бил присутен на местото на настанот.

„Куршуми летаа на сите страни, се исплашив и влегов во продавницата. Потоа излегов надвор и слушнав дека има двајца сторители, еден видов бидејќи помина пред продавницата“, изјавил сопственик на продавница во околината. .

Грчките медиуми јавуваат дека полицијата уапсила двајца осомничени, се работи за турски државјани со курдско потекло, на возраст од 22 и 26 години. Се вели дека едниот од нив е еден од напаѓачите, додека другиот имал споредна улога. Двајцата преку реката Еврос илегално пристигнале во Грција, додека еден од нив, кога бил лоциран поднел барање за азил.

Се трага по нивните соучесници. Првите докази собрани од местото на пукањето укажуваат на конфликт меѓу членови на турската мафија.

Наводно, во пресметката учествувале дури седум членови на мафијата, а полицијата во моментов трага по уште петмина.

МЗШВ: Продолжи исплатата кон земјоделците

Ќе биде исплатена финансиска поддршка за произведена и предадена слива кон 194 лица во вкупен износ од 8.274.180,00 денари  и 86.736.366,00 денари кон 8.735 земјоделци за Програмата за земјоделство за 2023 година Подрачје со ограничени можности.

Денеска исплатата кон земјоделците продолжи.

Ќе бидат исплатени корисниците од мерка 1.4 произведена и продадена слива од Програмата за Интервентен фонд за 2024 година.

Исплатата ќе се изврши кон 194 лица во вкупен износ од 8.274.180,00 денари.

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање по подмерка 1.8. „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки овошни насади“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година и оствареното производство на слива го имаат продадено кај регистрирани откупувачи во период од 20 август 2024 година до 30 септември 2024 година по цена не повисока од 9,90 денари по килограм, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Максимална количина на слива која е прифатлива за финансиска поддршка е 17.000 кг по пријавен хектар со слива по подмерка 1.8. „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржувањена постоечки овошни насади“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.

Висината на финансиската поддршка изнесува 5 денари по килограм.

Во текот на денот исто така ќе се исплатат средства од Програмата за земјоделство за 2023 година Подрачје со ограничени можности.

Со финансиска поддршка од 86.736.366,00 денари се поддржани 8.735 земјоделци кои вршат земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за производство преку мерката 9 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година.

Секој еден земјоделец е важен за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се наведува во соопштението.

притисни ентер