Убиена жена во Пеќ, втор случај на фемицид во Косово за пет дена

Женско лице е убиено утрово во градот Пеќ во Косово, а осомничен за злосторот е нејзиниот сопруг, кој, како што јавија медиумите, ѝ се предал на полицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Случајот за медиумите го потврди портпаролот на Основното обвинителство во Пеќ, Шкодран Никчи, кој информира дека убиството се случило со огнено оружје. Осомничениот е уапсен, а на местото на настанот пристигнале соодветни екипи.

- Во Пеќ се случи убиство, при што се сомнева дека сопругот ѝ го одзел животот на сопругата во стан во центарот на градот. Во моментов на местото на настанот се главниот обвинител, обвинител и сите релевантни екипи. Осомничениот е уапсен, изјави Никчи.

Полицијата соопшти дека инцидентот се случил денеска во 8 часот и 15 минути.

- Денеска околу 08:15 часот полицијата е известена дека на улицата „Бил Клинтон“ во Пеќ се случил инцидент, полицијата веднаш излегла на местото на настанот, како и лекарска екипа, која констатирала смрт кај жртвата (женска ), осомничениот во овој случај е уапсен и се наоѓа во просториите на Полициската станица во Пеќ“, се наведува во соопштението на портпаролот на полицијата за регионот на Пеќ, Дритон Ругова.

Според медиумите, се работи за брачна двојка на околу 45-годишна возраст кои заеднички имаат три деца. Мотивите за убиството се уште не се познати.

Ова е втор случај на фемицид за неколку дена на Косово.

Во петокот (12 април) 21-годишна жена беше застрелана во Урошевац во Центарот за социјална работа од страна на поранешниот сопруг. Притоа беше ранет и 15-годишниот брат на жртвата.

Медиумите известуваат дека и двајцата сторители на убиствата веќе биле пријавувани во неколку наврати за семејно насилство.

Вчера во Приштина се одрза протест на невладини организации со барање до институциите да преземат мерки за заштита на девојките и жените.

Хаос во автосалон: Кинески електричен автомобил „ги збриша“ посетителите (ВИДЕО)

Екстремно непријатна ситуација за кинески производител.

Како по правило, со напредокот на технологијата, се подобрува и безбедноста на учесниците во сообраќајот, но понекогаш класичните решенија изгледаат далеку подобри. Најдобар пример за ова е системот за палење без клуч, кој понекогаш може да резултира со опасна ситуација.

Додадете на тоа екстремно агилен и тивок електричен погон и маса луѓе, а несреќата е само прашање на време. Токму тоа се случило на меѓународната изложба на возила со нова енергија во Нанџинг.

На настанот што се одржал минатиот месец, Zeekr го изложиле автомобилот Extreme Krypton X, кој поради непочитување на безбедносните правила во еден момент почнал неконтролирано да се движи. За време на несреќата повредени се пет посетители, меѓу кои и едно дете, а сите се хоспитализирани.

Според последните информации, до несреќата дошло бидејќи автомобилот не бил деактивиран во таканаречениот Exhibition mode. Бидејќи клучот бил доволно блиску до автомобилот, еден од посетителите случајно го активирал возењето и го придвижил автомобилот напред, удирајќи во неколку посетители и два автомобили.

Претставниците на производителот ја презедоа одговорноста и преку официјални канали се извинија, нагласувајќи дека во иднина ќе бидат повнимателни при изложување на автомобилите.

Во Германија со 100.000 евра се казнува доколку миете автомобил во својот двор

Посетата на автоперална може да биде прилично скапа на долг рок.

Според извештајот на Германската автомобилска фондација за 2019 година, околу 40 отсто од возачите ги мијат своите автомобили еднаш месечно, а речиси три четвртини од нив ги користат услугите на перална за автомобили по цена од 11 евра по перење, што е околу 130 евра годишно.

Ако сакате да заштедите пари и да го миете автомобилот сами дома, може да се соочите со големи казни, според списанието Fenix.

Самото миење на автомобилот може да биде забрането, а во зависност од сојузната држава, може да бидете казнети до 100.000 евра. Ова се должи на таканаречениот Закон за водни ресурси (WHG), кој забранува употреба на токсични материи или оние кои ја загадуваат водата во подземните води со цел да се спречи загадување на водата (член 48 WHG).

При перење автомобил на приватен имот, мора да се спречи можноста нечистата вода да навлезе во земјата. Затоа, обично е забрането миење автомобил со хемиски средства за чистење во вашиот двор.

Бидејќи законодавството не предвидува единствени регулативи, спроведувањето на барањата за WHG е оставено на самите општини. Додека во некои заедници е дозволено миење автомобили со чиста вода, во други е забрането поради можноста од контаминација на водата со остатоци од масло, пишува списанието Феникс.

Во зависност од државата, прекршувањето на Законот за водни ресурси може да резултира со високи казни. На пример, казната за загадување на подземните води со големи количини на други течности кои ја загадуваат водата во сојузната покраина Саксонија е до 100.000 евра.

Доколку планирате сами да го миете автомобилот, задолжително проверете однапред во канцеларијата за комунални регулативи во дотичната општина или однесете го автомобилот на чистење во перална за автомобили.

Се снима шестиот игран филм за Астерикс и Обеликс

Продукциската компанија StudioCanal и издавачката куќа Editions Albert René потпишаа договор за шестиот игран филм од серијата Астерикс, инспириран од истоимениот јунак од стрипот, потврди Variety.

Стриповите на Астерикс, создадени во 1959 година од Рене Гошини и Алберт Удерзо, оваа година ја слават својата 65-годишнина. Стрипот ги следи авантурите на Астерикс и Обеликс и нивните пријатели кои живеат во мало село во Галија каде се обидуваат да се спротивстават на инвазијата на Римската империја.

Стриповите на Астерикс се продадени во повеќе од 300 милиони примероци ширум светот. Досега се снимени пет играни и десет анимирани филмови инспирирани од авантурите на Астерикс.

Последниот филм, Астерикс и Обеликс: Средното Кралство, излезе минатата година и беше огромно промашување. Со негативни критики од познати критичари, филмот заработи само 46,5 милиони долари, не успевајќи да ги покрие трошоците за производство од над 72,4 милиони долари.

„Мило ми е што го потпишавме овој ексклузивен договор со Editions Albert René, кој ќе ни овозможи да го продуцираме шестиот долгометражен авантуристички филм за Астерикс. Но, најмногу од сè, во име на StudioCanal и конгломератот Canal+ Group, можам да кажам дека се чувствувам почестен што покажавме доверба во Editions Albert René“, рече Ана Марш, извршен директор на StudioCanal.

„Свесни сме дека Астерикс е културна икона и ќе се погрижиме да го прикажеме неговиот свет со почит за да им оддадеме почит на прекрасните творци, Рене Гошини и Алберто Удерцо“, додаде таа.

Заедно со претстојниот игран филм, следната година ќе може да ја гледаме и анимираната серија за Астерикс, која ќе биде достапна на Нетфликс. Францускиот режисер и сценарист Ален Шабат работи на серијата.

притисни ентер