Уапсено 21 лице во Атина за насилни кражби на ланчиња од граѓани во јавниот превоз

​Од уапсените, 14 се малолетници, а во обвинението вклучени се и 48 други лица од кои 11 се во затвор.

Грчката полиција разби група која со физичко насилство крадела ланчиња што луѓето ги носеле на врат, уапсено е 21 лице и расчистени се 129 случаи на кражби во Атина, меѓу кои, според медиумите во Грција и онаа на атинска плажа, кога непланирано беше пренесена во живо за време на линк на телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од уапсените, 14 се малолетници, а во обвинението вклучени се и 48 други лица од кои 11 се во затвор.

Групата, кражбите најчесто ги вршела во јавниот превоз во Атина, пред сè во метрото и трамвајот, но и на централни плоштади.

Како што соопштија од грчката полиција, сторителите им приоѓале на жртвите и насилно со влечење или со физичко насилство им ги одземале ланчињата што го носеле на врат.

На почетокот на јуни, како што тогаш објави МИА, повозрасна жена остана без нејзиното ланче на атинска плажа откако во моментите кога се подготвуваше да влезе во море, непознато лице насилно и го извади од вратот и побегна, а сето тоа го сними грчката телевизија Скај за време на вклучувањето во живо за сосема друга тема.

Медиумите во Грција, денеска пишуваат дека меѓу уапсените е и лицето што ја ограби жената, но и дека уапсените на социјалните мрежи објавувале фотографии од нивниот плен. /МИА

Германските царински власти откриле марихуана и хашиш во новогодишни подароци

 Германските царински службеници на аеродромот Келн/Бон откриле марихуана и хашиш скриени во минијатурни новогодишни елки и играчки.

Дрогата, вредна повеќе од 500.000 евра, вклучува 19 килограми марихуана и околу шест килограми хашиш, која потекнува од САД и Канада. Истата била откриена рано утрото на 6 декември, Денот на Свети Никола, кога во Германија започнува традицијата на новогодишни подароци.

„Шверцерите постојано се обидуваат да сокријат огромни количества дрога во новогодишни пратки“, соопштија од царината. Дрогата е уништена, а дрогата е откриена во осум одделни пратки. /МИА

Ал-Хелаифи: Суперлигата не постои и никогаш не постоела, ја има само во главите на заблудените

Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи искажа остри критики за Суперлигата.

- Не постои. Всушност, никогаш не постоела, освен можеби во главите на неколку заведени луѓе. А сега, со новиот формат на трите турнири на УЕФА за мажи и ажурираното Светско клупско првенство на ФИФА, тоа е уште поневозможно. Никој нема да го поддржи ова: ниту навивачите, ниту играчите, ниту медиумите, ниту владите, ниту клубовите. Знаете дека само два клуба навиваат за Суперлигата. Се надевам дека еден ден ќе ја сфатат својата грешка и ќе се вратат во европското семејство, изјави Ал-Хелаифи.

Деновиве медиумите во Шпанија пишуваа дека проектот Суперлига е жив и дека претседателите Флорентино Перез (Реал Мадрид) и Хоан Лапорта (Барселона) и натаму остануваат на ставот дека тоа е голем и одличен проект. Се шпекулира дека повеќе од 60 клубови се заинтересирани за учество во натпреварувањето што нема да биде во организација на УЕФА. /МИА

Нехамер ја предлага Австрија за домаќин за мировни преговори за Украина

Австрискиот канцелар Карл Нехамер ја предложи Австрија за место за одржување на мировни преговори за Украина за време на денешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз.

„Австрија е подготвена како неутрална земја да биде домаќин на мировни преговори во секое време“, напиша Нехамер на платформата „Икс“. Зеленски му се заблагодарил за поддршката и повикал Австрија да ја потпише заедничката изјава на Г7 за долгорочна поддршка на Украина.

Зеленски, на социјалната мрежа Икс нагласи дека е неопходно да се изврши притисок врз Русија за постигнување траен и праведен мир./МИА

притисни ентер