Тутунски комбинат Прилеп очекува да ја заврши годината со добивка

Според досега остварените резултати и проекциите се очекува  Тутунски комбинат АД Прилеп кој со децении беше еден од најголемите загубари во држвава, на крајот на годинава да покаже добивка, првпат после 20 години, соопшти денескаТКП.

– Минатата година ја завршивме со загуба од околу три милиони евра, но тоа се должи исклучиво на реализација на програмата за подобрување на продуктивноста во рамки на која се спроведе мерка за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени на кои им беа исплатени отпремнини во вкупен износ од четири милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари, вели во пишана изјава Кирил Станкоски, генерален директор на ТКП.

Од Тутунскиот комбинат истакнуваат дека благодарение на успешното спроведување на рационализацијата и решавање на проблемот со превработеноста, направиле нова систематизација на работните места, со што платите на вработените во комбинатот се зголемиле меѓу 10 и 15 отсто, а најголемо зголемување е направено кај клучните сектори – погоните „Тутун" и „Цигари".

– Во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза прикажана е загуба за првата половина од годината која е помала за 80 проценти споредено со истиот период од 2018 година. Во секој случај, ова не може да биде релевантен показател за работењето на Комбинатот во текот на цела 2019 година. Имено, поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината кои според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците заради што очекуваме дека ТКП ќе ја заврши 2019 година прв пат со добивка која очекуваме да биде значајна, укажува Станкоски.

Остварените резултати на ТКП, наведуваат оттаму, се должат на стратешкото партнерство остварено со Филип Морис Интернешнел и формирањето заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП)./МИА

Самит на „Македонија 2025“ на 15 и 16 мај во Скопје

Над 400 гости, околу 50 панелисти поделени на 12 панели и три главни говорници ќе има на годинашниот Самит во организација на невладината „Македонија 2025“, што на 15 и 16 мај ќе се одржи во Скопје.

Над 400 гости, околу 50 панелисти поделени на 12 панели и три главни говорници ќе има на годинашниот Самит во организација на невладината „Македонија 2025“, што на 15 и 16 мај ќе се одржи во Скопје, на кој главен фокус ќе биде како да дојдеме до повисоки стапки на раст на економијата.

-На Тринаесеттото издание на Самитот на Македонија 2025 ќе бидат обработени теми како да дојдеме до повисок економски развој, подобра регионална соработка, лидерство, развој на семејни бизниси, дигитална трансформација на бизниси, механизми за намалување на корупцијата. Ќе порачаме дека ние како организација сме спремни и отворени за поддршка на новата влада за постигнување на повисоки стапки на раст од 5 или 6 проценти и за начинот како да дојдеме до тоа, истакна извршниот директор на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска Блажевски на денешната средба со новинарите.

Во периодот од мај 2023 до мај годинава, како што кажа, „Македонија 2025“ имплементира околу 40 програми, во септември лани организира Хуманитарна гала во Америка на која се собраа финансиски средства за имплементација на програмите на невладината организација.

-Таму успеавме да собереме околу 450 лица од нашата дијаспора кои се надевам дека во иднина ќе придонесуваат повеќе во развојот на „Македонија 2025“, рече Мојсоска Блажевски.

Нагласи дека „Македонија 2025“ пред два месеци излезе со програма „Една визија за забрзан раст“ со која планира да влијае врз носителите на политики за да има побрз и поголем просперитет во државава.

-Изминатите месеци повеќе бевме фокусирани на разговори со политичките чинители. Се обидувавме да ги убедиме да применат или во идните програми да предвидат мерки и активности за кои сметаме дека се клучни за развојот на Македонија, почнувајќи од намалување на корупција, зголемување на конкурентноста на компаниите, дигитализација на владини услуги и подобрување на односите со дијаспората, потенцира Мојсоска Блажевски.

Во деновите до почетокот на Самитот, додаде, „Македонија 2025“ ќе организира околу пет предавања на високообразовни институции и исто толку работилници во коморите и во некои компании со совети како да растат бизнисите, но и неколку средби со државни институции во областа на дигтализацијата, економијата и привлекување на инвестиции, како и со политичките партии.

Во Штип од утрово гласаат 208 болни и немоќни лица, а во Затвор-Штип 206 осуденици

Без проблеми се одвива гласањето на болните и немоќни лица во Општина Штип, информира денеска за МИА претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев.

Вкупно 208 болни и немоќни лица ќе го остварат своето право на глас на двојните избори, односно гласаат за вториот круг на претседателските избори и за парламентарните избори.

МИА беше на терен со членовите на Избирачкиот одбор 2282 во штипската населба Железничка. Претседателот на ИО 22 82, Марјан Арсов информира дека денеска своето право на глас го остварија три болни и немоќни лица. За утре им е подготвено избирачко место, кое ќе го отворат во 7 часот, а ќе го затворат во 19 часот.

-Согласно правилата од ДИК, имат право еднаш да пристапат и треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата вида на избори или само за едниот. Во зависност од нивната одлука така ќе се спроведе гласањето, односно ќе добијат едно или две гласачи ливчиња, изјави Марјан Арсов, претседател на ИМ 2282-Штип.

Во штипската приградска населба „Железника“ гласаа 76 годишната Слободанка Гошова и 81 годишната Митра Арсова. Велат дека секој треба да го искористи своето демократско право.

- Треба да се излезе на гласање, се знае гласање што е, треба да се излезе, изјави Митра Арсова.

Слободанка Гошева пак вели дека неколку години гласа во домашни услови и добро е што се овозможува на болните и немоќни лица да гласаат.

- Обавезно, обавезно треба да се гласа, посебно младите. Ние кога можевме дотерани одевме на гласање, бидејќи тоа е свечен чин, изјави Гошова.

Во 7 часот наутро беше отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор – Штип. Андријана Хаџи Николова, заменик претседател на Избирачки одбор вели дека гласањето се одвива без проблеми.

- Имаме 206 избирачи и во двата избирачки списоци, за претседателсио и за парламентарни избори и досега има излезено 71 гласач, вели Хаџи- Николова.

Излезност во Затвор Штип до 11 часот е скоро идентичен со првиот круг претседателски избори, односно, своето право на глас го искористиле 35 проценти од избирачите.

Полицијата изврши претрес во бриселската канцеларија на европратеникот од АфД, Крах

Случајот со вработениот во Крах предизвика загриженост во Европа за кинеските шпионски активности. Германија, исто така, уапси три лица минатиот месец за пренос на чувствителна технологија за воени цели во Кина.

Германските истражители денеска наредија претрес на канцеларијата во Брисел на европратеникот на екстремната десница Алтернатива за Германија (АфД) Максимилијан Крах, откако неговиот помошник беше уапсен минатиот месец под сомнение дека шпионирал за Кина.

Случајот со вработениот во Крах предизвика загриженост во Европа за кинеските шпионски активности. Германија, исто така, уапси три лица минатиот месец за пренос на чувствителна технологија за воени цели во Кина.

Случајот ја намали поддршката на АфД во анкетите пред европските избори во јуни. Крах е водечки кандидат на таа партија.

Мерките се дел од постапката против Џијан Г. поради сомнение дека дејствувал како разузнавач, соопшти германското обвинителство, додавајќи дека претресите биле извршени и во канцеларијата на Крах и во канцеларијата на неговиот помошник.

Еден од становите на помошникот бил претресен на 24 април, соопштија истражителите.

Крах на Х го потврди претресот на канцеларијата на неговиот поранешен вработен.

- Ова се очекуваше по неговото апсење и затоа воопшто не изненадува. Ниту јас, ниту вработените не сме опфатени со тоа, напиша тој.

притисни ентер