Туркстат: Населението на Истанбул е побројно од населението на 131 држава во светот

Населението на Истанбул е побројно од населението на 131 земја во светот, покажуваат податоците на Институтот за статистика на Турција (Туркстат) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за 2023 година.

Во 2023 година, бројот на населението на Истанбул се намали за приближно 252.000 луѓе споредено со претходната година, и изнесува 15.655.924 луѓе.

Во најголемиот турски град живеат 7,8 милиони мажи и 7,84 милиони жени или околу 18,38 отсто од вкупното население во земјата.

И покрај падот на населението, Истанбул, кој е и најгусто населен град во Европа, по бројот на жители е пред 131 земја во светот.

Меѓу земјите со помала популација од онаа на космополитскиот град, според Фондот за население на Обединетите нации, се Бугарија, Португалија, Унгарија, Белгија, Грција, Шведска, Куба, Азербејџан итн. /МИА

Кејн: Можеме да извлечеме многу позитивни елементи од ремито со Реал

Напаѓачот на Баерн, Хари Кејн се осврна на синоќешното реми со Реал Мадрид.

Баерн на домашен терен одигра 2:2 со фаворизираниот Реал во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.

- Ова се големи натпревари. Атмосферата денеска беше неверојатна. Сигурен сум дека и следната недела ќе биде исто. Сакам да бидам дел од овие големи натпревари и нема ништо поубаво од тоа. Можеме да земеме многу позитиви работи од денешниот натпревар. Има неколку мали детали што треба да ги поправиме бидејќи се виде дека лесно можеме да бидеме казнети и за најмали грешки. Позитивниот став мора да го пренесеме и на реваншот, изјави Кејн.

Возвратниот натпревар ќе се игра на 8 мај на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Во втората полуфинална пресметка на елитното фудбалско натпреварување ќе се соочат Борусија Дортмунд и Пари Сен-Жермен. Првиот натпревар се игра вечер од 21 часот во Дортмунд. /МИА

Народна банка: Да се провери дизајнот на предната и задната страна на евро монетата

Народна банка на Македонија посочува на разликите меѓу оригиналните и фалсификуваните евра за да се намали ризикот на нашите граѓани, кои патуваат во странство и кои можат да дојдат во контакт со фалсификувани ковани евра.

-Фалсификуваните евро монети можат лесно да се препознаат, доколку внимателно се провери дизајнот на предната и задната страна на монетата и нејзиниот раб: Дизајнот на фалсификуваните монети често изгледа заматен, со доста нерамнини и гребнатини, а формата им е неправилна. Натписите на рабовите на оригиналните евро монети се остри, заради полесно препознавање од лицата со оштетен вид, додека кај фалсификуваните се нејасни и непрепознатливи, а се разликува и растојанието помеѓу поединечните симболи и зборови, се вели во соопштението.

Преку употреба на магнет, наведуваат дека може релативно лесно и едноставно да се утврди фалсификувана кована пара.

- Централниот дел на монетите е изработен од посебен безбедносен материјал кој е поседува слаби магнетни својства, додека надворешниот прстен не поседува магнетни својства. За разлика од оригиналните, фалсификуваните монети имаат изразено силни магнетни својства или пак воопшто ги немаат, стои во соопштението од Народна банка.

Судири во Истанбул меѓу полицијата и демонстрантите кои го одбележуваат 1 Мај

Турската полиција интервенираше за да спречи групи кои сакаат да стигнат до плоштадот Таксим во Истанбул за да учествуваат во демонстрации по повод Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, кои се забранети од властите, објави турскиот весник „Хуриет“.

Дојде до судирите меѓу полицијата и демонстрантите и дел од нив се приведени.

Турските власти претходно оваа недела објавија дека ги забрануваат првомајските демонстрации на централниот плоштад Таксим во Истанбул и предупредија на планирани терористички напади во метрополата за празникот.

Во различни делови на Турција вчера беа приведени 58 осомничени откако беше утврдено дека учествувале во подготовка на провокации по повод Денот на трудот, а денеска следуваа серија нови апсења на 41 лице во акција против Исламската држава.

Во рамки на мерките за 1 мај, од утрото се затворени патиштата кон централниот истанбулски плоштад Таксим. Властите идентификуваа вкупно 40 места во Истанбул за одржување настани по повод Денот на трудот, чие обезбедување ќе го следат над 42.000 полицајци. /МИА

притисни ентер