Туристичките агенции ќе протестираат ако државата не им помогне

Доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа.

Целосно отворање на границите, воведување протоколи како во останатите европски држави, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци, се само дел од барањата на туристичките агенции од земјава.

Тие денеска најавија дека ќе протестираат ако државата не им помогне. Како што рекоа на прес-конференција пред Министерството за економија, повеќе од 100 дена воопшто не работат, профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати. Доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа.

Барањата ги доставиле до министерствата за економија и за финансии на 11 јуни, но засега се уште немаат добиено никаков одговор. За мерката што вчера ја најави министерот Крешник Бектеши, не се информирани, ниту некој засега ги повикал на разговор.

-Не сакаме да профитираме, не бараме големи грантови. Сакаме нормални услови за работа, а додека државата не ни ги створи, бараме поддршка за опстанок на нашиот бизнис, за опстанок на нашите семејства, за покривање на трошоците. Бараме неповратна помош, зашто ако евентуално ни се обезбедат позајмици, не ќе имаме средства да ги вратиме. Ние сме неколку илајди вработени и за жал, ако ситуацијата вака продолжи, а државата не ни помогне, голем дел од нас ќе банротираат, ќе бидеме приморани да затвориме и практично од септември ќе бидеме нови невработени. Допрва не чека мртов период, септември, октомври, ноември, декември. Дали мислите дека некој ќе оди на Нова Година или ќе патува на есен, ќе плаќа фрст минит патувања за во 2021-ва? Луѓето се плашат порано да ги дваат своите пари, им е страв дека ќе останат заробени, рече Ана Марија Алекосва сопственик на туристичка агенција.

Меѓу барањата, дополни, е и агенциите да бидат исто така опфатени со мерката за ваучерите „Дома си е дома".

Сепак, туристичките агенции се најмногу против владината одлука за отворање на границите под дефинираните услови: при влез во државата секој да покаже (негативен) тест на корона не постар од 72 часа и да седи во 14-дневен карантин. Забелешка имаат и во однос на протоколот за автобусите кој наложува продажба на максимум 50 отсто од седиштата.

-Денес сме овде и против таа одлука зашто никој под вакви услови нема да дојде кај нас, ниту некој од нашите туристи ќе патува во странство. Имаме договори со странски партнери кои од нас очекуваат туристи, имаме наши клиенти кои веќе уплатиле и чекаат кога ќе може да патуваат зашто им се издадени ваучери, но ние одговорот на ова прашање не го знаеме, рече Алексова.

Таа е децидна дека туристичките агенции заслужуваат помош зашто плаќаат данок на државата од, како што напомена, десетици илјади евра.

Туристичките агенции се речиси 95 отсто семејни бизниси и засега, и покрај проблемите поради ковид-кризата, речиси нема отпуштања. Зад барањата стојат од 70 до 100 туристички агенции од државата.

Две лица загинаа во напад со нож во основно училиште во Кина

Две лица загинаа, а 10 се ранети во напад со нож во основно училиште во јужна Кина, соопшти полицијата.

Не е соопштено дали меѓу жртвите има и деца.

Нападот се случил во училиште во градот Гуиси, во провинцијата Џиангси, јави Би-Би-Си.

Полицијата соопшти дека нападот со кујнски нож го извршила 45-годишна жена.

Си Џинпинг упати сочувство до Иран: Кина загуби добар пријател

Кинескиот претседател Си Џинпинг упати сочувство до Иран, изразувајќи жалост за смртта на Ебрахим Раиси и Амир Абдолахиан, соопшти Министерството за надворешни работи на Пекинг.

Си рече дека Раиси во голема мерка придонел за мирот и стабилноста во Иран и одиграл важна улога во консолидирањето на кинеско-иранското стратешко партнерство, соопшти Министерството.

„Неговата несреќна смрт е голема загуба за иранскиот народ, а Кина загуби добар пријател. Кинеската влада и кинескиот народ го негуваат пријателството меѓу Кина и Иран. Кина ќе продолжи да го продлабочува и развива ова партнерство. Кина покажа голема загриженост поради овој инцидент и вети дека ќе го поддржи Иран на кој било начин“, се додава во соопштението.

Еко-свест испрати писмо со предлози до новата Влада за заштита на животната средина

Еко-свест, како што наведуваат, го дава својот приднес кон програмата на новата Влада и ги образложува мерките за секоја од компонентите за заштита и унапредување на животната средина.

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје денеска испрати писмо со предлози за новата влада, кои како што велат, ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето и мора да станат главен приоритет за новата Влада.

- Здравата и чиста животна средина, која е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Македонија, зачувувањето на природата и подобрувањето на еколошките стандарди, како и амбициозните мерки за климатска акција кои ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето мора да станат главен приоритет за новата Влада, се вели во соопштението.

Еко-свест, како што наведуваат, го дава својот приднес кон програмата на новата Влада и ги образложува мерките за секоја од компонентите за заштита и унапредување на животната средина.

Како приоритети ги наведува важноста за преземање мерки и активности насочени кон декарбонизација и климатска акција, обезбедување на „паметна“ енергија за сите, расчистување на историските жешки точки, подобрување на квалитетот на воздух, обезбедување на соодветна заштита за природата и водите и реализација на проектите кои ќе овозможат развој на циркуларната економија во земјата.

Според нив, граѓаните во последната деценија станаа видно загрижени за состојбите со животната средина бидејќи тие влијаат врз нивното здравје. Потребно е во новата Влада, како што нагласуваат, фокусот да се стави на заштитата на човекото здравје преку заштита и унапредување на животната средина, како и зголемување на стандардите кои ќе придонесат кон превенција на загадувањето на природата.

- Секоја политика и одлука која влијае врз животната средина, е политика која влијае на нашето здравје. Носењето одлуки во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Македонија треба да е врвен приоритет на новата Влада која ќе се формира по Парламентарните избори 2024 година, се вели во писмената изјава на Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Од Здружението Еко-свест додаваат дека со своите стручни познавања стекнати во текот на 22 години работа на полето на заштита на животната средина и климатска акција се отворени за дискусија и помош во имплементација на најдобрите политики и мерки во овие области.

притисни ентер