Турција очекува да го ратификува приемот на Шведска во НАТО до крајот на годинава

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром изјави дека неговиот турски колега Хакан Фидан му рекол дека ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО може да се случи „во рок од неколку недели“.

-Го чекаме спроведувањето на ратификацијата. Вчера имав билатерална средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, на која тој изјави дека очекува ратификацијата да се случи во наредните недели, рече Билстром.

Изјавата на шведскиот министер ги потврдува зборовите на висок функционер на Стејт департментот, според кои турскиот министер за надворешни работи вчера на своите колеги од НАТО им рекол дека напорно работи на ратификацијата на приемот на Шведска во алијансата и посочил како веројатен период до крајот на годината.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

- Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавноста

Собранието на 6 септември 2023 година ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законик

Министерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

- Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

- Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието.

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во Македонија

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во земјава, на кој ќе се дискутира и за улогата на високото образование во обликувањето на иднината во оваа област ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Настанот е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Мицкоски во посета на општина Кавадарци

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе биде во посета на општина Кавадарци, каде ќе го пушти во употреба реконструираниот пат од село Дабниште до село Ресава.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ќе го посети селото Дабниште, каде се врши реконструкција на фекална канализација, потоа ќе направи увид во реконструкцијата на пристапниот пат од село Ресава до викенд населбата Косовец покрај Тиквешкото езеро и ќе ја пушти во употреба спортската сала во село Возарци./МИА

притисни ентер