Тројцата астронаути од кинеската мисија „Шенжоу-18“ се вратија на Земјата

Астронаутите Је Гуангфу, Ли Конг и Ли Гуангсу беа на Кинеската вселенска станица „Тијангонг" од 25 април оваа година и синоќа ја завршија мисијата „Шенжоу-18“. Кинеската вселенска агенција потврди дека астронаутите се во добра здравствена состојба.

Вселенските истражувачи слетале во текот на ноќта во Донгфенг, северна Кина, а тимовите за набљудување, потрага и спасување користеа инфрацрвени термални камери за следење на капсулата. Командантот Је и неговата посада спроведоа низа научни експерименти за време на нивниот престој на „Тијангонг“, вклучително и проучување прастари микроби. Во оваа мисија се случи и кинескиот рекорд во поглед на вселенското излегување - во мај. А, потоа следеше уште едно излегување во јуни, со што беше поставен штит од вселенски отпад, пренесе кинеската „ЦЦТВ“.

Је, со својата втора мисија, е првиот кинески астронаут кој мина повеќе од 365 дена во Вселената вкупно.

Кинеското астронаутско трио спроведе вежба за итни случаи при што го сними Центарот за лансирање сателити „Џијукван“ во пустината Гоби, од каде што и полетаа во април. Беше извршено, меѓу другото, и снимање на комодромот „Венчанг“ на островот Хајнан, јужна Кина, од каде што беа испраќани модулите за „Тијангонг“.

Од 30 октомври, на Кинеската вселенската станица има нов астронаутски екипаж.

Кина има намера да го прошири „Тијангонг“ со додавање три нови модули. Идните планови предвидуваат испраќање и вселенски телескоп од класата „Хабл“, којшто ќе може да се приклучи на станицата заради одржување и поправки.

МЖСПП: Повторен вонреден ненајавен надзор на Цементарница „Усје“

Повторен вонреден ненајавен надзор на емисиите во воздухот од емитерите на Цементарница „Усје“.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина согласно Акцискиот план реализираа повторен вонреден ненајавен инспекциски надзор над работата на правниот субјект Цементарница Усје, Групација ТИТАН.

Како што соопштуваат од МЖСПП, во фокусот на овој вонреден инспекциски надзор била проверка на емисиите во воздухот од три стационирани извори (емитери) во кругот на фабриката.

- Дел од надзорот беа и претставниците на Одделението-Централна лабораторија за животна средина при Управата за животна средина кои извршија индикативно мерење на емисии од емитерите, кои дополнително ќе бидат анализирани и во текот на наредната недела ќе бидат објавени резултатите, стои во соопштението од МЖСПП.

Оттаму дополнуваат дека министерството и Државниот инспекторат за животна средина и во наредниот период интензивно ќе продолжат со примената на мерките од Акцискиот план, кои на предлог на работната група составена од претставници на МЖСПП и ДИЖС ги донесе Владата, за краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции на воздухот.

Честитка од директорката на КОВЗРГ по повод празникот Св. Климент Охридски

Трајковска упатила честитка до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска упатила честитка до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, до свештенството, монаштвото и сите православни верници по повод празникот Свети Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

-Додека го одбележуваме животот и делото на почитуваниот патрон на Македонската православна црква, свети Климент Охридски, да се потсетиме на неговата непоколеблива посветеност кон верата, неговата неуморна работа во ширењето на Евангелието и неговиот непроценлив придонес за македонското културно и духовно наследство. Во тивка и богоугодна молитва, упатуваме срдечна благодарност и благослов до големиот светител чија светлина продолжува да ја осветлува нашата вера, водејќи го македонскиот народ и сите православни христијани кон праведноста. На овој свечен и голем празник, да ја изразиме нашата најдлабока почит за неговото вековно присуство во нашите срца, души и заедници. Нека неговото застапништво продолжи да ја зајакнува нашата света Црква, македонскиот народ и нашата мисија кон подобро и посветло утре за секој еден граѓанин на Македонија, пишува во честитката на Трајковска.

АД ЕСМ: Ќе ги преземеме сите чекори пред управните и судските органи против „Марковски компани“

Предметниот економски оператор, посочуваат, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток во февруари годинава, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката, но тоа не било направено.

АД ЕСМ, согласно своите обврски и надлежности ќе ги преземе сите чекори пред управните и судските органи кои ги има на располагање и на кои е обврзано со закон откако актуелното раководство на РЕК Битола еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со „Марковски компани“, имајќи ги предвид сите последици кои се произлезени од несовесното и неквалитетно извршување на договорните обврски, информираат од комапнијата.

Предметниот економски оператор, посочуваат, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток во февруари годинава, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката, но тоа не било направено.

-Носителот на набавката во континуитет не ги почитувал предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Поради неиспорачаните количини кои РЕК Битола веќе ги имал предвидено во планот за производство на примарна енергија и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, Комбинатот бил доведен во ситуација да врши дополнителна набавка на јаглен од надворешни фирми за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“. Исто така, со несоодветната динамика за отстранување на меѓуслојните јаловински маси при експлоатација, ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино, велат од АД ЕСМ.

Во меѓувреме, како што нагласуваат, РЕК Битола со реорганизација на работните процеси ќе се обиде да го премости периодот без надворешна механизација преку зголемување на ископот на јаглен од рудникот Суводол, како и со набавка на јаглен од постојните договори со економски оператори.

-Земајќи ги предвид сите законски можности, со спроведување на транспарентни и недискриминаторни постапки согласно Законот за јавни набавки, компанијата ќе креира платформа за лојална конкуренција, со можност за пониски цени на договорните услуги и ќе овозможи непречено функционирање на работните процеси. На тој начин ќе се обезбеди континуиран дотур на јаглен за производство на електрична енергија и стабилно функционирање на македонскиот електроенергетски систем, порачуваат од АД ЕСМ.

притисни ентер