Ваквото барање на новиот министер доаѓа по објавувањето на ревизорскиот извештај за реализација на капиталните инвестиции, каде беше наведено дека вредноста на проектот за изградба на Коридор 8 од железничката инфраструктура кон исток скокнала за 220 милиони евра, што според Николовски 1 километар железница чини 24 милиони евра и го прави најскап километар некогаш изграден во светот. Дополнително според него, спорно е и тоа што претходната влада ја распишала тендерската постапка кога земјава се наоѓала во предизборен период, а рокот за поднесување на понуди истекува денес.
„Се работи за железничка пруга која треба да оди од К. Паланка до граница со Бугарија, која поминува низ град, со која треба да се рушат десетици куќи и најбитното завршува во тунел кој што нема крај.“ -изјави Александар Николовски – министер за транспорт и врски.
Николовски најави смена на раководството во ЈПДП и МЖ инфраструктура. Дополнително се надева дека кинески Синохидро до крајот на 2026, по една деценија ќе ја заврши изградбата на автопатот Кичево Охрид, а по промената на раководството во државни патишта најави дека ќе побара декласифицирање на Договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 Д. Не ја исклучи ниту можна и за репреговарање на договорот.
„Сите опции се отворени, треба да сме одговорни кон народните пари, исплатени се веќе 250 милиони евра, неодговорно е да се раскине договор тоа што е одговорно е да се седне и да се разговара.“- -изјави Александар Николовски – министер за транспорт и врски.
Според ревизорите Бехтел и Енка не ги градат коридорите со утврдената динамика. Дополнително во извештајот се нотираат и низа други слабости во управувањето со капиталните инвестиции и ЕУ фондовите. Според ревизија проектите се влечат со години, а трошоците за нивна реалцизација растат.