Трета јавна дебата за нацрт-амандманите на Уставот

 Третата јавна дискусија за нацрт амандманите за измени на Уставот на Република Македонија ќе се одржи денеска во амфитеатарот на МАНУ.

Како што соопштија од владината прес-служба, на дебата ќе се обратат вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Експертски осврт на дебата ќе дадат академик, Владо Камбовски и универзитетскиот професор, Светомир Шкариќ, а академик Таки Фити ќе го отвори настaнот и ќе ја модерира дискусијата.

Премиерот Зоран Заев вчера се обрати на втората дебата што се одржа на ФОН Универзитетот во Скопје на која истакнувајќи дека се повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, заради обезбедувањето на европската и евроатлантската иднината на Република Македонија. Тој повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО, како и дека со Договорот како никогаш досега, македонскиот идентитет и македонскиот јазик се заштитени.

Во врска со Амандманот 34, појасни дека во Преамбулата „одлуките на АСНОМ" се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ" и се додаваат зборовите „Охридски рамковен договор", со кои, како што напомена, се заокружува едно историско поглавје, кога се создадоа можностите за развивање на концептот „Едно општество за сите", кое во Македонија е реалност, прифатлива за сите граѓани.

Истовремено, премиерот Заев го образложи и Амандманот 35, каде во членот 3, се внесува реченицата „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави" и подвлече дека со тоа се дава гаранција на нашиот сосед Грција дека ние сме пријателски народ.

На јавната расправа говореа и ректорот на Универзитетот ФОН, проф. д-р. Нано Ружин и проф. д-р. Темелко Ристевски. Ружин, искажувајќи поддршка за процесот на уставните измени, говореше за потребата од истакнување на големата улога на потпишувањето на Договорите со Бугарија и Грција, како знак на пријателство и добрососедство кои обезбедуваат и стабилизација во регионот и отвораат пат на Македонија кон НАТО и ЕУ. Ристевски, пак, презентираше предлог во Амандманот 36, во точка 3 која вели „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство", да се додадат и зборовите „и за припадниците на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и припадниците на други народи кои имаат македонско државјанство и живеат во странство".

Премиерот Заев одговарајќи на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите.

Тој укажа дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи "во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување".

-Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца, рече Заев.

Меѓу учесниците се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство.

Последните две јавни дебати се закажани за в понеделник во Штип и во Тетово.

ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК да покрене постапка против Битиќи

ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче.

По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката.

Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.

ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.

Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност.

Време е да ја вратиме државата на народот. Македонија повторно твоја,се наведува во партиското соопштение.

Пендаровски со порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака:

„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.

Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.

Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање.

На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите.“, соопштуваат од неговиот кабинет.

СДСМ: На 8 ми мај граѓаните масовно да излезат на изборите, се одлучува за иднината на државата

Граѓаните треба масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да гласаат. Се одлучува за иднината на државата.

Прашањето е каква држава сакаме да изградиме?

Дали ќе следи уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина.

Изборот е во рацете на граѓаните но тоа може да има сериозни негативни последици кон иднината на Македонија.

СДСМ ги повикува сите граѓани, да излезат на гласање во среда, да го заокружат бројот 1 и да гласаат ЗА, за европска иднина, за европски стандарди и вредности, за држава во која децата ќе сакаат да останат, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер