Транспаренси Интернешнл-Македонија: Барометар на корупција за април „Бистро-Матно“ - Канал 5

Транспаренси Интернешнл-Македонија: Барометар на корупција за април „Бистро-Матно“

 Кривичната пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници, предистрагата за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија

Транспаренси Интернешнл-Македонија: Барометар на корупција за април „Бистро-Матно“

Кривичната пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници, предистрагата за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија, како и случајот со пензионираните службеници од МВР обвинети за прикривање судски пресуди и нанесување штета од над 3,3 милиони денари, се во „бистрите“ настани во извештајот од Транспаренси Интернешнл-Македонија во врска со спроведената редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“.

Во барометарот на корупција за април дел од „матните“ настани се случајот со претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска поврзан со предметот „Адитив“, измамите со земање брзи кредити, лажните извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице, како и неажурноста на судовите за минатата година.

- Обвинителството отвори предистрага за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија - Недостасуваат 7 милиони евра во државниот буџет, кои од страна на Агенцијата за одземен имот не биле уплатени, а се од продаден имот стекнат на криминален начин. Овој имот е запленет со правосилни судски пресуди, зашто е стекнат со криминал и со него управува Агенцијата, која не смее да ги злоупотребува парите од неговото отуѓување. Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има утврдено многу неправилности во работењето на Агенцијата. Сите овие работи ќе ги испита Обвинителството, се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Кривичната пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници, се посочува во соопштението, десет полициски службеници од Кочани и Штип добија кривични пријави за непостапување според мерките и прописите за заштита и не извршување целосна проверка пред издавањето на лиценца за работа на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде пред еден месец во трагичен пожар животите ги изгубија 61 лице. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавените до Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и нема пречки за јавниот ред и мир и сообраќај.

- Службените лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност - кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе. Управител на скопска фирма затаил данок од над 12 милиони денари - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава поради основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување по член 279 став 2 од КЗ. Пријавениот во својство на управител и сопственик на правно лице, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, набавената трговска стока, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во сметководствената евиденција. Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, се додава во соопштението, пријавениот не изготвил и не поднел Завршни сметки за 2021 година, 2022 година и 2023 година, до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Република Северна Македонија со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12.079.019 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија. Поднесена кривична против двајца стружани за затајување данок од над 5,6 милиони денари - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струга, поднесе кривична пријава против две физички и едно правно лице поради основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување. Првопријавениот во сметководстваната евиденција ги евидентирал влезните фактури и креирал побарување за ДДВ кое го употребил за пребивање односно намалување на Обврските за ДДВ со што нанел штета на Буџетот на Република Северна Македонија по основ на ДДВ по пресметковна стапка од 15,2542% во износ од 5.632.920 денари“, информираат од Финансова полиција, соопштија од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Во „бистрите“ настани е ставен и случајот со пензионирани службеници од МВР обвинети за прикривање судски пресуди и нанесување штета од над 3,3 милиони денари. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство – Скопје стои во соопштението, поднесе кривична пријава за кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Првопријавената како службено лице во текот на 2021 и 2022 година не ја извршила својата службена должност на начин што не спровела правосилни пресуди на надлежен суд, со кои било одлучено за прекинување на договорите за вработување на две вработени лица и дозволила истите да продолжат да работат во Министерството за внатрешни работи. Второпријавената во својство на овластено службено лице кога предметните пресуди пристигнале во Секторот со која таа раководела, не ги прочитала со внимание и ги предала да бидат заведени во Деловодникот на Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, без притоа соодветно да реагира и да ги врати пресудите до првопријавената , со цел да бидат проследени до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки заради постапување.

Од максимум бодови за ДКСК, до осомничена за „Адитив“ - Претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на обвинет во предметот „Адитив“, се посочува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија, во делот за „матните“ настани. Делото за кое се сомничи, го почнала само три месеци по нејзиниот избор. Во време на висока недоверба во судството, ДКСК важеше за своевидна светла точка во борбата против корупцијата. Новиот состав на оваа Комисија наследи такво реноме изградено од нејзиниот претходен состав. Сега, се подвлекува во соопштението состојбите како да се пред нов почеток, откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамките на постапката што се води за предметот „Адитив“ донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, од кои едно е претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, како третоосомничена. Трагите до неа стигнале како резултат на екстрахирани електронски докази обезбедени во досегашната постапка.

Друг случај во „матни“ настание, пишува Транспаренси, земале мито, па изготвувале документација за наводни прегледи, контроли и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице - Поранешна докторка од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е во центарот на шемата. Како што соопштија институциите, таа формирала две криминални групи кои добивале мито, а за возврат лажирале медицинска документација и ги воделе постапките за обезбедување на социјалните права. Во шемата влезени биле лекари од Уво, нос и грло, Неврологија, ЈЗУ општа болница Велес, Психијатрија, но и вешто лице, членови на Комисијата за оцена на работна способност, адвокат, но и други службеници. Постапките за остварување на право на туѓа нега оделе преку Велес. Барателите давале мито кај матични доктори од овој град. Без воопшто да се појават на лекар биле креирани и издавани документи за фиктивни упати, прегледи, отпусни листи, медицински извештаи, контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација.

-Тешка измама со брзи кредити, се посочува во соопштениет, : 43 луѓе фалсификувале лични податоци на граѓани, а во тоа им помагал вработен во ФЗО - Дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.

- Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот“ се наведува во соопштението. Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами, објави Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Директорот на Геријатрија 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице, е другиот случај во „матните“ настани. Заедно со посредник директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријатриска установа. МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопштија дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.

Транспаренси Интернешнл-Македонија во барометарот за парил го наведува и уапсениот инспектор од личното обезбедување на Мицкоски сакал да продаде тајни документи за 50.000 евра - Осомничениот Ангел Самараков, самостоен инспектор припадник на Единицата за лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, бил фатен на паркинг пред хотел во Велес при обид да продаде тајни документи за 50.000 евра, соопшти Јавното обвинителство. „Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.3.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, соопштија од обвинителството.

Скоро половина од судовите лани биле неажурни, Судскиот совет го усвои извештајот за работата на судовите во 2024 - Скоро половина од судовите од државата лани биле неажурни, односно од 34 судови ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд. Ова, потсетувгаат од Транспаренси, беше соопштено на седница на Судскиот совет на кој се разгледуваше извештајот за работата на судовите за 2024 година. Според известителот Павлина Црвенковска, судовите во државата мината година ја почнале со нерешени 131.005 предмети, а примиле за работа нови 569.958 предмети, односно вкупно за работа имаме 700.739 предмети. Од нив успеале да решат 566.010, а не решиле 134.729 предмети. -Судовите лани не успеале да го совладат приливот на предмети и ги зголемиле заостанатите предмети за 3.724 предмети, истакна Црвенковска.

Во „матните“ настани за април е случајот во кој ревизорите констатирале неправилности и системски слабости во работата на гостиварскиот Основен суд - Според наодите, во судот недостасуваат одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи; Различни услови за пополнување на едно работно место во прописите по кои работат судовите, што, смета, предизвикува дилеми и неможност за постапување, како и дека не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и има неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање; Констатирале и отсуство на документација со која ќе се потврди правото на сопственост или користење на недвижниот имот. Ревизија: Системски слабости и неправилности во Бирото за развој на образованието - Повеќе од 5 години на раководна позиција, но како вд директор, непрецизност во начинот на пресметка на надоместоците на надворешните соработници, недостаток на финансиски средства за обуки на наставници во основно и средно образование - ова се дел од системските слабости во работата на Бирото за развој на образованието утврдени во новиот ревизорски извешетај. Во текот на 2023 година, со Бирото раководеле двајца директори кои не биле именувани по објавен јавен оглас, додека претходниот директор со институцијата раководел повеќе од 5 години. Државна ревизија открива слабости во договорените јавно-приватни партнерства - Малку резултати за многу пари - ревизијата на проектите со јавно-приватно партнество од 2017-та до лани покажува слабости во законите, институциите и договарањето. Утврдени се вкупно 68 договори, но ревизорите велат дека бројката можеби е поголема поради лошо водена евиденција. Од 25 анализирани постапки, државата наплатила околу еден и пол милиони евра, додека приватните партнери добиле 3 милиони евра. Приватниот сектор инвестирал вкупно 37 милиони евра, но придонесот на државата не може да се мери парично бидејќи се состои од дозволи, земјиште и објекти. Не сите договори биле добро напишани. Еден бил склучен на 96 години, а законскиот лимит е 35. Во некои случаи и државата морала да плати казни. „Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за одложување на европската перспектива на соседот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за одложување на европската перспектива на соседот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, со единствена точка на дневниот ред – Годишниот извештај на Европската Комисија за земјава, за 2026 година.

На самиот почеток таа истакна дека македонската стратешка цел останува непромената - полноправно членство во Европската Унија, при што во процесот на преговори, доследно да се применуваат европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги.

Сиљановска-Давкова смета дека за нашиот напредок клучни се четири димензии: недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес и политичката одредница за уставни измени од годишниот извештај за 2022 година.

„Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон Европската Унија, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, рече претседателката.

Истовремено, таа изрази очекување од Европската Унија – јасно да предочи дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена.

„Реформите и уставните измени, морам да го повторам она што многупати сум го рекла: уставните измени на кои се повикува извештајот не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов, надвор од правото на ЕУ. Но точно е дека се дел од заклучоците’, потенцираше Сиљановска-Давкова.

За неа, македонскиот евроинтеграциски процес нема да биде лесен ниту во иднина. И затоа, смета Сиљановска-Давкова, неопходно е високо ниво на согласност меѓу политичките субјекти во Собранието, конструктивен дијалог и меѓусебно почитување меѓу трите власти, но и меѓу власта и граѓанскиот сектор, проактивност, засилено спроведувањето на реформите и почитување на мерит системот.

На крајот, таа повика на конструктивна расправа, којашто ќе резултира со надминување на слабостите и проблемите, од една страна, како и со зајакнување на позитивните страни, од друга.

Покрај претседателката на седницата говореа и евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали, претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, како и дел од пратениците.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

Почитувани,

Го конципирав мојот говор, се разбира, најпрво со начелни ставови, но исто така и со конкретни видувања на извештајот, моја оценка, и на крајот, се разбира, би сакала, бидејќи сме во Собранието, да посочам што мислам дека Собранието може да направи за овој важен процес.

Европската интеграција, по којзнае кој пат повторувам, е стратешко, национално и државно прашање. Не е прашање на дневна политика, не е прашање на партиска политика, ниту е прашање на мандат на било која Влада. Денешната расправа, по повод извештајот на Европската комисија, е можност за сите нас уште еднаш, здраво, реално, да процениме каде сме, што сме постигнале, каде се проблемите, каде се слабостите, зошто има недостиг од напредок и каде има и како препораките да ги преточиме во конкретни обврски.

Тоа, се разбира, не може да го направиме без пошироката слика што Унијата ја проектира низ документите од последниве месеци. Извештајот за мене не е изолиран акт, туку тој е дел од поширокиот пакет кој директно нè засега нас и сите наши граѓани.

Но од самиот старт, ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да ме поколеба. Нашата цел останува истата, полноправно членство во Европската Унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги.

Би сакала, на самиот почеток, да истакнам четири димензии што според мене се особено важни за нашето напредување.

Прво, недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување и на нашиот пат кон ЕУ.

Второ, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања.

Трето, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес.

И, на крајот, како резултат на првиве три димензии, политичката одредница за уставни измени преземена во јуни 2022 година, во годишниот извештај презентиран, или подготвен од бугарскиот пратеник Илхан Ќучук.

Што сакам да кажам на крајот? Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост.

Во оваа смисла, сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон Европската Унија, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитетот, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија. Да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме. Да не се надвикуваме, оти од високите тонови и шумот нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи. Да им дадеме простор да се искажат.

Што очекувам од Европската Унија? Како објективен брокер, да стави јасно до знаење, преку правила, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само политичка декларација. Како за другите, така и за нас.

Исто така, би сакала накусо, телеграфски, мојот поглед на Извештајот да го презентирам.

Дваесетти Извештај по кандидатскиот статус, многу читања зад нас, многу дебати во овој пратенички дом, доволно искуство за да навлеземе во суштинска дискусија за тоа како понатаму.

За самиот извештај, добро е што нема констатирано назадување. Можеме да кажеме дека е исто така добро што усогласеноста на поглавјата 10, „Дигитална трансформација и медиуми“ и 26, „Образование и култура“ е на повисоко ниво за мене. Има добар напредок во поглавјето 10, „Дигитална трансформација и медиуми, наука и истражување“ и 31, „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, најважното за светот, за ЕУ, за Европа и за нас.

Посебно е важно високото ниво на усогласеност во поглавјето „Заедничка безбедносна и надворешна политика“, потенцирам нешто што сега е хоризонтален услов за напредок во процесот.

Меѓутоа, факт е дека ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ споредено со други земји во процесот.

И во поглавја каде со години компаративно сме понапред, како, на пример, безбедноста на храната и царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот „Внатрешен пазар“ усогласеноста останува на исто ниво, години со ред, напредокот стагнира.

Од кластерот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ ќе издвојам дека извонредно значајно за мене е поглавјето на „Животна средина“, коешто со години бележи ограничен напредок и исто така само одредено ниво на усогласеност.

Клучниот кластер „Темели“, за разлика од минатата година, има напредок, иако ограничен во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок, а тоа е важно, во борбата против корупцијата и во јавните набавки.

Забележан е ограничен напредок во „Правда, слобода и безбедност“, исто така област во која имаме предности и јавната финансиска контрола, а остануваат клучните слабости во некои области на имплементацијата на правата.

На места, ако фрлам поглед, констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека е бавно исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат. Посебно внимание, според мене, заслужуваат хроничните слабости како: недостаток на капацитети - изразен во користење на средствата во ЕУ, за што сериозно треба да размислиме, потребата од зајакнување на независните тела, координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.

Значајно е подобрувањето во спроведувањето на реформската агенда, видливо е дека напредокот во одредени подрачја од Извештајот е резултат на спроведувањето на реформската агенда, но мислам дека таа не е доволна како механизам за поттикнување на реформите.

Како прва земја од регионот што воспостави своја Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со систем за ажурирање и следење, при објавени извештаи од скринингот, нашата работа на реформите, комплементарни со пристапувањето во ЕУ, може и треба да биде подинамична и посеопфатна, а овие инструменти мора да ги актуализираме.

Оваа година Комисијата обелодени докази за четири земји предводнички во процесот, изоставајќи нè нас и покрај нашите аргументи и за постигнатото ниво на усогласеност со правото на ЕУ, и за усогласеноста со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата, и дека е тоа спротивно на принципот на заслуги, тврдам јас. Меѓутоа, ова не смее да нè демотивира.

Комуникацијата на Комисијата за подготовка за поширока Европа и преглед на политиките е многу важна. Оваа година извештајот е објавен во посебен контекст, непосредно по објавувањето на Комуникацијата на Комисијата за подготовка за поширока Унија и прегледот на политиките — документи кои се основа за расправата која се води во државите членки.

Мора да им посветиме посебно внимание на овие документи, да организираме суштествена расправа и проактивен однос на домашен план, но исто така и пред државите членки на Европската Унија.

Сакам да ги поздравам иницијативите содржани во овие документи, за поефикасно одлучување и постепената интеграција, како и ставот- особено ставот, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат вклучени во преговорите како такви.

Очекуваме, и јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикувава сите претходно, зборувам за Преспанскиот договор и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка.

Реформите и уставните измени, морам да го повторам она што многупати сум го рекла: уставните измени на кои се повикува извештајот не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов, надвор од правото на ЕУ. Но точно е дека се дел од заклучоците.

Наша задача, како избрани од граѓаните е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив да го сочуваме капацитетот на реформи е за мене и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно враќање во историјата.

Дека мнозинството граѓани сака во ЕУ покажуваат бројните истражувања досега. Собранието, вие, во повеќе свои декларации и резолуции, и претходните го потврдија она што граѓаните го бараа. Но ги зацртаа и нашите црвени линии во пристапниот пат. Не секогаш беа почитувани.

Ниту досега тој пат не беше лесен, нема да биде ни во иднина. За да го олесниме ќе истакнам некои работи кои за мене се клучни.

Високо ниво на согласност меѓу политичките субјекти овде во Собранието за клучните прашања од европската агенда. Прво, ние жените треба да го сториме тоа. Повеќе конструктивен дијалог и меѓусебно почитување меѓу трите гранки на власта, но и меѓу власта и граѓанскиот сектор.

Проактивност и значително засилено темпо во спроведувањето на реформите, видливи и признаени од граѓаните. Почитување на принципот на мерит, за да овозможиме знаењето, умеењето и интегритетот да придонесуваат за успешни реформи, но најмногу за еднаквост и правда.

Почитувани пратеници,

Собранието, а пред сè, Советот за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, се местото каде што треба да вложиме максимум напори за консензус за клучните прашања поврзани со нашиот европски пат.

Не случајно Лисабонскиот договор се именува и како договор за парламентите. Разликите на мислењата во парламентите се легални, пожелни и демократски. Убедена сум дека Собранието има капацитет за плодотворна дискусија за опциите, за политиките на европскиот пат, овде и во матичните комисии, вклучувајќи јавни расправи, надзорни расправи и сите други механизми што ги имате на располагање.

Ќе си дозволам да повикам на конструктивна расправа. Наместо да се исцрпуваме во меѓусебни препукувања кој придонел за констатираните слабости, да говориме за тоа како да придонесеме тие да се надминат, а добрите страни да се зајакнат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Двајца руски дипломати се протерани од Кипар под сомнение за шпионажа, потврдија двајца кипарски функционери во текот на викендот, откако телевизиската станица ANT1 Live ја објави веста.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Според двајца високи владини функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни за случајот, кипарските разузнавачки служби открија мрежа која се обидувала да добие класифицирани информации за безбедноста на Кипар и Европската Унија.

Мрежата, исто така, се обидела да добие податоци за технологија чиј извоз во Русија е забранет со санкциите на ЕУ, изјавија функционерите за Политико.

Тие додадоа дека двајцата дипломати биле принудени да го напуштат Кипар минатата недела и се осомничени дека работеле за руската разузнавачка служба под дипломатска покритие.

Тие рекоа дека мажите биле во контакт со кипарски граѓани кои имале пристап до класифицирани информации.

POLITICO контактираше со руската амбасада во Кипар за коментар за случајот, но не доби одговор до моментот на објавување.

Москва некогаш беше еден од главните извори на странски директни инвестиции во Никозија, додека медитеранскиот остров претходно беше важен банкарски центар за руски инвеститори, вклучувајќи трговци со оружје и компании за коцкање.

Сепак, во последниве години, санкциите на Европската Унија, регулаторните притисоци и променливиот геополитички фокус ја принудија Никозија да се оддалечи од ваквите инвестиции.

Кипар, како членка на ЕУ, ги поддржува сè построгите санкции на блокот против Русија уште од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина.

Според Службата за надворешно разузнавање на Украина, европските земји протерале повеќе од 700 руски претставници од дипломатските мисии од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА, но никој не очекуваше „Црвената фурија“ да слави со неверојатни 15:0!

Шпанците, кои имаа гол-разлика од 20:0 по две кола, веќе водеа со 6:0 до полувремето.

И не е ни чудо кога во својот состав имаат седум играчи од младинските категории на Барселона, по три од Атлетико и Реал Мадрид, но и од Селта, Жирона, Атлетик Билбао...

Апсолутно доминантен играч на овој натпревар беше Рафаел Круз од Лас Палмас, кој постигна шест гола, додека Роберто Томас и Гилермо Трухиљо го проверија противничкиот голман по три пати.

Интересно е што ова не е апсолутен рекорд и најубедлива победа на Мундијалот до 17 години, бидејќи Мароко успеа да ја победи Нова Каледонија со 16:0 минатиот ноември. Шпанската репрезентација е еден од главните фаворити за победа на ова натпреварување, па ќе видиме во остатокот од натпреварувањето дали ќе ја одржат оваа монструозна форма.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер