Трамп започна со масовни отпуштања на сојузни службеници - Канал 5

Трамп започна со масовни отпуштања на сојузни службеници

Трамп постојано се закануваше со отпуштање на федерални службеници за време на застојот во буџетските преговори, поради што нема федерално финансирање на дел од федералните тела веќе 10 дена.

Трамп започна со масовни отпуштања на сојузни службеници

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите за неговата одлука да отпушти илјадници вработени во федералните агенции, исполнувајќи ја заканата за намалување на бројот на службениците во период без буџетско финансирање поради неусвојување на законот во Конгресот.

Масовни отпуштања се во тек во Министерството за финансии, американскиот здравствен систем, даночната управа (ИРС), Министерството за образование, Министерството за трговија и Одделот за кибернетичка безбедност при Министерството за домашна безбедност, потврдија нивните портпароли. Точниот обем на отпуштањата не е целосно јасен.

Претходно беше планирано околу 300.000 федерални службеници да ги напуштат своите работни места во текот на оваа година, како дел од планот на Трамп за намалување на федералната администрација.

- Тие го започнаа ова, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, додавајќи дека отпуштањата се „насочени кон демократите“.

Администрацијата на Трамп отпушти десетици вработени во Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во последниот круг отпуштања, вклучувајќи „детективи за болести“, високорангирани научници и цела канцеларија во Вашингтон, објави „Њујорк Тајмс“.

Погодените работници ги добиле известувањата за откази по електронска пошта синоќа нешто пред 21 часот, при што биле информирани дека нивните работни места се непотребни или „речиси идентични“ со оние што се вршат на друго место.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но им се потребни гласови од демократите во Сенатот на САД за да усвојат буџетски мерки за финансирање на федералната администрација. Демократите се залагаат за продолжување на субвенциите за здравствено осигурување, тврдејќи дека трошоците за здравствена заштита драстично ќе се зголемат за многу од 24-те милиони Американци кои имаат осигурување благодарение на Законот за пристапна здравствена заштита.

Трамп постојано се закануваше со отпуштање на федерални службеници за време на застојот во буџетските преговори, поради што нема федерално финансирање на дел од федералните тела веќе 10 дена.

Тој, исто така, нареди замрзнување на најмалку 28 милијарди долари инфраструктурни средства за Њујорк, Калифорнија и Илиноис, држави каде што има значителен број демократски гласачи и критичари на неговата администрација.

Министерството за правда соопшти дека над 4.200 федерални службеници добиле откази во седум агенции, вклучувајќи повеќе од 1.400 во Министерството за финансии и најмалку 1.100 во Министерството за здравство и социјални услуги.

Демократите порачаа дека нема да попуштат пред тактиката на притисок на Трамп. - Додека републиканците не станат сериозни, тие се одговорни за ова - секое изгубено работно место, секое погодено семејство, секоја уништена услуга е поради нивните одлуки, рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.

Синдикатите поднесоа тужба за да ги запрат отпуштањата, наведувајќи дека тие би биле незаконски за време на период без буџетско финансирање. Федерален судија треба да го сослуша случајот на 15 октомври. Федералниот апелациски суд во Вашингтон треба да одлучи за законитоста на мерката, откако неколку организации побараа привремена забрана за отпуштањата.

Демократските конгресмени го обвинија Трамп дека спроведува „политички мотивирани чистки“ и дека ги заменува стручните кадри со лојални личности. Синдикатите најавија дека ќе покренат колективни тужби пред федералните судови.

Во меѓувреме, администрацијата на Трамп предупреди дека, доколку Конгресот не го усвои буџетот до 15 октомври, ќе дојде до делумно затворање на федералната влада, што би можело да остави два милиона војници без плати, а десетици илјади цивилни службеници веќе се испратени на принуден неплатен одмор.

Сенаторката од Републиканската партија, Сузан Колинс, предупреди дека таквите мерки „можат сериозно да ја нарушат способноста на државата да обезбедува јавни услуги и да спроведува закони“.

И покрај критиките, Трамп најави дека ќе продолжи со реформата на федералната администрација, која, како што рече, „ќе стави крај на ерата на неефикасност и партиска пристрасност во владата“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во мртовечница заборавиле покојник и веќе 14 години е во ладилник- случајно е откриена морничавата вистина

Мишел Менар се сметал за осаменик во селото на југот на Франција каде што живеел. 

Во мртовечница заборавиле покојник и веќе 14 години е во ладилник- случајно е откриена морничавата вистина

Официјално бил невработен и поголемиот дел од времето го поминувал во трошна вила опкружена со лозја.

Неговата соседка го видела само кога поминувала покрај имотот. Потоа го забележала како неподвижно гледа низ прозорецот.

Никој не ги известил властите

Неговата смрт во 2012 година била подеднакво необична. Тогаш 58-годишен Французин бил пронајден во тоалетот на неговата вила, а неговото тело веќе било делумно распаднато.

Се верувало дека бил мртов со недели, без никој да забележи. После тоа, ништо повеќе не се слушнало од него - до сега, објавува HLN.

Имено, неговите останки биле пронајдени за време на инспекција на мртовечницата на Универзитетскиот медицински центар во Тулуз. Се покажало дека телото лежело во ладилник 14 години!

Во тој период, ниту еден член на семејството не се јавил да го згрижи покојникот. Во мртовечницата, се чини, со години никој не ги известил властите за присуството на телото на Мишел Менар.

Градоначалничката на градот каде што живеел, Вирџини Биспели-Беири, за француските медиуми изјави дека болницата ја контактирала уште во 2012 година. Во тоа време, прашале дали општината можеби знае за некој од неговите роднини кои би можеле да организираат погреб.

„Мислевме дека има семејство и им ги пренесовме тие информации. После тоа, не слушнавме ништо повеќе. Затоа претпоставивме дека останките се предадени на семејството“, рече таа.

„Бев без зборови од шок“

Сепак, тоа не се случи. Никој не се погрижи за телото на човекот, кое лежеше во мртовечницата.

Случајот беше откриен претходно оваа година, кога француското судство започна истрага за сомнителни неправилности во работата на мртовечницата. Таму, наводно, во вреќа за ѓубре биле пронајдени останки од два фетуса и две бебиња.

Истражителите отишле во објектот за да проверат што се случува таму. Тогаш го пронашле телото на Мишел Менар, кого француските медиуми го нарекоа „заборавениот починат“.

Пред две недели, градоначалничката добила телефонски повик од полицијата и дознала дека неговото тело е пронајдено во ладилник.

„Бев без зборови од шок. Некаде имало сериозна грешка, но каде? Кој ја направил грешката?“, рекла таа.

Француското судство го истражува бизарниот случај. Универзитетскиот медицински центар во Тулуз, во кој се наоѓа мртовечницата, вели дека ќе ги почека резултатите од истрагата и дотогаш нема да коментира за случајот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Израелскиот министер за одбрана е под истрага во Италија- осомничен е за измачување

Италијанските обвинители објавија дека покренуваат истрага против израелскиот министер за одбрана Израел Кац и голем број високи воени, полициски и затворски службеници. 

Израелскиот министер за одбрана е под истрага во Италија- осомничен е за измачување

Истрагата се однесува на третманот на активистите од флотилата во Газа. Ова ја прошири истрагата, која досега беше фокусирана само на Итамар Бен-Гвир, израелскиот министер за национална безбедност, објави Ројтерс.

Канцеларијата на римскиот обвинител објави дека случајот се заснова на сомневања за тортура, киднапирање, нанесување телесни повреди, грабеж и штета. Горенаведените дела наводно се извршени во текот на 2025 и 2026 година, кога израелските сили пресретнале конвои со бродови на пат кон Газа.

Постапката е покрената врз основа на жалбите на 50 италијански граѓани. Тие беа приведени откако учествуваа во две мисии на Глобалната флотила Сумуд, едната помеѓу септември и октомври 2025 година, а другата помеѓу април и мај 2026 година. Кац сè уште не одговорил на барањето за коментар. Уште во јуни, Бен-Гвир ја отфрли веста за истрагата и рече дека „ќе продолжи гордо да стои со нашите борци“.

Детали за жалбите против израелските сили

Според обвинителството, активистите приведени по првата мисија пријавиле тепања, повреди, закани со смрт, навреди и обвинувања за тероризам. Учесниците во втората мисија, како што е наведено во соопштението за медиумите, пријавиле уште построг третман, што вклучувало тепања во темница и употреба на зашеметувачки пиштоли и гумени куршуми.

Истражителите идентификувале повеќе лица од воениот и полицискиот команден ланец кои биле вклучени во тие операции. Покрај Кац и Бен-Гвир, обвинителството именувало уште 12 високи израелски функционери од воениот, полицискиот и затворскиот систем како осомничени. Началникот на Генералштабот Ејал Замир е меѓу нив.

Меѓународна правна соработка

Обвинителите потврдија дека во јуни испратиле барање до Израел за правна помош. Тие побарале информации потребни за реконструкција на настаните и утврдување на индивидуалната одговорност. Не е наведено дали израелските власти одговориле на барањето.

Исто така, беше потврдено дека се водени разговори со Евроџаст, агенцијата на ЕУ за судска соработка. Причината е што слични истраги за истите две мисии се спроведуваат во други, неименувани европски земји. Италијанскиот закон дозволува злосторствата извршени во странство против италијански граѓани да бидат судени во Рим.

Статусот на осомничен во Италија не значи признавање на вината, ниту автоматски води до судење. Меѓутоа, ако истрагата покаже дека обвинувањата се основани, обвинителите можат да поднесат формално барање за покренување судска постапка. Организаторите на флотилата нагласуваат дека целта на мисијата била да се пробие израелската блокада на Газа и да се достави хуманитарна помош. Израел, од друга страна, ја смета својата поморска блокада на Газа за легална.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Британците забрануваат три вида екстремна порнографија: Опасната содржина ги загрозува жените и девојчињата

Велика Британија ќе забрани порнографска содржина што прикажува давење или задушување, сексуални односи меѓу луѓе кои се во сродство или се преправаат дека се во сродство .

Британците забрануваат три вида екстремна порнографија: Опасната содржина ги загрозува жените и девојчињата

Велика Британија ќе забрани порнографија што прикажува давење или задушување, сексуални односи меѓу луѓе кои се во сродство или се преправаат дека се во сродство и возрасни кои лажно се претставуваат како деца под 16 години од 6 ноември, објави владата.

Мерките беа објавени по меѓупартискиот притисок поради загриженоста за негативното влијание на таквата содржина врз жените и девојчињата, објави Скај њуз.

„Владата има обврска“

Британските пратеници рекоа дека новите правила би можеле да доведат до тоа земјата да воведе некои од најстрогите прописи за интернет порнографија во светот.

Министерката за правда на Велика Британија, Алекс Дејвис-Џонс, изјави дека владата има обврска да го преполови насилството врз жените и девојчињата во следните 10 години, нагласувајќи дека штетната порнографија сè уште е лесна за пристап преку интернет.

Таа нагласи дека целта не е да се криминализира безопасно сексуално однесување, туку да се спречи ширењето на содржина што може да влијае на перцепциите за здрави врски, особено кај младите луѓе.

„Може да ја замагли линијата...“

„Содржината што го нормализира или дури и го величи насилството врз жените е опасна и може да ја замагли линијата помеѓу она што е прифатливо во реалниот живот“, рече Дејвис-Џонс.

Според студија од 2024 година на Институтот за давење, повеќе од една третина од возрасните на возраст од 16 до 34 години изјавиле дека доживеале давење или задушување барем еднаш за време на консензуален сексуален однос.

Анкета спроведена од истата организација покажа дека 43 проценти од сексуално активните млади на возраст од 16 до 17 години изјавиле дека биле изложени на такво искуство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер