Трамп за истрагата против неговиот личен адвокат: Тоа е нечесно, тој е патриот

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше федералната истрага против Руди Џулијани и рече дека нема поим што барале агентите во станот и во канцеларијата на неговиот поранешен личен адвокат.

Федералната полиција вчера извршила претрес во њујоршкиот стан на Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк и заплениле електронски уреди како дел од истрагата за неговите дејства во Украина. Досега тој не бил официјално обвинет.

„Многу, многу е нефер“, изјави Трамп за телевизијата Фокс во телефонско интервју. „Руди е патриот кој ја сака оваа земја и немам претстава што бараа, што правеа“, додаде тој.

Адвокатот на Џулијани, Боб Костело, потврдил дека претресите биле извршени и дека властите заплениле електронски уреди, вклучително и мобилниот телефон на Џулијани, што укажува на тоа дека истрагата е политички мотивирана.

„Градоначалникот Џулијани не само што го негираше ова обвинение, туку двапати во последните две години, преку неговиот адвокат Боб Костело, понуди да покаже дека е целосна невистина“, се вели во соопштението. „Но, понудата беше одбиена двата пати.

Костело додаде дека запленетата електроника е полна со податоци заштитени со приватност на адвокат и клиент.

На барање, ниту главните обвинители на Менхетен ниту ФБИ не ја потврдиле таа информација.

Според Њујорк Тајмс, повикувајќи се на анонимни извори, федералното обвинителство во Менхетн, откако добиле налог за претрес на неговиот стан во населбата Горен Ист Сајд, заплениле електронски уреди, вклучително и телефони, во голем број.

Говорејќи пред влезот во станбената зграда на неговиот татко, Ендру Џулијани, кој размислува да се кандидира за гувернер на Њујорк, рече дека потрагата е „крајно вознемирувачка“, „одвратна“, „апсолутно апсурдна“ и го обвини Министерството за правда дека постапува од политички причини.

„Ова е продолжение на поларизацијата на Министерството за правда, кое мора да запре. Ако ова може да му се случи на поранешниот адвокат на претседателот, тоа може да му се случи на секој Американец“, рече тој.

Федералните агенти во средата исто така извршија налог за претрес во домот на Викторија Тенсинг и Џозеф ди Џенова, кои се сопружници, соработници на Џулијани и поранешни обвинители, и и го одзеле мобилниот телефон на Тенсинг.

Федералните обвинители со месеци го истражувале лобирањето на Џулијани во Украина, особено можноста поранешниот личен адвокат на Доналд Трамп и самиот поранешен федерален обвинител на Менхетен да посредувал со владата на Трамп во 2019 година во име на украински официјални лица и претприемачи.

Против Џулијани (76) не е покренато обвинение, а главните обвинители никогаш не зборувале официјално за истрагата.

Но, есента 2019 година тој се најде во центарот на украинската афера што го потресе мандатот на Трамп. Тогаш било откриено дека Руди Џулијани се обидува да го убеди Киев да објави непријатни информации за Џо Бајден, што придонесе за започнување на постапката за отповикување на американскиот претседател.

Две лица кои работеле за него во Украина, Лев Парнас и Игор Фруман, се обвинети кон крајот на 2019 година во Њујорк за кршење на законот за финансирање на кампања.

Иако потерницата за претрес не значи дека Џулијани го извршил злосторството, тоа сигнализира дека истражителите имале причина да веруваат дека се случила криминална активност и го убедиле судијата дека претресот може да открие докази за злосторството.

„Ова е сеизмички момент во истрагата“, рече Џесика Левинсон, професор на Правниот факултет Лојола во Лос Анџелес.

„Голема работа е да се изврши налог за претрес во врска со адвокат поради прашањето за приватноста на адвокатот и клиентот“, додаде таа. „Уште поголема работа е да се изврши налог за претрес на адвокат кој работел за поранешниот претседател.

Џулијани се прослави во осумдесеттите години како главен федерален обвинител на Менхетен, а подоцна се стекна со национална слава како „американски градоначалник“, помагајќи му на Њујорк да се опорави од нападите на 11 септември 2001 година и беше прогласен за личност на годината на списанието Тајм.

Но, имиџот на Џулијани е нарушен поради неговите односи со Украина, а неодамна и од низата неосновани обвинувања за изборни измами со неговор барање за поништување на изборните резултати од минатата година и на Трамп да му се даде втор мандат во Белата куќа.

10- годишно дете од САД си пресудило по малтретирањето на училиште-родителите 20 пати се жалеле

Десетгодишно момче од Индијана извршило самоубиство откако наводно било ужасно малтретирано на училиште, додека неговите родители тврдат дека 20 пати се пожалиле во училиштето.

Семи Теус се самоубил на 5 мај, а според неговото семејство бил малтретиран до ноќта пред смртта.

Неговите родители Сем и Никол тврдат дека момчето било физички и психички малтретирано на училиште, а наводно неодамна го претепале во училишниот автобус.

Малтретирањето започнало минатата година кога тој се префрлил во училиштето, пишува Дејли Мејл.

Според семејството, Сем 20 пати им кажал на наставниците и на другите вработени во училиштето за злоупотребата.

„Најпрвин го исмејуваа поради очилата, потоа поради забите. Тоа траеше долго. “, рече таткото на Семи.

Злоставувањето потоа станало физичко.

„Го претепаа во автобус, децата му ги скршија очилата. Се јавив во училиштето, ги прашав што ќе прават во врска со тоа, стануваше сѐ полошо и полошо“, рекол таткото.

Според него, училиштето знаело што се случува, а злоупотребата низ училиштето и во автобусот се проширила на социјалните мрежи.

Училиштето соопштило дека неговите родители ја пријавиле смртта како самоубиство и ги истражуваат тврдењата за злоупотреба.

Истрагата продолжува.

Скандалозен исказ на таткото, кој ги држел своите деца како заложници и пукал со калашников

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција.

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција и тврди дека направил сѐ за „да ги заштити децата од љубовник на жената“, објави Политико.

Марку рекол дека имал проблеми со сопругата и дека, како што тврди, таа нашла друг маж.

Таткото, кој испукал најмалку 18 истрели во станот и од балконот во Драч, тврдел дека ги зел децата „за да ги држи подалеку од момчето на жената“. Потоа, како што тврди таткото, „новиот дечко на неговата сопруга дошол да го нападне“.

Потоа, како што рече, со калашников излегол на терасата.

„Четири дена бев во стан на плажа со моите деца и сѐ беше супер. Жена ми побегна во Италија и малку се каравме. Последен пат кога се скаравме, таа отпатува за Италија и јас ги зедов децата и дојдовме во Драч.“

Марку рекол дека сѐ ескалирало кога „љубовникот дошол кај него“.

„И тогаш нејзиниот љубовник доаѓа да ме нападне во куќата и затоа пукав. Не сакав да има врска со децата. Го однесов детето на тераса кога пукав, па можеше да види дека никогаш не сум бил насилен кон децата“, тврди таткото, кој беше уапсен вчераутро по неколкучасовни преговори.

Медиумите јавуваат дека децата, кои биле извлечени неповредени од станот, сега се со својата мајка и го напуштиле Драч.

Не се знае со каква казна се соочува таткото.

Аеродромски работник падна од авион- му се лизнаа скалилата кога сакал да излезе (ВИДЕО)

Еден од работниците на аеродромот во Џакарта паднал од паркиран авион.

Скалите со помош на кои требало да го напушти леталото се лизнале непосредно пред да излезе, а бидејќи не забележал – паднал на земја.

Инцидентот, наводно, се случил на аеродромот во главниот град на Индонезија, Џакарта (CGK), кога еден од аеродромските работници излегувал од Airbus A320 (PK-TLB) на TransNus (8B), објави Aviation24. Видео кое кружи на социјалните мрежи јасно покажува како работниците на аеродромот ги отстрануваат скалите за качување/симнување додека човекот го напушта авионот.

Без поддршка на левата нога, работникот испаднал од авионот и завршил на земја.

Иако не се знае многу за здравствената состојба на работникот, голем број на специјализирани воздухопловни портали и профили на социјалните мрежи пишуваат дека тој скршил неколку коски и дека неговиот живот не е во опасност.Aviation24 јавува дека индонезиските власти започнале истрага за инцидентот.

Прагот на вратата на Ербас А320 е повеќе од три метри над земјата.

притисни ентер