Во објава на неговата платформа „Truth Social“, американскиот претседател вели дека разговарале за Украина и Блискиот Исток, како и за вештачката интелигенција .
Трамп порача дека со Путин се договорил преговорите за Украина да започнат веднаш.
Американскиот претседател додава дека тој и Путин разговарале за фактот дека САД и Русија успешно соработувале за време на Втората светска војна и изразиле очекување за „големите придобивки што еден ден ќе ги постигнат со заедничка работа“. И двајцата се согласија, рече Трамп, дека сакаат „да ги запрат милионите смртни случаи што се случуваат во војната меѓу Русија и Украина“.
„Се договоривме да работиме заедно, многу блиску, вклучително и посети на нашите земји. Се договоривме и нашите тимови веднаш да започнат преговори, а ќе започнеме со тоа што ќе го повикаме украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го информираме за разговорот, што ќе го направам токму сега.
Трамп додаде дека задолжил тим предводен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и советникот за национална безбедност Мајкл Волц да ги водат преговорите.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин за неговото време и трудот за време на овој повик, како и за вчерашното ослободување на Марк Фогел, прекрасен човек на кого лично му посакав добредојде во Белата куќа синоќа. Верувам дека овој напор ќе дојде до успешен заклучок, се надевам наскоро! - заклучи Трамп.
Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со американскиот колега Доналд Трамп, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Телефонскиот разговор меѓу претседателот Путин и претседателот на САД Доналд Трамп штотуку заврши“, рече тој.
Разговорот траел речиси час и половина. Претседателот Трамп повика на брз прекин на непријателствата и мирно решавање на проблемот.