Трамп нема да учествува ниту на втората дебата на Републиканците

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп планира да одржи говор во Детроит на 27 септември пред членови на синдикатите, што значи дека ќе ја прескокне и втората претседателска дебата на Републиканците. 

Ова го соопшти еден од соработниците на Трамп и додаде дека ќе се обрати пред синдикално организираните работници во автомобилската индустрија.

Се очекува говорот, во ударен термин, да биде одржан пред работниците во автоиндустријата и другите членови на синдикатот. Говорот доаѓа кога Трамп остро ја критикуваше политиката на претседателот Џо Бајден за електричните возила и ги повика авто-работниците да ја поддржат неговата кандидатура.

Ова би можело да биде вторпат Трамп да ја прескокнува претседателската дебата на републиканците, во трка во која, и покрај безброј правни проблеми, Трамп води пред својот најблизок ривал со речиси 50 процентни поени, покажуваат најновите анкети.

Говорот на Трамп сигнализира напор на неговиот тим да погледне подалеку од партиската трка за номинација во Белата куќа и на веројатниот реванш со Бајден на општите избори следниот ноември.

Говорот пред членовите на синдикатот ќе биде дел од интензивната кампања на Трамп за враќање на дел од гласачите од работничката класа кои пребегнаа кај Бајден при неговата победа против Трамп во 2020 година.

Почнува новата сезона во АБА лигата

Со дуелот меѓу Сплит и СЦ Дерби денеска почнува натпреварувачкиот дел во регионалната кошаркарска АБА лига во која по испаѓањето на МЗТ Скопје Аеродром сезонава нема да има претставник на македонската клупска кошарка.

Титулата ја брани белградски Партизан кој минатата сезона во финалето го совлада градскиот ривал Црвена ѕвезда со 3-2.

Преостанатите двојки од воведното коло кое ќе финишира в понеделник се Цедевита – Мега, Будуќност – Задар, Игокеа – Црвена ѕвезда, Борац – Цибона, ФМП – Крка и Партизан – Морнар.

Пласман во плејофот ќе обезбедат првите осум пласирани екипи.

Четвртфиналните и полуфиналните серии ќе се играат до две победи, а финалната серија до три победи.

Зошто такси возилата во Германија се во беж боја?

Германските таксиња се беж - но не отсекогаш.

Првично, такси возилата во Германија не биле беж, туку црни, но на тоа му дошло крајот во 1971 година. Такси возилата во многу земји се жолти, во некои црвени или дури светло сини, додека во други земји воопшто нема регулативи.

Ова го наредил тогашниот сојузен министер за транспорт Георг Лебер, а новата боја требало да биде „светла слонова коска“. По петгодишен преоден период, сите црни такси возила требало да исчезнат од германските улици, што и се случи.

Кои се причините за таа одлука? Нечистотиите и малите дамки не паѓаат во око толку брзо на беж како на црно, таксито изгледа поуредно, а во годините пред да се постави клима во автомобилите, било доста жешко во црните такси возила, пишува „RevijaHak“.

Сепак, уште поважно е што оваа боја, за разлика од црната, дотогаш не се користела за лични автомобили. Како и да е, се чини дека една од големите грижи на Лебер е решена, бидејќи тој успеал да ја зголеми безбедноста на патиштата со беж такси возилата.

Извор: Б92

Фламенго по само пет месеци го отпушти Сампаоли

 Бразилскиот прволигаш Фламенго објави синоќа дека ја раскина соработката со аргентинскиот фудбалски стратег Хорхе Сампаоли по неуспехот во финалето на бразилскиот куп против Сао Паоло (0-1, 1-1).

-Тренерот Хорхе Сампаоли и неговиот стручен тим веќе нема да го водат црвено – црниот тим, објави Фламенго на социјалните мрежи, посакувајќи му на аргентинскиот стратег „среќа“ во продолжението на кариерата.

Сампаоли е отпуштен по само пет месеци откако дојде во Фламенго од редовите на шпанска Севиља, каде, исто така, претходниот ангажман му траеше пет месеци.

Сампаоли со Фламенго потпиша договор до крајот на 2024 година, и според локалните медиуми, клубот поради предвремениот раскин на соработката ќе треба да плати обесштетување од 1,8 милиони евра.

Медиумите наведуваат дека главен кандидат за наследник на Сампаоли на клупата на клубот од Рио де Жанеиро е поранешниот бразилски селектор Тите.

притисни ентер