Трамп ја дочека 2026 година во Мар-а-Лаго со аукција на портрет на Исус вреден 2,75 милиони долари - Канал 5

Трамп ја дочека 2026 година во Мар-а-Лаго со аукција на портрет на Исус вреден 2,75 милиони долари

Портретот во текот на вечерта, пред гостите, го наслика уметницата Ванеса Хорабуена.

Трамп ја дочека 2026 година во Мар-а-Лаго со аукција на портрет на Исус вреден 2,75 милиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп ја дочека Новата 2026 година со прослава во својот клуб Мар-а-Лаго на Флорида, каде што на аукција беше продаден тукушто насликан портрет на Исус Христос за 2,75 милиони долари, додека како новогодишна желба наведе „мир во светот“.

Портретот во текот на вечерта, пред гостите, го наслика уметницата Ванеса Хорабуена, која Трамп ја опиша како „една од најголемите уметници во светот“, пишува „Гардијан“.

Трамп истакна дека уметницата може да создаде „прекрасен портрет за Белата куќа“ или „неверојатна слика за буквално 10 минути“.

Додека бендот изведуваше забавена верзија на песната „Алелуја“, Трамп ја повика уметницата да „нацрта нешто посебно“ и ја отвори лицитацијата со 100.000 долари. Тој наведе дека половина од приходите од аукцијата ќе бидат донирани на Детската болница „Сент Џуд“, а другата половина на локалната шерифска служба. Портретот на крајот беше продаден за 2,75 милиони долари.

Меѓу гостите на гала вечерта беа поранешниот советник на Трамп, Руди Џулијани, американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со сопругата Сара, емиратскиот милијардер Хусеин Саџвани, како и повеќе политички и јавни личности од САД.

Пораката на Трамп за „мир во светот“ беше упатена во моментот кога новинарите го прашаа за наводниот напад врз едно пристаниште во Венецуела, за кој се тврди дека го насочила ЦИА.

Новогодишната прослава во Мар-а-Лаго, на која претходните години присуствуваа бројни познати личности, претставува долгогодишна традиција, а цената на влезницата изнесуваше 1.450 долари.

На прославата ѝ претходеше ден со објави на Трамп на социјалните мрежи, во кои тој остро ги критикуваше политичките противници и ја фалеше економската политика на својата администрација, најавувајќи истраги поради, како што наведе, големи финансиски злоупотреби.

- Ќе стигнеме до дното на сè. Тоа беше огромна измама, порача Трамп, додавајќи дека и покрај сè, „новата година ќе биде одлична“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Управа за финансиска полиција: Поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице.

Управа за финансиска полиција: Поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Првопријавениот Н.О., странски државјанин на Република Турција, во својство на реален сопственик и управител на правното лице во периодот од 2016 до 2021 година, кога последен пат во име на пријавениот правен субјект поднел завршна сметка со искажана нето загуба во износ од 834.571 денари, со однапред утврдена намера да ја присвои набавената трговска стока евидентирана на залиха и да го избегне исполнувањето на даночните обврски во наредниот период по основ на застарени краткорочни обврски, извршил промена на сопственичката и управувачката структура на правното лице, при што како нов управител и сопственик бил запишан второпријавениот Е.М.

Во име на пријавениот правен субјект, за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 година не биле изготвени и поднесени завршни сметки, со што пријавените набавената трговска стока во вкупен износ од 32.054.759 денари неосновано ја присвоиле за себе. Притоа, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 5.769.856 денари, додека пријавениот правен субјект не пресметал, не пријавил и не платил Данок на личен доход во име и за сметка на пријавените лица во износ од 3.561.283 денари.

Дополнително, пријавените не ги отпишале и не ги прикажале како приходи застарените краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари, при што не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 3.284.732 денари, по основ на неоданочени застарени обврски кон добавувачи кои не биле прикажани како приходи во Билансот на успех и Даночниот биланс на правниот субјект.

Со наведените дејствија, пријавените не пресметале, не пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски по претходно наведените основи, во вкупен износ од 12.615.871 денари, со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

УЕФА свика итен состанок поради потезите на ФИФА и Инфантино

Европската куќа на фудбалот, УЕФА денеска ќе одржи вонреден состанок за да добие првичен одговор на контроверзниот план на ФИФА и нејзиниот претседател Инфантино за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство.

УЕФА свика итен состанок поради потезите на ФИФА и Инфантино

Европската куќа на фудбалот, УЕФА денеска ќе одржи вонреден состанок за да добие првичен одговор на контроверзниот план на ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство на приватни инвеститори.

Според британските медиуми, ФИФА испратила писмо до сите свои членови во кое бара од нив да се изјаснат дали го прифаќаат предлогот до 19 септември.

Федерациите што го поддржуваат планот треба веднаш да ја добијат првата уплата од 20 милиони долари од вкупниот пакет вреден 40 милиони долари.

УЕФА остро реагираше, велејќи дека овој потег покажува „сè што треба да се знае за овој план“, откако претходно изјави дека ФИФА „преминала црвена линија“.

Голем број национални сојузи, вклучително и Фудбалскиот сојуз на Англија, се незадоволни бидејќи за предлогот дознале само преку медиумите.

Според Би-би-си, планот предвидува продажба на удел од 20 отсто во натпреварувањата на ФИФА на инвестицискиот фонд „Thrive Eternal“, зад кој стои американскиот инвеститор Џошуа Кушнер.

Ставот на противење кон УЕФА го делат азиската, јужноамериканската, како и северноамериканската и централноамериканската конфедерација, додека некои сојузи сметаат дека предлогот би можел да донесе финансиски придобивки за помалите фудбалски земји.

Од ФИФА велат дека целта на проектот е обезбедување дополнителни средства за развој на фудбалот ширум светот – од изградба на инфраструктура и зајакнување на националните тимови, до инвестирање во младинскиот и женскиот фудбал.

„Ова е можност, а не обврска. Сакаме да го забрзаме развојот на фудбалот на глобално ниво“, изјави Инфантино.

Сепак, реакциите на фудбалската јавност се претежно негативни.

Асоцијацијата на европски лиги оцени дека „Светското првенство не е на продажба“, додека фудбалскиот сојуз ФИФПРО предупреди дека вклучувањето на приватен капитал може трајно да го промени начинот на кој функционира најважното фудбалско натпреварување.

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, го обвини Инфантино дека со овој потег се обидува да обезбеди поддршка пред следниот Конгрес на ФИФА, додека потпретседателот на Германската фудбалска асоцијација, Ханс-Јоаким Ваке, го нарече планот „директен напад врз фудбалот“.

Се очекува одлуките на вонредниот состанок на УЕФА да имаат големо влијание врз понатамошниот развој на настаните и иднината на Светското првенство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти

Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти додека капиталните инвестиции растат за 14,5 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти

Ребалансот на Буџетот за 2026 година е доказ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно и ги насочува средствата таму каде што носат најголем ефект. Наместо кратење на развојот како во времето на СДС и ДУИ, сега се инвестира во иднината.

Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8 проценти. Точно, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но поважно е каде одат дополнителните средства.

Капиталните расходи се зголемуваат за 5 милијарди и 814 милиони денари, односно за 14,5 проценти. Развојните потпрограми растат за 4 милијарди и 215 милиони денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари.

СДС повторно се обидува да ја сведе дебатата на една бројка, дефицитот. Но граѓаните имаат право да ја знаат целата вистина. Секој денар од дополнителниот фискален простор е насочен кон инвестиции што создаваат работни места, ја движат економијата и оставаат трајна вредност. Тоа е одговорна економска политика, а не популизам.

Тоа не се бројки на хартија. Тоа се нови патишта, железничка инфраструктура, водоводи, канализации, училишта, градинки, здравствени установи, проекти за животната средина и инвестиции во општините.

Разликата е едноставна. ВМРО-ДПМНЕ зборува за тоа што ќе се изгради, додека во минатото СДС и ДУИ потрошија милионски буџети од кои граѓаните не видоа ништо.

СДС нема ниту еден предлог како да се забрза развојот. Единствено што нуди е ширење страв и манипулација.

Граѓаните не живеат од политички прес-конференции на СДС. Живеат од подобри патишта, поквалитетни училишта, модерни болници, сигурно водоснабдување и нови инвестиции. Токму тоа го обезбедува овој ребаланс.

Овој ребаланс ќе се мери по завршените проекти, а не по прес-конференциите на СДС.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер