Трамп: Иран неразумно го крши договорот за прекин на огнот - Канал 5

Трамп: Иран неразумно го крши договорот за прекин на огнот

Напорите за враќање на бродскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец беа запрени откако товарен брод беше погоден во сомнителен напад со беспилотни летала. 

Трамп: Иран неразумно го крши договорот за прекин на огнот

Инцидентот ја поттикна поморската агенција на Обединетите нации да ја прекине евакуацијата на илјадници морнари кои се заглавени таму, а американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран за кршење на прекинот на огнот, објави Скај њуз.

Трамп го обвинува Иран за кршење на прекинот на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на социјалните мрежи за да го обвини Иран за „неразумни прекршувања“ на договорот за прекин на огнот. Трамп тврдеше дека Иран испалил најмалку четири дронови кон бродови во Ормутскиот теснец, од кои едно „многу силно ја погоди горната палуба на голем и многу скап товарен брод“.

„Имаше штета, но бродот можеше да продолжи да плови“, додаде тој. „Ги соборивме другите три дронови. Ова е очигледно неразумно прекршување на нашиот договор за прекин на огнот“.

Прекинати евакуациите од теснецот

Поморската агенција на ОН објави дека преку ноќ престанала да го следи минувањето на бродовите низ Ормутскиот теснец откако бродот пријавил напад. Инцидентот се случил само два дена откако започнала евакуацијата на заглавените морнари од теснецот.

Британскиот центар за поморски трговски операции (UKMTO) објави дека бродот „Евер Лавли“ под знамето на Сингапур бил погоден од ракета во четврток во близина на Оман.

Двајца американски претставници за Ројтерс изјавија дека Иран стои зад нападот, а Техеран само неколку часа претходно предупреди дека на бродовите што не ги следат одобрените рути нема да им се гарантира безбеден премин. Безбедносен извор, исто така, за Ројтерс изјави дека бродот веројатно бил погоден од дрон. Иран и САД сè уште не дале официјална изјава за инцидентот.

Кревкиот договор во опасност

Инцидентот го доведува во прашање кревкиот меморандум за разбирање меѓу САД и Иран. Доналд Трамп претходно изјави дека ако договорот биде прекршен, САД „ќе се вратат на фрлање бомби“. Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, им рече на новинарите во четврток дека ако Иран им се закани на бродовите или ги блокира во теснецот, „ќе имаат проблем“.

Екипажот на нападнатиот брод е безбеден

Нападнатиот брод „Евер Лавли“, кој плови под знамето на Сингапур, е во сопственост на тајванската компанија „Евергрин Марин“. Компанијата објави дека во четврток непознат објект ја погодил десната страна од командниот мост додека бродот бил на 3,6 наутички милји од брегот на Оман. Тие наведуваат дека штетата е пронајдена околу прозорците на мостот.

Екипажот, бродот и товарот се безбедни, а бродот оттогаш го напуштил теснецот. „Евергрин Марин“ додаде дека бродот ја следел препорачаната рута утврдена од UKMTO во соработка со Меѓународната поморска организација (IMO) додека минувал низ теснецот.

ОН: Моравме привремено да ги прекинеме евакуациите

Оваа недела, Меѓународната поморска организација (IMO) на ОН започна иницијатива за враќање на стотици бродови со околу 11.000 морнари заглавени во теснецот од почетокот на војната на 28 февруари оваа година.

По нападот, генералниот секретар на IMO, Арсенио Домингез, изјави дека агенцијата одлучила „привремено да го прекине спроведувањето за да потврди дека потребните безбедносни мерки остануваат на сила за бродовите на нашата листа за евакуација и сите други во регионот“.

IMO појасни дека бродот погоден во нападот не бил дел од нивната иницијатива за евакуација. Таа доброволна програма користи две рути, едната преку иранските, а другата преку оманските води, под надзор на САД. Британската фирма за поморска безбедност „Амбреј“, исто така, објави во четврток дека Иранската револуционерна гарда им наредила на два брода под панамско знаме да го променат курсот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Треба ли да се исклучуваат полначите од штекер кога не полнат?

Како работи полначот?

Треба ли да се исклучуваат полначите од штекер кога не полнат?

Д-р Глен Фаривар од Одделот за електротехника и електронско инженерство од Универзитетот во Мелбурн објаснува дека не сите полначи се исти, но типичен полнач зема наизменична струја (AC) од ѕидниот штекер и ја претвора во нисконапонска еднонасочна струја (DC) погодна за батеријата на вашиот уред. Овој процес на конверзија бара неколку електронски компоненти, вклучувајќи трансформатор, исправувач, филтри и контролни кола.

Дали полначите користат електрична енергија дури и кога не полнат?

Краткиот одговор е да. Иако станува збор за многу мала количина, уредот кој е секогаш вклучен во струја сепак троши одредена енергија. Овој феномен се нарекува „вампирска потрошувачка или потрошувачка во состојба на мирување. Дел од таа енергија се користи за напојување на контролните кола во самиот полнач, додека остатокот се губи како топлина.

Иако потрошувачката на еден полнач е занемарлива, кога ќе ги соберете сите полначи и други електронски уреди во домаќинството што се постојано вклучени, како што се телевизорите, годишната потрошувачка може да стане забележлива.

Сепак, добрата вест е дека модерните полначи се дизајнирани да ја минимизираат оваа потрошувачка. Многу од нив имаат паметни компоненти за управување на напојувањето што ги држат во состојба на мирување или „sleep“ начин на работа сè додека на нив не се поврзе уред што треба да се полни.

Дали постои безбедносен ризик?

Висококвалитетните и сертифицирани полначи од реномирани производители се генерално многу безбедни за употреба. Сепак, со текот на времето, тие исто така се трошат, а повремените скокови на напонот во електричната мрежа можат дополнително да ги оптоварат нивните внатрешни компоненти и да го скратат нивниот животен век. Но, благодарение на подобрениот дизајн, ова кај современите уреди не треба да биде алармантно.

Вистински проблем претставуваат евтините, несертифицирани полначи. Тие често немаат соодветна заштита од прегревање и преголем напон и во одредени околности можат да претставуваат сериозна опасност од пожар. Затоа експертите советуваат таквите полначи да се избегнуваат.

Кога е време за нов полнач?

Постојат неколку јасни знаци кои укажуваат дека треба да го замените полначот. Ако забележите дека загрева повеќе од вообичаено, испушта необични звуци или е физички оштетен, тогаш време е за нов. Таквиот полнач не треба да го оставате вклучен во струја.

Заклучок: нема потреба панично да го исклучувате секој полнач штом уредот ќе се наполни. Кај модерните и висококвалитетни модели, ризикот е минимален, а потрошувачката во мирување е занемарлива. Меѓутоа, ако не ви е проблем да го исклучите, долгорочно ќе ја намалите непотребната потрошувачка на енергија и ќе му го продолжите животниот век.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Грешки на гостите во ресторан кои ги фрустрираат келнерите

Дури кога немаат лоша намера гостите понекогаш им ја отежнуваат работата на келнерите, пишува Southern Living.

Грешки на гостите во ресторан кои ги фрустрираат келнерите

Редење на чиниите

Според стручњаците за бонтон со искуство во угостителството, редењето на чиниите на куп може да создаде спротивен ефект од помагањето. На овој начин, ако на чиниите има остатоци од храна, персоналот ќе мора да ги отстранува и од долната страна на чиниите, освен тоа сопственикот на ресторанот ако помине покрај масите и го види купот чинии, може да стекне впечаток дека персоналот не си ја врши работата.

Поделба на сметката во последен момент

Кога гостите на крајот од оброкот ќе побараат одделни сметки, келнерот мора повторно да ги отвори нарачките и да изработи поединечни сметки. Ова им одзема време кое инаку би го посветиле на останатите гости. Наместо тоа, одделни сметки најдобро е да се побараат на почетокот од нарачката, или, уште поедноставно, да го поделат трошокот преку некоја од апликациите за плаќање.

Кога не можат да одлучат што да нарачаат

Една од најчестите грешки на гостите е кога чекаат да дојде келнерот, а потоа рамислуваат што ќе нарачаат.

Кога гостите на маса почнуваат да го проучуваат менито, тоа го прави побавно спремањето не само нивниот оброк, туку и услугата на останатите маси.

Промени на нарачката и мобилните телефони

Келнерите ги фрустрира и кога гостите постојано ја менуваат нарачката или кога гостите од една маса нарачуваат во различно време. Проблеми создаваат и мобилните телефони бидејќи келнерите мора неколкупати да доаѓаат до масата бидејќи гостите се задлабочени во својот мобилен телефон. Ваквото однесување ја отежнува координацијата помеѓу кујната и персоналот во салата.

Задоцнета реакција за алергија

Голем проблем настанува и кога информациите за алергија, интолеранција или други прехранбени ограничувања не се спомнуваат навреме, туку откако нарачката веќе е проследена во куната или откако јадењето е веќе послужено.

Недостаток на љубезност

Најдобрите искуства во ресторанот настануваат преку заемна почит на гостите и персоналот. Ресторанот функционира како тим во кој келнерите, кујната и гостите заедно учествуваат во креирањето пријатно доживување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Генерал ѝ купил стан на љубовницата блиску до куќата каде што живеел со сопругата- го пронашле со куршум во глава (ВИДЕО)

Се појавуваат нови информации во случајот со генералот Дорин Јоница, кој си го одзеде животот по конфликт со жената со која наводно имал вонбрачна врска.

Генерал ѝ купил стан на љубовницата блиску до куќата каде што живеел со сопругата- го пронашле со куршум во глава (ВИДЕО)

Двајцата, според изворите, биле заедно околу седум години, а жената живеела во стан што генералот наводно го купил од семејството на војник.

Според информациите добиени од изворите, врската меѓу генералот и жената не била неодамнешна. Нивната врска траела околу седум години, а во тој период имало чести конфликти меѓу нив. Според истите извори, наводниот напад што претходел на полициската интервенција не бил прв пат жената да биде нападната.

Станот во кој живеела жената наводно го купил Дорин Јоница. Според изворите, генералот сакал жената со која бил во врска да живее во негова близина, поради што го купил станот недалеку од куќата каде што живеел со сопругата.

Сепак, во семејството, купувањето на станот било претставено како инвестиција наменета за иднината на двајцата генерали и децата на неговата сопруга. Станот наводно им бил оставен на децата како наследство. Всушност, според изворите, имотот го користела жената со која генералот имал вонбрачна врска.

Генералот и жената се познавале неколку години, а според достапните информации, тие биле и колеги во Командата на здружените сили, структура на романската армија што Дорин Јоница ја водеше неколку години.

Се тврди и дека сопругата на генералот наводно знаела за неговата вонбрачна врска и дека двете жени се познавале.

Љубовницата го пријавила откако ја претепал

Вечерта на инцидентот, генералот наводно пристигнал во куќата на жената со семејниот автомобил, но, според изворите, тој не бил зад воланот.

Во 20:17 часот, жената се јавила на 112 и пријавила дека била нападната. Таа изјавила дека била удирана со тупаници и клоци.

Полициските службеници кои пристигнале на местото на настанот утврдиле дека жената е во опасна ситуација. Затоа, издале привремена заштитна наредба.

Според оваа наредба, на Дорин Јоница не му било дозволено да се приближи повеќе од 200 метри до својата сопруга во следните пет дена.

Потоа Дорин Јоница си го одзел животот.

Истрагата на надлежните органи треба да ги утврди сите околности под кои се случиле настаните, како и точниот редослед на настаните што претходеле на неговата смрт.

Новите информации укажуваат дека постоела долгогодишна врска помеѓу генералот и љубовницата, и дека проблемите и конфликтите меѓу нив траеле долго време. Сепак, конечната слика за случајот треба да ја даде истрагата на надлежните институции.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер