Трајчулевски: Ребалансот носи сиромаштија за граѓаните а луксуз за власта - Канал 5

Трајчулевски: Ребалансот носи сиромаштија за граѓаните а луксуз за власта

Владата уште еднаш покажа дека нема допир со реалноста.

Трајчулевски: Ребалансот носи сиромаштија за граѓаните а луксуз за власта

Денешниот ребаланс на Буџетот не е ништо друго освен јасен показател дека оваа власт не само што нема визија, туку и свесно се оддалечува од интересите на граѓаните. Она што требаше да биде алатка за подобар животен стандард и економски развој, се претвори во средство за партиско луксузирање и изборен маркетинг, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница за ребалансот на буџетот.

Тој потенцираше дека граѓаните заслужуваат буџет што ќе го олесни секојдневието, а не буџет кој ќе ги потценува – како гласачи што можат да се купат.

– Наместо развоен, добивме изборен буџет. Повторно нема средства за покачување на минималната плата, но затоа има обиди да се создадат синдикати и синдикални кошнички по мерка на Владата. Потценувањето на работниците, нивниот стандард и достоинство е отворено и грубо. Се фаворизираат одредени компании, додека други се оставени без пристап до субвенционирани кредити. Владата ги крие податоците за тоа кои фирми добиле државна поддршка, што е класична дисторзија на пазарот и дискриминација, рече Трајчулевски.

Тој потенцираше дека дигиталната трансформација се претвори во дигитална стагнација, а министерствата се користат како алатки за авантуризам и политичко самопромовирање.

– Власта продолжува со неконтролирано задолжување – државата оди кон должничко ропство, а буџетот е веќе пред дефицит од најмалку 500 милиони евра до крајот на годината. Нема одговор на прашањето дали ќе се позајмуваат средства или ќе се продаваат јавни добра, потенцираше пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски.

Тој посочи и дека, дополнително, со овој ребаланс Владата ги одби и амандманите за настраданите и повредените во пожарот во Кочани, кои ги предложи СДСМ.

– Наместо поддршка и солидарност, тие добија молк и рамнодушност. Овие луѓе денес имаат потреба само од човечки пристап и искрена поддршка, но за жал, ДПМНЕ не покажа ништо од ова. Овој ребаланс не е алатка за развој, тој е потврда на немоќ, безидејност и партиска злоупотреба на државните ресурси, рече Трајчулевски, се наведува во партиското соопштение.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

Тројца млади спортисти ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон. Ева Митевска го освои осмото место на 100 метри, Петар Цеков заврши на 21. место во пливање, а Марио Брезовски на 24. место во триатлон.

Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

Со посветеност, борбеност и достоинствено претставување на државата, македонските спортисти го завршија своето учество на Младинските олимписки игри Дакар 2026, оставајќи зад себе спортски достигнувања и искуство што претставуваат важен чекор во нивниот понатамошен развој.

Младинските олимписки игри кои се одржаа во Сенегал обединија 2.655 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 204 национални олимписки комитети. Натпреварувањата се одржаа во 25 спортови, а за секој спорт беа одредени квалификациски критериуми за учество од страна на соодветните меѓународни федерации и Меѓународниот олимписки комитет.

Дакар 2026 беше историски момент за олимпиското движење, бидејќи за првпат еден олимписки настан се одржа на африканскиот континент.

Македонија учествуваше со седумчлена делегација составена од тројца спортисти, тројцата нивни тренери и шеф на делегацијата, кои ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон.

Највисок пласман оствари Ева Митевска во атлетската дисциплина 100 метри, освојувајќи го осмото место во финалната трка и вбројувајќи се меѓу осумте најдобри млади спринтерки на Игрите. Особено значајно е што во финалето Ева истрча 12,28 секунди, подобрувајќи го својот најдобар резултат. Овој настап е потврда за нејзиниот напредок и способноста да го даде најдоброто токму на најважната трка.

Во пливање, Петар Цеков настапи во дисциплината 400 метри слободно, со време од 4:10,60 минути, освојувајќи 4. место во својата група и 21. место во генералниот пласман. Неговата главна дисциплина, 800 метри слободно, која претставуваше негов најсилен адут, беше откажана поради високата температура на водата во базенот. Одлуката беше донесена од организаторите во интерес на безбедноста и здравјето на натпреварувачите.

Марио Брезовски е првиот македонски триатлонец кој се квалификувал на едни Младински олимписки игри. Тој настапи во спринт триатлон (750 метри пливање, 20 километри велосипедизам и 5 километри трчање) и го заврши натпреварувањето на 24. место со време од 59:06 минути. Особено впечатлив беше неговиот пливачки дел, во кој Марио излезе прв од водата, пред сите останати натпреварувачи. Неговиот настап беше обележан со висока конкурентност и борбеност, потврдувајќи го потенцијалот што го носи.

„Младите спортисти навистина ме воодушевија со својата посветеност, дисциплина, одговорност и односот кон обврските во текот на целиот престој. За мене, како шеф на делегацијата, беше особено задоволство да ги следам не само нивните тренинзи и настапи, туку и начинот на кој се претставуваа надвор од спортските терени. Ова беше многу повеќе од натпреварување, беше можност да растат како спортисти и личности. Настапите во Дакар треба да се вреднуваат не само низ призмата на конечните пласмани, туку и преку постигнатите лични резултати, конкурентноста, спортскиот напредок и искуството стекнато во меѓународна конкуренција. Финалето и најдобриот резултат на Ева, настапот на Петар во изменети околности и историското учество на Марио се три различни, но подеднакво важни приказни за младинскиот спорт во Македонија“, истакна Елена Зисовска Апостолска, шефица на македонската делегација.

Зад настапите на македонските спортисти стоеше и посветен тренерски тим, составен од Горан Стаменов, тренер по пливање, Данчо Ѓорѓијевски, тренер по триатлон и Божурка Ѓошевска, тренерка по атлетика, чија стручна работа и поддршка беа важен дел од подготовките и настапите на спортистите.

Македонскиот олимписки комитет им честита на спортистите, нивните тренери и националните спортски федерации за вложениот труд, посветеноста и достоинственото претставување на државата.

Младинските олимписки игри се завршени, но за овие млади спортисти тие се само една важна станица на патот кон нови спортски предизвици. Македонија беше дел од историјата, а иднината на македонскиот спорт продолжува да се гради токму преку ваквите генерации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Николоски ќе зборува за економските политики и предизвиците на регионот на 23-тиот Виенски економски форум

Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски e во работа посета на Виена, Австрија, каде учествува на 23-от Виенски економски форум.

Николоски ќе зборува за економските политики и предизвиците на регионот на 23-тиот Виенски економски форум

Оваа година Виенскиот економски форум се реализира под мотото “ Виенски дијалог за иднината 2026- заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици “

Во рамки на Форумот предвидено е обраќање на заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на панел сесијата “Заедничка визија за долгорочна економска соработка” – на кој ќе се осврне на економските политики и соработката со земјите од регионот. Николоски ќе зборува и за стратешките инфраструктурни проекти кои се градат во државава.

На Форумот предвидено е учество на членови на Бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, преставници од ЕУ како и високи претставници на меѓународни финансиски институции.

Покрај промоцијата на регионалните економски политики и соработка, на Форумот ќе се разговара и за предизвиците и проширирувањето на ЕУ.

Виенски економски форум - „Виенски дијалог за иднината 2026“ е официјално признат од Европската Комисија во рамки на глобалниот настан на „Форумот за проширување на ЕУ 2026“.

Целта на Виенскиот економски форум е промоција на развојот на регионалната економија од Јадранското до Црното Море и пошироко, како составен дел од европската и глобалната економија и нивно залагање за регионална економска соработка, европска интеграција и остварување на заедничките европски вредности во целиот регион.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЈП Водовод и канализација – Скопје: Неделен лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење

ЈП Водовод и канализација – Скопје со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, го објавува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.  

ЈП Водовод и канализација – Скопје: Неделен лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење

Секторот за санитарна контрола во периодот од 09.11.2026 до 13.11.2026 зема 200 примероци за физичко-хемиска и 200 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 51 мерни места во Градот Скопје.

Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер