Традиционален „Градски – Селски Велигден“ во битолско Јени Маале - Канал 5

Традиционален „Градски – Селски Велигден“ во битолско Јени Маале

На средсело во Јени Маало и годинава ќе се одбележи „Градски – Селски Велигден“.

Традиционален „Градски – Селски Велигден“ во битолско Јени Маале

Битолската населба Јени Маале или Нова Маала која битолчани ја нарекуваат Генимаале, датира од 16 век и континуирано се населува се до 19 век кога се оформува како урбано место за живеење над дотогашните ниви и други земјоделски површини на Битолското Градско Поле.

Според истражувањата на м-р Валентин Соклевски, етнолог и етнокореолог, населбата името го добила од турцизмите Јенни Махали, Ени Махала, се до денешниот најчест термин Ѓенимале која се развивала од централното место, викано Средсело и се проширувал во концентрични кругови со големи куќи и дворови.

- Ѓенималци биле претежно бавчанџии, но имало и касапи, мезеџии, терзии, бербери, а и други занаети и професии. Населението што се доселувало, претежно од селата, со себе ги носело и своите афтентични обичаи и семејна слава, но практикувале и заеднички обичај каков што е Градски, односно Селски Велигден. Зошто се вика Градски-Селски Велигден!? Затоа што гостите кои од селата доаѓале во градот го нарекувале Градски Велигден, а домаќините во градот кои пречекувале гости од селата, го нарекле Селски Велигден. Така почнало, така е и денес, појаснува Соклевски.

Од архивите на м-р Валентин Соклевски, може да се прочита дека обичајот „Градски-Селски Велигден“ секоја година почнува во четврток по Велигден, а продолжува во петок и се одвива цел ден, до приквечерина.

- Гостите од битолските села доаѓаат во четврток и ја посетуваат црквата Света Недела каде учествуваат на вечерна богослужба. Потоа во дворот на црквата се одржува голем народен собор и се игра и се пее до зори. Во петок наутро, почнува одбележувањето на верскиот празник „Источен петок – Балаклија“, а пред ручек гостите тргнуваат в град, во Битола. Според искажувањата на претци, дел од гостите прво оделе на Житни Пазар на бендисвање, а поголемиот дел во Ѓенимале на ручек кај своите роднини и пријатели. По ручекот се упатувале на средсело каде што се одржувал соборот. На средсело се збирале тајфи свирачи, но и продавачи на шеќерни јаболка, шеќерна волна, проматари со играчки и други работи. Песната и орото се слушале до приквечерина, а потоа гостите си заминувале со што соборот завршувал, вели Соклевски.

Нашиот соговорник, етнолог и етнокореолог, воедно и активен член на културно уметничкото друштво „Илинден“-Битола, инспириран од традицијата и сведоштвата за обичајот „Градски – Селски Велигден“, изработи сценска адаптација на овој познат обичај.

- Истражував и подготвував подолго време, се додека не се уверив дека преку ансамблите на КУД „Илинден“ на најдобар начин ќе го пренесам обичајот за што подготвив комплексна сценска презентација во форма на фолклорна музичко – играорна приказна во времетраење од 45 минути со сите фази од обичајот. Низ сценската адаптација на соодветен начин се презентираат и интерпретираат вокалните и орските содржини со сценско доловување на амбиентот на различните локации каде се одвива обичајот, односно во црквата Света Недела се интерпретираат црковните песни „Возбраној Воеводе“ и „Богородице Дево“, во дворот на црквата се играат традиционалните ора „Старско битолско“, „Марица“ и „Гајда“, и притоа се се одвива со инструментална придружба од оркестарот кој користи гајда, кавали, кемене, тамбура, тапан. По завршување на настанот во црквата, учесниците се упатуваат низ битолските сокаци и чаршии каде се пее „Излегов да се прошетам“ се до Ѓенимаалско средсело каде ги пречекува чалгаџиски оркестар со кларинет, канон, уд, виолина, тарабука и тапан, појаснува Соклевски.

На средсело во Јени Маало и годинава ќе се одбележи „Градски – Селски Велигден“, ќе се изведуваат традиционалните ора „Пилето ми пее“, „Касапско“, „Пештреф“, „Беранче“, ќе се пејат староградските песни „Фросино моме убаво“, „Ми го сардисале славно Генимале“, „Ми е мерак“...

- Со реализацијата на сценската адаптација на „Градски – Селски Велигден“ се овозможи генималската традиција како дел од македонската традиција да се презентира ширум светските културни простори, а новите генерации да се запознаат со обичаите кои се негувале со векови. Во таа смисла, сакам да истакнам и да го поздравам востановувањето на новиот детски фолклорен фестивал „Весел Петок“ во организација на КУД „Илинден“ од Битола, како составен дел на празникот „Источен петок Балаклија“, односно „Градски – Селски Велигден“. Ансамблите од државата и странство, заедно со своите домаќини, членовите на КУД „Илинден“ ќе играат и пејат на Средсело во Ѓенимаале. Тоа ќе биде најголемиот собор. Нека е аирлија и за многу години, порача м-р Валентин Соклевски, етнолог и етнокореолог. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МНР: Софија ги подрива напорите за градење доверба, за случајот ќе бидат информирани ЕУ и Советот на Европа

Приемот на високо ниво во Бугарија за Ива Михаилова ги подрива напорите за градење доверба, реагира македонското МНР по најавата на бугарската претседателка Јотова дека ќе се сретне со обвинетата со двојно државјанство.

МНР: Софија ги подрива напорите за градење доверба, за случајот ќе бидат информирани ЕУ и Советот на Европа

Очекуваат од Бугарија да ги почитува основните европски принципи за неселективност и еднаквост пред законот, а за актуелните случувања најавуваат дека ќе ги информираат меѓународните партнери, особено институциите на ЕУ и Советот на Европа.

-МНР укажува дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи. Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. – пишува во соопштението на МНР.

Дека ќе организира средба Јотова соопшти утрово пред новинарите, тврдејќи дека нема детали за тоа како Михаилова преминала граница.

„ Немате ли информација на каков начин дошла?

- Не, не.

Ќе се видите ли со неа?

- Во првата прилика, ако не ја остават во болница. Но и да ја остават во болница, ќе направам се што можам да се видам со неа.

Каква реакција очекувате од Македонија?

- Останува да видиме, има уште многу нејасни околности. Мислам дека надлежните органи во Бугарија прво треба да одговорат на некои прашања.. “Илијана Јотова – претседател на Бугарија

Ива Михаилова беше една од темите и на средбата помеѓу министрите за надворешни Муцунски и Петрова – Чамова минатиот четврток и на таа средба било договорено бугарски лекари да дојдат во Македонија и да дадат мислење за здравствената состојба на Михаилова. Петрова Чамова денеска вели дека тие како институција немаат врска со потегот на обвинетата.

Случајот предизвика низа партиски реакции. СДСМ бара оставка од министерот Тошковски.

-Како излегла Михаилова од земјата ако ѝ се одземени двата пасоши, и бугарскиот и македонскиот? Границата не е решето само за дрога и за бегалци од правда. Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО, границата е решето и кога судот ќе забрани. СДСМ повторно бара да се утврди како се случило и да се понесе одговорност. Бараме оставка, Тошковски да понесе одговорност. СДСМ.

Итна истрага бараат и од Демократски сојуз и од Левица. Се бараат одговори и за тоа каква улога имал адвокатот од Бугарија Николај Димитров.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ива Михаилова е во Бугарија, ама не се знае како заминала од Македонија

Пропуст на граничните служби или шверцување во „гепек“ - засега останува мистерија како обвинетата Ива Михаилова синоќа успеа да побегне во Бугарија.

Ива Михаилова е во Бугарија, ама не се знае како заминала од Македонија

МВР тврди дека по извршените проверки во системот за гранична контрола било утврдено дека Михаилова, која е на СТОП листата, нема евидентиран излез од територијата на Македонија, вакви проверки се направиле и во Бугарија и резултатот бил ист – легален влез нема.

Според она што е досега познато, Михаилова заминала од земјава заедно со нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров. Тие тврдат дека поминале на легален граничен премин, но не кажуваат на кој. Според неофицијални информации од МВР пак, што ги пренесе Слободен печат, легален излез од земјава имал само адвокатот кој бил автомобил заедно со уште едно машко лице, додека Михаилова не била забележана на заедното седиште.

-Јас имам лична карта во мене, со неа минав, и бугарска и македонска лична карта. Која лична карта ја покажа вчера на граница? Бугарската, а на македонската, македонската лична карта,- Ива Михаилова – Обвинета.

-Преку граничен контролен пункт, си извадивме документи и поминавме, на луѓето од македонска страна им беше потполно јасно дека тоа е Ива Михаилова и никој ништо не ни кажа и тргнавме. Министерството за надворешни работи не е должно да знае, министерството си работи по дипломатски пат, нашиот пат не е многу дипломатски, но во случајот требаше да се дејствува по овој начин. Ќе има ли последици? Нема поголеми последици од тоа да биде без адекватно лечење,- Николај Димитров – Адвокат на Ива Михаилова.

Како Михаилова влегла во Бугарија не знат ниту бугарскиот министер за внатрешни работи Демерџиев, но најави дека ќе и доделат и обезбедување на Михаилова..

-Ќе бидат преземени дејствија да биде извршен распит и да се види, кога, каде и како ја поминала границата и сите други околности, и дали има потреба од нејзино обезбедување, и ако има, ќе биде обезбедена,- Иван Демерџиев – Министер за внатрешни на Бугарија.

Од македонското обвинителство соопштија дека Ива Михајлова од Кочани, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, пред една година ѝ биле одземени два пасоша, македонски и бугарски, и ѝ била изречена забрана да го напушта градот во кој живее со обврска да се јавува кај службено лице.

За надзорот задолжено било ОВР Кочани, а како незабелажана од никого избегала, допрва ќе треба да се утврдува.

-МВР изврши проверки во системот за гранична контрола, при што е утврдено дека за лицето Ива Михајлова, за кое е во сила активна судска забрана, не е евидентиран излез од територијата на Македонија. Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полицијам од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Р. Бугарија,- Гоце Андреевски – Портпарол на МВР.

Затекнат од бегството на Михаилова е и нејзиниот адвокат од Македонија – Насер Рауфи, кој уверува дека немал сознанија за ваквата постапка. Следното рочиште е на 9ти ноември, кое вели ќе се одвива нормално.

-Јас се затекнав со ова да ти кажам, баш ми е гром од ведро небо. Што се однесува за мои сознанија за ова нешто, ниту бев консултиран, ниту бев запознаен со такво нешто, тоа го дознав и јас дури преку медиуми. Јас не знам на кој начин заминала, навистина, меѓутоа судењето е закажано за деветти ноевмри, ќе се одвива нормално,- Рауфи – Адвокат на Ива Михаилова.

Но, дали Михаилова некогаш воопшто ќе се врати во Македонија, останува непознато..

Ова не е прв пат член на семејството Михаилови избега од Македонија пред да се соочи со правдата. Во Бугарија избега и нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој е осуден на 12 и пол години затвор во случајот „Детонатор“ за обид за убиство, насилство и злосторничко здружување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Поранешен кошаркар на „Жалгирис“ се соочува со сериозна затворска казна! Оштетил жртви за два милиона долари, а сега сè признал!

Естонскиот кошаркар Кер Криса призна вина за измама со која на жртвите им била нанесена штета во износ од 750 илјади до 2 милиони долари, за што може да добие затворска казна од две години.

Поранешен кошаркар на „Жалгирис“ се соочува со сериозна затворска казна! Оштетил жртви за два милиона долари, а сега сè признал!

Со признавањето на вината, Кер Криса избегнува построга казна, но се соочува со затворска казна поради измама во вредност од 750.000 до 2 милиони долари.

Поранешниот играч на Жалгирис и Бамберг беше уапсен од ФБИ во јули. Иако првично се изјасни како невин – што носеше ризик од драстична казна од неколку децении затвор – 25-годишниот кошаркар сепак денеска го промени своето изјаснување.

Со признавањето на вината, тој успеал да избегне драстично построга казна, па според „Атлетика“, се очекува да добие затворска казна од околу две години.

Конечната пресуда ќе му биде изречена на 22 декември. Тој настапуваше за естонската репрезентација на Евробаскет 2022, каде што на пет натпревари оствари просек од 10,8 поени, 5,8 асистенции и 1,8 скока. Потоа се пресели во НЦАА, каде што играше за Аризона, Западна Вирџинија, Кентаки и Синсинати.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер