Тошковски: Нова полициска станица во oпштина Бутел, подобри услови за полициските службеници

Нова полициска станица во oпштина Бутел, подобри услови за полициските службеници за поквалитетни услуги за граѓаните.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со градоначалникот на oпштина Бутел Дарко Костовски, на која биле разгледани повеќе други аспекти на можна соработка на Министерството за внатрешни работи со локалната самоуправа.

- Како што ветивме пред граѓаните уште во техничкиот мандат, еден од приоритетите во делот на изградба на нови објекти е полициската станица во oпштина Бутел, објект кој е во најлоша состојба. Oд тие причини веднаш се почнува со средување на проектна документација и пренамена на средства со цел што поскоро да започне изградбата на станицата. Вработените во МВР заслужуваат да работат во нормални услови, што ќе придонесе за зголемување на квалитетот на услугите кои ги даваат кон граѓаните и ултимативно, зголемување на безбедноста на граѓаните, што е наш приоритет, потенцирал министерот Тошковски на средбата, се наведува во соопштението од МВР.

Јермак: Украина не е подготвена на територијален компромис со Русија за завршување на војната

Украина не е подготвена да постигне компромис со Русија и да отстапи од кој било дел од својата територија за да заврши војната, изјави шефот на кабинет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.

Јермак ова го изјави синоќа во Вашингтон, коментирајќи ја изјавата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека може брзо да го прекине конфликтот во Украина доколку биде избран за претседател на САД во ноември.

Британските медиуми пренесуваат дека Јермак кажа дека Украина ќе ги послуша сите совети за да постигне, како што наведе, „праведен мир“, но дека не може да прави компромиси кога станува збор за независноста, слободата, демократијата, територијалниот интегритет и суверенитет.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе ја заврши војната доколку Киев се согласи да ги предаде четири украински региони на истокот и југот на земјата што Русија ги анектираше.

Јермак е во посета на Вашингтон пред самитот на НАТО следната недела во овој град каде се очекува Украина да биде главна тема. /МИА

ЦГК: Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција

Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки. Институциите се сместени во три зони: црвена, жолта и зелена, зависно од освоените поени за начинот на кој ги спроведуваат јавните набавки. Притоа, 100 отсто значи максимална, а 0 проценти никаква заштита од корупција.

-Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 отсто. Четири министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата бидејќи имаат освено помалку од 50 отсто, наведува ЦГК.

Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.

Според Центарот, ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока.

Рангирањето е изработено во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“, поддржана од УСАИД.

Нова терапија против зависности и депресија

Тим предводен од белгискиот Универзитет во Лувен открил потенцијално револуционерен начин за лекување зависност и депресија, објави белгискиот портал „Фокус“.

Научникот Пјер Василијадис изјави дека е пронајден начин на стимулирање на стријатумот - дел што се наоѓа длабоко во сивата материја во мозокот, и тоа без операција или вградени уреди во мозокот, односно на неинвазивен начин. Техниката што ја користат научниците е насочена кон стимулирање на тн. транскранијална темпорална интерференција.

Тоа може да влијае на бројни непријатни состојби како што се депресија, зависност од дрога и всушност секоја друга состојба за која делот за задоволтво во мозокот има клучна улога. За тоа служат два пара електроди што се поставуваат на главата на пациентот и испраќаат слаби електрични бранови низ мозокот на две различни фреквенции. Разликата меѓу овие фреквенции всушност го стимулира засегнатиот дел од мозокот. /МИА

притисни ентер