Топлото време ги вжешти телефоните на брзата помош – дневно по 100 интервенции

По околу 100 интервенции дневно имаат екипите на брзата помош, деновиве со затоплувањето на времето. 

Докторите од таму потврдуваат дека не е проблематично толку жешкото време колку што не е подготвен организмот на граѓаните за ваквата брза промена. Најчестите јавувања и интервенции на екипите на брзата помош се за колабирања кои лесно се надминуваат.

Од брзата помош укажуваат и на внимателно управување со моторните возила и поголема претпазливост на сите учесници во сообраќајот бидејќи имале зголемен број на интервенции како последица на жештините кои влијаат на намалената концентрација на возачите. Препораките на докторите од брзата помош се сите лица кои се хронично болни кои се и најризична група при вакви временски услови редовно да ја примаат својата терапија, да се носи полесна облека да се избегнува престој на отворено и со себе секогаш да имаат шише со вода.

Екипите на брзата помош деновиве имале работа и на градските гробишта каде заради верскиот празник задушница има зголемена фреквенција на луѓе но и таму најчести биле колабирањата од жештините. Времето и временските услови и натаму ќе предизвикуваат главоболки за граѓаните и работа за брзата помош по најавите дека денес и утре во попладневните часови е можна промена со врнежи, грмежи и услови за град на одредени места.

Тошковски: Голем недостаток на човечки ресурси и недостиг на опрема во ЕБПС

ЕБПС се соочува со голем недостаток на човечки ресурси и недостиг на возила и материјално-технички средства.

Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЕБПС) и Единицата за увид на место на настан и анализа (ЕУМНА) при Секторот за внатрешни работи Скопје, се соочуваат со голем недостаток на човечки ресурси и недостиг на опрема, потребни за зголемување на безбедноста во сообраќајот, беше посочено на денешната работна посета на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на овие единици, каде одржа состаноци со раководствата.

-ЕБПС се соочува со голем недостаток на човечки ресурси и недостиг на возила и материјално-технички средства кои им се основна алатка за постапување и одржување на високо ниво на безбедност во патниот сообраќај. Исто така, беше посочено дека потребни се промени во законската и подзаконската регулатива со цел допрецизирање на одредбите кои ја регулираат оваа материја, а се со цел побезбеден сообраќај и помалку жртви, изјави министерот Тошковски.

Тој потенцира дека ЕУМНА е една од круцијалните организациски единици кога се работи за ефикасно работење во делот на кривичната материја имајќи ја предвид природата на нивната работа.

- И во оваа Единица има голем недостаток на човечки ресурси, но и соодветни обуки кои ќе го подигнат нивото на квалитет на нивната работа, како и инвестирање во нова, пософистицирана опрема согласно најсовремените технологии и практики, рече Тошковски.

Спасовски: Просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра

Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2 предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, се сретна со граѓаните од Чучер Сандево.

„СДСМ е рамо до рамо со граѓаните, сите на 8 мај за број 1!

Со СДСМ е можен европски животен стандард, со просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра”, рече Спасовски, наведувајќи мерки за младите од Програмата за европска иднина.

“Програмата за млади предвидува по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра”, истакна Спасовски, додавајќи платите во здравството ќе продолжат да раснат.

„Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари.

СДСМ нема да се откаже од унапредување на работничките права, раст на платите, подобро платени работни места” рече Спасовски.

Ердоган: Запрепастени сме од лицемерната политика на западните лидери кон Газа

За западните демократии е срамно и скандалозно што екстремно десничарските движења во некои европски земји добиваат поддршка од државата, рече во Анкара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Денес, неонацистичкиот тероризам, поттикнат од омразата кон Турците и сите муслимани, достигна ниво што ја загрозува животната и имотната безбедност на нашиот народ“, тврди турскиот лидер.

Говорејќи дека случаите на исламофобични и расистички напади не ја добиле истата чувствителност како антисемитските дејствија, Ердоган порача дека „оние кои мавтаат со лево-десни извештаи за човековите права, тивко ја набљудувале смртта на 35.000 Палестинци, од кои 15.000 се деца“.

Тој рече дека речиси ниту еден западен лидер не одговорил на оваа бруталност, освен „неколку совесни државници“, додавајќи дека „ниту една храбра душа не се појавила да му каже на Израел: „Доста е“. /МИА

притисни ентер