Технологијата и социјалните мрежи потреба, но и опасност за психичкото здравје - Канал 5

Технологијата и социјалните мрежи потреба, но и опасност за психичкото здравје

 Употребата на технологиите последните неколку години во голема мера еволуирa со што зазедоа централна улога во животот на луѓето. Особено социјалните мрежи станаа вирален простор на кој младите посветуваат голем дел од своето време.

Технологијата и социјалните мрежи потреба, но и опасност за психичкото здравје

Технологијата стана неизбежна потреба на модерното живеење и за децата, а тоа го покажува и најновото истражување на Првата детска амбасада „Меѓаши“, според кое, од вкупниот број деца во училиштата во Град Скопје, дури 68,1 проценти користат некаква социјална мрежа. Воедно, во истражувањето стои и дека „спротивно на правилата и законската регулатива, постојат и деца под 13 години кои имаат профили на социјалните мрежи“.

– Станува збор за две истражувања, на крајот на април започнавме проект кој е поддржан од програмата за социјална, детска и здравствена заштита на децата на Град Скопје. Oва е прва ваква стратегија на локално ниво во нашата земја за унапредување на правата на децата. Беше спроведена анкета за деца на возраст од 10 до 17 години во однос на нивните ставови и перцепции за примена на правата на детето во својата заедница, со фокус на училишниот живот и секојдневие. Анкетата имаше консултативен карактер вклучувајќи вкупно 113 ученици, од кои 44 машки и 69 женски, информира за МИА Јорданка Черепналкова Трајкоска, проектен координатор во Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Истражувањето опфаќа повеќе сегменти, а податоците јасно покажуваат дека децата се свесни за своите права, дел од нив и веќе користат онлајн платформи за стекнување вештини, меѓутоа се поставува прашањето колку се свесни за штетното влијание од социјалните мрежи и дали знаат како да се заштитат.

– Не постои истражување или анкета што сме ја направиле во овие неколку години, а да не ги опфатиме социјалните мрежи затоа што тие се дел од нашиот живот, а не само на децата. Не можат децата да бидат изолирани кога сите ги користиме, иако би посочила дека има и позитивности и негативности. И во претходното истражување и во ова, Инстаграм доминира и децата имаат некаква поделба кој канал за што го користат, изјави Черепналкова Трајкоска, додавајќи дека покрај загрижувачките податоци за емоционалната состојба кај некои од децата, она што е симптоматично е дека истражувањето покажува оти оваа група граѓани во голема мера користи социјални мрежи и покрај тоа што најмалку се чувствува безбедно.

Социјалните мрежи предизвикуваат чувство на небезбедност кај повеќето млади

Најновото истражување на „Меѓаши“ покажува дека децата во голема мера ги користат социјалните мрежи, иако не се чувствуваат безбедно. Така, од понудените опции каде се чувствуваат најбезбедно, 91,2 процент истакнале дека најбезбедно се чувствуваат дома, а 31,9 процент дека најмалку безбедно се чувствуваат на интернет.

Во разговор за МИА, Черепналкова Трајкоска информира дека кога станува збор за интернетот, децата неретко се сведоци на ситуации кога податоци, фотографии или видеа се споделувани без нивна согласност.

На прашањето „Каде ќе се обратиш доколку некој те малтретира на интернет или злоупотреби твои лични податоци/фотографија/видео?, најголем дел, односно 69,95 проценти од испитаниците ја избрале опцијата семејството, само 29,25 отсто одговориле полиција, 22,15 отсто ја заокружиле опцијата пријател, а најмала е довербата кај невладините организации.

Во однос на чувството на небезбедност на интернет-просторот и големата употреба кај децата, Ивана Велевска, која е лиценциран психолог, семеен и системски советник, за МИА вели дека тоа се должи на потребата да се биде еднаков со мнозинството.

– Често се случува доколку некој не е активен на социјалните мрежи исто како да не е присутен во друштвото. Младите денес не умеат доволно да се дружат. Не знаат на кои теми да разговараат. Поедноставно е да се коментира околу некои слики, да се дебатира околу некој линк кои си го препраќаат меѓу нив, отколку да се седне во лице и да се најде тема за дебатирање. Потребна им е едукација за воспоставување добри меѓусебни односи и негување вистинско пријателство, а не живеење во виртуелен свет, вели Велевска.

Според неа, социјалните мрежи се негативни поради достапноста на многу содржини и дозволената комуникација со кој било, поставувањето слики, допишувањето и запознавањето.

– Постојат дружби меѓу лица кои никогаш не се виделе, не се познаваат, а се споделува сè со нив, иако никој не знае кој навистина стои зад тој профил и кому му се доверуваме и дали тоа ќе го употреби некогаш против нас. Многу млади формираат цели друштва преку социјалните мрежи и не знаат за друг вид комуникација, не знаат да се дружат, па ако некогаш од одредени причини немаат достапност до интернет, веднаш паѓаат во депресија, добиваат панични напади и слично, објаснува Велевска.

Се согласува дека социјалните мрежи полека, но сигурно прераснуваат во најнова закана против психичкото здравје и додава дека најзагрозени се децата кои не умеат да се заштитат себеси.

– Најизложени на ризик секако дека се најмалите и децата кои воопшто не знаат да се заштитат, но не се избегнува фактот дека во ризична категорија спаѓаат и други возрасти, особено децата кои се во фаза на пубертет, оние кои имаат проблем од кој било тип, па утеха наоѓаат во социјалните мрежи, каде секогаш може да се најде некој од кој ќе бидат целосно прифатени, не размислувајќи дека во тоа прифаќање постои неискреност и скриени намери, вели Велевска.

Честопати интернет-платформите претставуваат плодно поле за булинг, од кое најпогодени се младите, со што прераснуваат во едно од поопасните „оружја“ против психичкото здравје.

Претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Барлаквоски, за МИА појаснува дека булингот на интернет-просторот претставува многу поголем проблем ако се земе предвид дека се одвива на неограничен простор којшто опфаќа многу поширока маса луѓе.

– Социјалните мрежи и тоа како можат да влијаат на менталното здравје кај младите, особено ако се земе предвид булингот кој се случува на овие социјални мрежи. Разликата помеѓу булингот во офлајн и онлајн просторот е тоа што во овој вториот, просторот е неограничен, идентитетот на сторителот е често непознат, нема временско ограничување – во смисла на тоа дека може да се случува во кој било период од денот, без разлика дали младите се во училиште или не, и може да сведочат илјадници луѓе, односно нештото да стане вирално, што дополнително влијае кон нарушување на менталното здравје кај оние што се малтретирани, вели Барлаковски.

Преку дигитална писменост во образовниот процес до поголема заштита на социјалните мрежи

Дигиталната писменост е неопходна за креирање вештини за успешна подготовка за одговорно користење на технологијата. Сепак, и покрај обемната употреба на технолошките уреди кај децата, образовниот систем моментално не успева да ги подготви учениците за ново функционирање, за новиот свет.

Според претседателот на Младинскиот образовен форум, образовниот процес многу малку или воопшто не ја опфаќа дигиталната писменост.

– Дефинитивно е потребна поголема дигитална писменост во образовниот процес поради фактот што многу малку или воопшто не се опфаќа во наставните програми. Секако, една од предностите на малите деца е фактот што растат во дигитален свет и алатки кои се достапни за нив уште во процесот на растење и примарна социјализација. Ваквата предност ќе им овозможи на овие генерации понатаму полесно да навигираат во технолошкиот свет, но тоа има и свои закани. Имено, процесот на дигитализација на образованието оди рака под рака со процесот на медиумска писменост. Оттука сметам дека освен дигиталната писменост, од исклучителна важност е и медиумската писменост, вели Барлаквоски за МИА.

Според психологот Велевска, важна улога игра и надзорот од страна на возрасните.

– Ако ги сместиме децата во оваа група, иако не се само тие, потребен е поголем надзор од родителите, односно старателите – што гледаат на социјалните мрежи, со кого и што разговараат, како и да се ограничи пристапот до одредени содржини. Пожелно е да има повеќе едукативни емисии за младите отколку серии кои не се многу корисни, да се поттикнуваат на дружба, на спорт, пешачење и читање книги. А во однос на одговорноста, исто така преку различни едукативни програми да се информира јавноста дека секој сам е одговорен за начинот на кој ја известува јавноста за случувањата во својот приватен живот, порачува таа.

Факт е дека технолошките средства заедно со социјалните мрежи имаат потенцијал да испорачаат услови за напредок, меѓутоа доколку не се користат исправно тие носат ризици, особено за децата како група која најмалку знае како да се заштити на онлајн просторот. Но она што може да се каже со сигурност е дека дигиталната писменост во образовниот систем и поголемиот надзор од старателите може да овозможат заштита и вештини за искористување на предностите кои ги носат технологите./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер