Од таму велат дека со нив била евакуирана и мајката на децата која имала палестинска патна исправа. Во Газа пак, останува уште брачна двојка од Македонија, чија евакуација како што соопштија од МНР ќе зависи од безбедносната проценка. Од енклавата која е под целосна израелска опсада е планирано преку граничниот премин со Египет да заминат околу 7 илјади странски државјани, во просек по 500 дневно.
-Среќен сум, но тажен во исто време бидејќи имам пријатели тука и тие може да загинат. Можеби нема никогаш повеќе да ги видам.
И додека странските државјани излегуваат од Газа, илјадници палестински работници кои работеа во Израел се депортирани назад, откако властите соопштија дека ги укинува работните дозволи за околу 18 илјади Палестинци. Во обид да се деескалира ситуацијата и да се создадат привремени хуманитарни паузи на огнот во Израел денеска е американскиот државен секретар Блинкен. Неговата трета посета од почетокот на војната доаѓа откако израелските сили го опколија најголемиот град во палестинската енклава. Блинкен се сретна со израелскиот државен врв по што ја повтори поддршката од САД, но нагласи дека од големо значење е начинот на кој се води војната.
-Израел има не само право, туку и обврска да се заштити и да направи се што е можно да се осигура нападот од 7 октомври да не се случи повторно. Во исто време, како Израел го прави тоа е значајно и многу е важно кога станува збор за заштита на цивилите кои се фатени во вкрстениот оган направен од Хамас, се да се направи да се заштитат тие и да се даде помош на тие на кои очајно им е потребна. - Ентони Блинкен – Државен секретар на САД.
-Шест милиони смс пораки, и четири милиони телефонски повици и над еден милион и двеста илјади летоци и дополнителни телефонски повици говори доволно за себе додека ги заштитуваме цивилите како се движат кон безбедносната зона, давајќи им пристап до потребна хуманитарна помош и овозможувајќи ни на нас да се одбраниме. - Исак Херцог – Претседател на Израел.
Очите на светската јавност во меѓувреме се вперени кон Бејрут каде попладнево се очекува првото обраќање на лидерот на Хезболах Хасан Насралах од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Најавите дека тој може да повика на сеопшта војна против Израел, предизвика експресна мобилизација на дополнителни израелски сили на границата меѓу Израел и Либан.