СВР Охрид со кривични пријави за дрвокрадци, крадел и референт во „Национални шуми“

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.С.(44) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“. 

Во текот на 2021 година во својство на службено лице како референт по сеча и дотур во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Скопје, ШС Галичица – Охрид, пријавениот ги повредил законските прописи со пропуштање на должен надзор и несовесно постапувајќи во вршењето на своите овластувања. Тој го фалсификувал извештајот за прием на дрвна маса и го искористил како да е вистинска исправа.

На 08.12..2024 во 23.00 часот, при извршени контроли, полициските службеници од полициското одделение во кичевското село Осломеј, на локален пат во селото пронајдоа патничко возило „нисан“ без регистарски таблички, натоварено со огревно дабово дрво. Возилото со дрвната маса се одземени и предадени на Шумска полиција од Кичево за натамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против В.Р.(33) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 27.11.2024 на локален пат во кичевското село Осој, тој бил затекнат од патрола на Шумска полиција при нелегален транспорт на огревно дрво со возило „лада нива“. Притоа, тој не застанал на даден знак од овластените службеници на шумската полиција и со возилото удрил еден шумски полицаец, по што избегал. По преземени мерки, В.Р. бил пронајден и лишен од слобода, соопштија од СВР Охрид.

Репортажа на „Катимерини“ за граничниот премин Маркова нога-Лемос

Репортажа на „Катимерини“ за граничниот премин Маркова нога-Лемос: „Преспа: Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат“.

За растојание од пет километри возат околу два часа. Ова е реалноста што ја живеат жителите на општина Преспа, кои и покрај тоа што живеат веднаш до Македонија, за да ја посетат соседната земја треба да преминат преку граничниот премин Ники и да поминат над 130 километри. Причината е што граничниот премин кој се наоѓа на крајот на нивната општина и натаму останува затворен, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во текстот посветен на граничниот премин Маркова нога-Лемос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во репортажата под наслов „Преспа: Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат“, весникот ја истакнува важноста на граничниот премин што според проценките треба да почне со работа во 2027 година, коментира дека „седум години по потпишувањето на Договорот од Преспа, преминот сè уште не е ни почнат да се гради, а пренесува и изјави на градоначалниците на општина Преспа и општина Ресен.

- Одобрена е програмата Интерег, преку која се обезбедени средства и завршени се студиите. Буџетот за грчката страна е пет милиони евра, вели градоначалникот на Преспа Јоргос Стергиу и додава дека процените се дека проектот ќе биде испорачан во 2027 година.

Дополнително објаснува дека со пуштањето во употреба на граничниот премин ќе оживее туризмот во регионот, а главната причина, според Стергиу е директниот пристап што ќе постои до меѓународниот аеродром Охрид, кој е на само 35 километри од општина Преспа.

- Ќе биде порта. Стигнуваат до нашиот двор и не можат да влезат, нагласи Стергиу, посочувајќи дека Преспанското Езеро е познато во светот по својот биодиверзитет.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски за „Катимерини“ вели дека „од сè срце го очекуваат отворањето на преминот“, но и дека „амбициите се големи“, објаснувајќи дека жителите на Ресен очекуваат зголемување на туристите во околината, но и дека ќе се зголеми раздвиженоста на оние кои ќе поминуваат од Ресен за да стигнат до најблиските грчки плажи преку новиот граничен премин.

Посочува дека паралелно ќе се олеснат контактите меѓу жителите од регионот, кои веќе заеднички учествуваат во различни европски програми, од кои многу се однесуваат на животната средина и заштитата на Преспанското Езеро, како што се броењето на пеликаните и други птици и риби.

„Катимерини“ пишува дека според општина Преспа, проектот, покрај граничната инфраструктура, опфаќа и создавање на прекугранична пешачка рута што ќе ги поврзе селата Агиос Германос во Грција и Брајчино во Македонија, користејќи го новиот граничен премин.

- Во моментот кога Бугарија и Романија влегуваат во Шенген, а движењето на луѓе и стоки станува сè полесно во Европа, граничниот премин Леимос што ги поврзува Грција и Македонија останува затворен. Граничниот премин кој функционираше со децении, олеснувајќи ја комуникацијата меѓу жителите кои минуваа оттаму дури и секојдневно за да одат во соседното село, каде можеби имаа ниви или дел од нивното семејство, беше затворен во мај 1967 година за време на хунтата, пишува весникот.

За отворањето на граничниот премин, градоначалникот на Преспа Јоргос Стергиу пред девет месеци за МИА објасни дека повторното отворање на граничниот премин е тема за која интензивно се дискутира со години, уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа, а доцнењето, според него е од практични причини, во однос на проектите што треба да се реализираат за да може да функционира преминот.

- Кога ќе биде отворен граничниот премин ќе се промени динамиката и ќе произлезат нови можности. Ќе се создаде нова туристичка рута и во наши раце е да ја искористиме, за доброто на сите. Во однос на симболиката, очигледно е дека со отворањето на граничниот премин општина Преспа, но и општина Ресен нема повеќе да бидат на работ на државите, туку на граничен премин, а областа Преспа ќе стане центар за комуникација, истакна тогаш Стергиу за МИА.

Во март 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу го потпишаа договорот за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион Маркова нога – Лемос, кусо подоцна договорот беше ратификуван и од грчкиот Парламент. /МИА.

Анчелоти: Мбапе е најдобриот централен напаѓач во светот

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е задоволен од играта на Мбапе во синоќешната победа од 4-1 над Лас Палмас, во која францускиот напаѓач постигна два гола. Успехот го искачи шпанскиот шампион на првото место во поредокот.

Италијанецот истакна дека никогаш не се сомневал во квалитетите на 26-годишниот Мбапе и покрај неговиот тежок старт во Реал.

-Мбапе е најдобриот централен напаѓач во светот, во тоа не треба да има сомнеж кога игра на таа позиција. Тој е одличен напаѓач и е многу добар во центарот, како и на крилата бидејќи е брз и технички поткован, изјави Анчелоти.

По тешката недела во која загубија од Барселона со 2-5 во финалето на Суперкупот, а потоа одиграа продолженија со Селта Виго за пласман во четвртфиналето на Купот, Реал Мадрид доживеа шок на стартот од мечот против Лас Палмас, при што противникот го отвори резултатот во 25. секунда. Сепак, со головите и асистенциите на Мбапе, тимот го искористи поразот на Атлетико Мадрид од Леганес и се врати на врвот.

-Има критики и критики. Свирежите на „Сантијаго Бернабеу“ болат затоа што навивачите не се задоволни, но тоа и не мотивира. Во фудбалот е така, но јас сум збунет бидејќи велат дека играме лош фудбал, но ние сме лидери, изјави Анчелоти.

Традиционалното капење на рибарите во Охридското Езеро

 Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат и денеска на празникот Собор на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите во Охридското Езеро.

Славењето на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите е потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов.

Тој чин со кој рибарите го прославувале почетокот на излов на риба од езерото, со оглед на забраната за риболов последно време се одбележува со капење на православните верници од градот, и тоа без исклучок предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа, како и пред три години, тоа е дружината на Мартин Гоџоски.

Манифестацијата и оваа година се одржува на месноста Сараиште, со културно-забавна програма, староградска музика, греано вино, топла ракија, пача, плашици...

Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет.

Инаку, празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

притисни ентер