Светски ден на здравјето: Потребата за фокусирање кон создавање здрави општества - Канал 5

Светски ден на здравјето: Потребата за фокусирање кон создавање здрави општества

​Секоја година на 7 април, Светската здравствена организација го одбележува Светскиот ден на здравјето, овој датум ја означува и годишнината од основањето на СЗО во 1948 година. 

Светски ден на здравјето: Потребата за фокусирање кон создавање здрави општества

Во центарот на вниманието е одредена здравствена тема која предизвикува загриженост ширум светот. Оваа година под темата „Нашата планета, нашето здравје", СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба.

Зошто оваа година фокусот е на „Нашата планета, нашето здравје"?

– Во ек на пандемија, загадена планета, зголемен број случаи на рак, астма и срцеви заболувања, темата на Светскиот ден на здравјето 2022 е „Наша планета, наше здравје". На овој ден, СЗО ќе го насочи глобалното внимание кон итните акции што се потребни за луѓето и планетата да бидат здрави и да се поддржи движење за создавање општества фокусирани на добросостојба, изјави за МИА Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Европа и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија.

Јохансен истакна дека нашето здравје и здравјето на планетата се нераздвојно поврзани, а потребата да се фокусираме на создавање здрави општества на здрава планета станува сè поочигледна. Темата на Светскиот ден на здравјето во 2022 година се однесува на врската меѓу здравјето на нашата планета и здравјето на луѓето, животните, растенијата и сите други живи суштества.

Процените на СЗО говорат дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се последица од еколошки причини што може да се избегнат. Во ова е вклучена и климатската криза која претставува најголема закана по здравјето на човештвото.

Како и во светот, така и кај нас, климатските промени се неизбежни. Д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија, при Институтот за јавно здравје за МИА посочи дека и кај нас се забележливи климатските промени, како на пример топлотните бранови, што порано траеле по еден ден, а сега се случува да траат и девет дена по ред.

– Ние како ИЈЗ имаме превентивна улога, односно имаме програма што се носи секоја година. Во програмата имаме и дел за климатските промени, односно како тие влијаат на здравјето. Програмата е во контекст на тоа што СЗО го работи, а во рамки на тоа имаме и Health Task force – Healthy climate change, на ниво на Европа, во која членувам и јас, вели д-р Кочубовски.

Тој раскажува и дека Институтот спроведува кампањи, со цел да се подигне свеста кај луѓето во однос на заштитата од топлотните бранови, алергиите, аерозагадувањето.

Во согласност со пристапот „Едно здравје", кој ја нагласува меѓусебната зависност меѓу здравјето на животните, здравјето на луѓето и состојбата на животната средина, овогодишнава кампања на СЗО ќе промовира пораки и активности кои ќе покажат на кој начин индивидуалните одлуки и социјални однесувања влијаат врз нашата животна средина.

Климатските промени закана за здравјето на луѓето

Основните социјални и еколошки детерминанти на здравјето како чист воздух, безбедна вода за пиење, доволно храна и сигурен кров над главата се под закана од влијанието на климатските промени.

Јохансен вели дека климатските промени негативно влијаат врз здравјето на мноштво начини, вклучувајќи ги и последиците како смрт и болести од сè позачестените екстремни временски настани од типот на топлотни бранови, бури и поплави, како и нарушувањето на системите за исхрана, зголемениот број зоонози и болести што се пренесуваат преку храна, вода и вектори и проблемите со менталното здравје.

– Згора на тоа, климатските промени нарушуваат многу од социјалните детерминанти за добро здравје и добросостојба и доведуваат до нарушена егзистенција, влошена состојба со нееднаквостите, оштетување на инфраструктурата и отежнување на пристапот до здравствена заштита и социјална поддршка, вели претставничката на СЗО во Северна Македонија.

Извештајот на Обединети нации за климатските промени за 2022 година покажува дека во период од 2041 до 2100 година, конкретно во Европа, луѓето ќе се соочат со економски и инфраструктурни ризици како резултат на поплавите. Како закана од климатските промени се напоменува и стресот и зголемување на смртноста кај луѓето поради зголемените температури и топлотните екстреми, нарушување на морските и копнените екосистеми. Европа може да се соочи и со недостиг на вода во повеќе меѓусебно поврзани сектори, загуби во растителното производство како резултат на топли и суви услови и екстремни временски услови.

Д-р Михаил Кочубовски вели дека како резултат на високите температури во летниот период се појавува топлотниот удар, како најлош и најопасен, потоа топлотна исцрпеност, топлотни грчеви.

– Поради ваквите временски услови, ние како Институт секоја година апелираме до граѓаните од 11 до 17 часот да не се излегува надвор доколку е неопходно, да се носи лесна облека, вода, шапка, очила за сонце и заштитен фактор, вели д-р Кочубовски.

Климатските чувствивтелни ризици по здравјето несразмерно повеќе ги чувствуваат најранливите и маргинализираните групи како што се жените, децата, етничките малцинства, сиромашните заедници, мигрантите или раселените лица, постарото население и лицата со коморбидитети. Јохансен посочи дека во периодот помеѓу 2030 и 2050 година, се очекува климатските промени да предизвикаат околу 250 000 дополнителни смртни случаи годишно и тоа од потхранетост, маларија, дијареја и топлотен стрес.

Најчести болести со кои луѓето се соочуваат и причината за нивната појава

Според Светскиот здравствен статистички извештај на СЗО за 2021 година, незаразните болести (НЗБ) се водечка причина за смрт во светот. Во европскиот регион на СЗО, незаразните болести се причина за речиси 89 проценти од сите смртни случаи. Најголемиот дел од ова зло доаѓа од четири главни НЗБ: кардиоваскуларните заболувања, малигните заболувања, хроничната респираторна болест и шеќерната болест.

– Клучните фактори на ризик за овие НЗБ се тесно поврзани со нашите секојдневни навики и одлуки. Тука спаѓаат употребата на тутун и алкохол, нездравата исхрана, дебелината и физичката неактивност. Ова е причината зошто НЗБ изискуваат итна и насочена интервенција со цел намалување на ризиците од овие заболувања, вели Јохансен.

Заразните болести, заедно со состојбите во делот на здравјето на мајките, перинаталното и нутритивното здравје, сè уште се причина за речиси половина од сите смртни случаи во земјите со низок доход, при што долните респираторни инфекции, дијареалните заболувања, маларијата, туберкулозата и ХИВ/СИДА остануваат во групата на 10 најчести причини за смрт.

Според процените на СЗО, Јохансен истакна дека од ХИВ, сексуално преносливи инфекции, вирусен хепатит и други заразни болести оваа година ќе починат околу четири милиони луѓе. Исто така, се очекува болестите што може да се спречат со вакцини да убијат илјадници луѓе во текот на нареднава деценија.

– Дел од причината зошто заразните болести продолжуваат да се шират е заради слабите здравствени системи во ендемските земји и недоволните нивоа на финансирање. Постои итна потреба од поголема политичка волја и зголемено финансирање за суштинските здравствени услуги, зајакнување на рутинската имунизација, подобрување на квалитетот и достапноста на податоци кои ќе послужат како основа за планирање, како и потреба од посилни напори за ублажување на последиците од отпорноста на лекови, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.

Последиците по здравјето од светската климатска криза се големи, па така, само загадувањето на воздухот е причина за смрт на околу седум милиони луѓе годишно, што е еднакво на 13 смртни исходи секоја минута во светот, а во европскиот регион на СЗО тоа е еднакво на една смрт секоја минута.

– Покрај тоа, истите загадувачи на воздухот кои се причина за глобалното затоплување се исто така причина за 25 проценти од смртните случаи од хронична респираторна болест, инфаркт, рак на белите дробови и мозочен удар. Климатските промени исто така ја влошуваат состојбата со потхранетоста (малнутриција) и со ширењето на заразните болести, вели Јохансен во разговор со МИА.

За надминување на овој проблем, таа нагласи дека СЗО во моментов работи на создавање можности базирани на политики за владите чија цел е намалување на здравствените ризици поврзани со загадувањето на воздухот. Лидерите во јавниот и приватниот сектор мора да работат заедно за да го исчистат нашиот воздух и да ги ублажат последиците по здравјето од климатските промени.

КОВИД-состојбата се чини постабилна, но последиците од пандемијата се комплексни

Пандемијата на коронавирусот предизвика висок број на смртни случаи низ целиот свет. Јохансен ја опишува како „Досега невиден предизвик пред кој се исправени јавното здравје, системите за исхрана и светот на работата".

Студија објавена од СЗО покажува дека во првата година од пандемијата, глобалната преваленција на анксиозност и депресија е зголемена за огромни 25 проценти. Пандемијата остави и тешки последици врз менталното здравје и добросостојбата на луѓето ширум светот, зголемувајќи ја и загриженоста поради зголемениот број самоубиства.

Иако сега состојбата се чини постабилна и се олабавуваат дел од мерките, сепак луѓето кои го прележале вирусот се соочуваат со пост-КОВИД состојби. На прашањето кои се најчестите пост-КОВИД ефекти што луѓето ги пријавиле, шефица на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, Ане Јохансен вели дека долготрајната КОВИД или пост-КОВИД состојба е комплексна ситуација.

– Таа се јавува кај поединци со историја на зараза со вирусот SARS-Cov-2, вообичаено 3 месеци од почетокот на симптомите на КОВИД-19, трае најмалку 2 месеци и не може да се објасни со алтернативна дијагноза. Најчести симптоми се замор, отежнато дишење, когнитивна дисфункција и други симптоми кои имаат негативно влијание врз секојдневното функционирање на луѓето. Во моментов се спроведуваат истражувања, но истите се засновани на ограничена база на докази. Податоците укажуваат на заклучокот дека вакцинацијата против КОВИД-19 пред да се заразиме на природен начин носи помала веројатност од развивање симптоми на долготраен КОВИД. СЗО во моментов работи на продлабочување на разбирањето во врска со глобалната преваленција на оваа состојба, додава Јохансен.

Препораки и мерки што светските лидери и секој од нас треба да ги преземе со цел да го зачуваме здравјето и нашата планета

– Ако не вложуваме, едноставно ќе имаме проблеми со аерозагадувањето и со сите болести што ги носи со себе, респираторни, кардиоваскуларни заболувања. Тука се и водите за пиење, ако има поплави ќе има и суши и ќе бидат загадени, што со себе носат болести поврзани со санација. Исто така, потребно е да има што повеќе зеленило, како и во градовите така и во планините. Како што е и мотото, треба да ја чуваме природата и нашата планета за да го зачуваме нашето здравје, порача д-р Михаил Кочубовски.

Шефица на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, Ане Јохансен апелираше дека заштитата на здравјето на луѓето и на планетата Земја е политички избор и општествена одговорност. За неа е потребно трансформациско делување во секој сектор, меѓу кои особено ќе ги истакнеме енергетиката, транспортот, природата, системите за храна и финансиите. Важно е да не се заборави дека одредени политички, социјални и комерцијални одлуки се фактори кои придонесуваат кон климатската и здравствената криза. Истовремено, климатската криза остава сè посилни и подолгорочни последици врз менталното здравје и психосоцијалната добросостојба на луѓето. Таа предизвикува смртоносни топлотни бранови, поплави, потхранетост и заразни болести ширум светот.

СЗО упатува апел до сите да замислат свет во кој чист воздух, вода и храна има за сите луѓе, каде економиите се фокусирани на здравјето и добросостојбата на планетата и на луѓето и каде здравите градови, села и заедници, во чиј центар на внимание е човекот, создаваат услови за подобар живот на нивните жители. СЗО силно ги повикува лидерите и меѓународните партнери да ги позиционираат човековата добросостојба, правичноста и одржливоста на животната средина во центарот на општествата ориентирани кон добросостојба.

Во однос на тоа што луѓето можат да направат со цел да ја заштитат својата планета и здравјето, Јохансен препорачува да го кренат својот глас за да побараат климатски акции за заштита на човековото здравје, поединците можат да преземат акција и да ги инспирираат другите така што ќе се приклучат на планот на СЗО од пет точки:

Одете пеш или со велосипед на работа најмалку еден ден во неделата. Како алтернатива на оваа опција, изберете го јавниот транспорт наместо автомобилот.

Префрлете се на извор на обновлива енергија.

Секаде каде што е можно, купувајте свежи намирници од локални производители и избегнувајте високо преработена храна и пијалаци.

Тутунот е убиец и загадувач – престанете да користите тутун.

Купувајте помалку пластика; користете ќеси за купување што може да се рециклираат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вработени во ФЗОМ и во приватна болница под истрага за финансиски злоупотреби, во истрагата е опфатен и екс директорот на ФЗОМ, Ден Дончев

За операции на очи наплаќале двојно, и од пациентите и од Фондот.. Голема полициска акција се одвива на 10-ина локации во земјава, во чија истрага се опфатени вработени во Фондот за здравство и одговорни лица од позната приватна болница..

Вработени во ФЗОМ и во приватна болница под истрага за финансиски злоупотреби, во истрагата е опфатен и екс директорот на ФЗОМ, Ден Дончев

Штетата на буџетот, што ја причиниле се проценува на околу еден и пол милион евра.

Пред Фондот за здравство е Дејан Трајкоски.. Дејан, неофицијално, во истрагата е опфатен и поранешен директор на Фондот?

Во видеото погледнете го целиот извештај.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Постизборна Србија и изборите во Брвеница во фокусот на пратеничките прашања

Жестоки обвинувања меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ Венко Филипче на собраниската седница за пратенички прашања.

Постизборна Србија и изборите во Брвеница во фокусот на пратеничките прашања

Според Филипче политичките промени во Србија можат да имаат последици и врз позицијата на македонскиот премиер, а до опозицијата, како што рече, пристигнувале информации за можни трансфери на пари од Србија во Македонија. Мицкоски остро ги отфрли наводите од опозицијата, оценувајќи дека СДСМ се обидува политичките случувања во Србија да ги искористи за напади врз македонската Влада, правејќи аналогија со неоснованите обвинувања за унгарскиот кредит.

-Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, не политички, ама патот сам си го избираш. Веројатно ќе одговараш на прашања и за трансферот на дрога преку граница, е тогаш на тие инстанци веќе нема да може да се дефокусира и да се даваат лажни информации. Можеби си ја промашил професијата, бил добар уредник на Информер или на Колегиум, изјави Филипче.

- Истото го зборувавте и за Орбан пред 6 месеци, истите прес конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие 6 месеци, и тогаш велевте ќе се откриеле криминалиите на Мицко со Орбан, не знам што е се случуваше итн....Ме обвинивте дека сум бил човекот којшто трансферирал дрога, пари, што уште не се изнаслушав од тоа дека сум идиот и не знам уште што уште не слушнав од вас за себе и нема да се спуштам на тоа ниво и да одговорам, мислам дека не заслужувате. Бидејќи тоа се работи што се учат во првите 7 години од животот. Најверојатно тие ваши први години биле полни со фрустрација, па тоа сте го испуштиле. Моите 7 години беа среќни, изјави Мицкоски.

Во фокусот на опозициските пратеници беа меѓуетничките односи и изборите во Брвеница.

На критиките од пратеникот Скендер Реџепи дека повикувал на етничко гласање, премиерот Мицкоски дециден - никој од ВМРО-ДПМНЕ не повикал на етничко гласање, тоа го правите вие и коалицијата на ДУИ.

Премиере, вие пред неколку дена истакнавте од општина Брвеница дека опцијата на кандидатот од опозицијата е криминална и ова за мене беше срамно бидејќи не знам дали зборувавте како премиер, претседател на партија или како обвинител, изјави Скендер Реџепи.

- Сите до еден и Македонци и Албанци, со кои разговарав, најмногу Албанци ми рекоа овие што не избркаа од тука, ги избркаа нашите братучеди, тетки, вујковци, чичковци кои се некаде на Запад, сега доаѓаат повторно да не делат. Дваесет години еден проект нема за Брвеница, еден проект. Христијан Мицкоски како претседател на Владата, Јовица покоен како градоначалник, Александар Николоски како потпретседател и министер за транспорт ќе го гради патот за Гургурница, нагласи премиерот Мицкоски.

Во дуелот меѓу Мицкоски и Филипче се најде и темата за отворањето рудници во Македонија. Според Филипче доколку Владата ги започне постапките за отворање рудници, на неколку локации ќе се соочи со сериозен отпор од граѓаните, кој СДСМ ќе го поддржи, а доколку е потребно, како што рече ќе се формира и жив ѕид за да се спречи нивното отворањето. Мицкоски одговори- го поддржува отворањето рудник за антимон во селото Луке, Крива Паланка, посочувајќи дека ист став има и градоначалникот на општината од редовите на СДСМ.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Со какви предизвици ќе се соочи новата шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева?

Обвинителката Искра Хаџи Василева и официјално е избрана за нова шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Со какви предизвици ќе се соочи новата шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева?

Советот на јавните обвинители ги објави конечните резултати од гласањето, на кое Хаџи Василева освои 64 гласа, седум повеќе од Трајче Пеливанов, кој доби 57. Од останатите кандидати Јован Цветановски освои 30 гласа, Фатон Азизи 14, а Лидија Раичевиќ шест. По изборот на Хаџи Василева, пред неа остануваат сериозни предизвици почнувајќи од обезбедувањето доволно финансиски средства и зголемувањето на ефикасноста на обвинителите, вели за Канал 5 поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска.

-Значи новата обвинителка, односно раководителка на ова обвинителство ќе се соочи со големи предизвици. Пред сè во обезбедување на финансиските средства, нели, законот сè уште не е донесен, би требало да се избори за барем да го има истото ниво што досега го имаа во претходниот закон. Да се обиде да ја зголеми ефикасноста на постојните обвинители, значи првин со ресурсите со коишто располага обвинителството да ги искористи максимум,- изјави – Билјана Ивановска – Поранешен претседател на ДКСК.

Ивановска предупредува и на податоците од анализата за влијанијата врз обвинителите. Од новата шефица ќе се очекува не само да ги продолжи постапките по предметите за организиран криминал и корупција, туку и да покаже дека обвинителството може да работи поефикасно, без селективност и без надворешни влијанија.

-Сè уште постоеше процедура на рачна распределба на предметите, таа кажа дека ќе се залага за дигитализација, го поздравувам тоа и сметам дека треба да има еден објективен начин на распределба на предметите. И што е најважно, да се справат со директните и индиректните притисоци или сугестии. Значи, 36% од јавните обвинители искусниле обиди за влијание од членови на извршна власт, а 29% од претставници на политички партии. Ова се загрижувачки бројки и мислам дека треба во своите редови да се справат со овие ризици и предизвици,- изјави – Билјана Ивановска – Поранешен претседател на ДКСК.

Новата шефица на ова обвинителство има 10 - годишно обвинителско искуство, а во октомври 2024 година беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК. Меѓу позначајните предмети на кои работeше е обвинението против судијата Ѓоко Ристов во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени заѕидани 350 илјади евра, передмет за кој судската постапка е во тек. Хаџи Василева го застапуваше и обвинението против докторот Жан Митрев, кој беше обвинет за измама поврзана со информирањето на пациентите за хемофилтрацијата за време на пандемијата, како и корупцискиот предмет против ексдиректорот на Државниот инспекторат за земјоделие Васе Анакиев. На раководната позиција таа ќе го наследи Ислам Абази чиј мандат истекува на 8 ноември.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер