Сведок на „Рекет": Се плашев да пријавам знаејќи ја тогашната моќ на СЈО

Вториот сведок на денешното рочиште за случајот „Рекет", бизнисменот Зоранчо Митровски, нагласи дека бил запрепастен кога во медиумите слушнал оти е осомничен во случај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Тој наведе дека е почесен конзул на Летонија и оти е бизнисмен долги години, кој има свои винарии на повеќе места во Европа.

Митровски, откако слушнал во медиумите дека се споменува како осомничен, побарал да пристапи до обвинителите во СЈО, да однесе документи, да исконтактира со нив, но, како што вели, му било речено „се во свое време". Бил загрижен за својот углед и чест, но исто така бил и исплашен, поради, како што нагласи, тогашната моќ на СЈО.

– Нарушувањето на честа и угледот не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими за да дадам документи и да престане голготата, почна кокетирањето со мене, добронамерни посредници, па ми кажуваа дека не е страшно, објасни сведокот.

Тој наведе дека Сашко Бошков му раскажал за средбата со првоосомничениот во случајот „Рекет", Бојан Јовановски и што се зборувало таму – дека Јованоски побарал два милиони евра за да се реши случајот со Митровски, кој му е кум и долгогодишен пријател на Бошков.

– Бошков ми кажа што му кажал Јовановски, кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив, потенцираше Митровски, истакнуваќи дека немал намера да даде пари. Додаде дека смета оти Јанева го искористила Јовановски.

Митровски, како почесен конзулат на Летонија, одлучил за случувањата да го извести Алберт Сарканис, нерезистентниот амбасадор на Летонија. Сараканис имал средба со министерот за надворешни работи и му пренел. Потоа од МНР се обидувале да воспостават неофицијални контакти со Митровски.

Третиот сведок на денешното рочиште Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел" раскажа дека имал многу потресно искуство при сослушувањата во СЈО за друг случај. Истакна дека на неговиот адвокат му била дадена листа на докази, меѓу кои имало и такви, кои воопшто не се однесувале на него.

Главчев рече дека неговата компанија лансирала нови производи на пазарот, наменети за жени. Од таа причина сакал поголем маркетинг, бидејќи неговата конфекција е позната по изработка на кошули за мажи. Тој во повеќе наврати контактирал со Јовановски, но сите разговори биле поврзани со рекламирањето во телевизијата 1ТВ.

Сведокот раскажа дека по случувањата, односно откако неговото име било објавено во медиумите, како осомничен за случајот „Поштенска банка", цената за рекламирањето се зголемила. Од договорените 40.000 – 50.000 евра на околу 100.000 евра.

Главчев раскажа дека тој сам го прашал Боки 13 да не има некоја информација за случајот во СЈО, бидејќи, како што објасни, го гледал Јовановски на фотографии со обвинителите. Јовановски на тоа му одговорил „јас мислам дека си дел од колатералка и треба да бидеш спокоен" .

Како што јави МИА, првиот сведок Сашко Бошков, адвокат, пријател и кумашин на Митровски, посочи дека Јовановски му побарал два милиони евра за да се решат случаите на Митровски.

Судењето за случајот „Рекет" продолжува на 27 декември со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.

Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело", а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание".

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување".

На првото рочиште за „Рекет", што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор. /МИА

Русите го зазеле селото Бердичи, кај Авдеевка, во источна Украина

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека неговите сили ја презеле контролата врз селото Бердичи во источна Украина, јавија руските медиуми.

„Како резултат на активните акции, единиците на армиската група „Центар“ целосно го ослободија населеното место Бердичи во Доњецката Народна Република, а исто така ги подобрија тактичките позиции и им нанесоа порази на формациите на 59-та моторизирана пешадиска бригада, 42-та, 47-та механизирана бригада на ВСУ (Вооружени сили на Украина) и 109-та бригада за територијална одбрана во областите на населените места Воздвиженка, Калиново, Сокол, Новопокровское и Прогрес во Доњецката Народна Република“, се вели во соопштението на Министерството. /МИА

Стано: Очекуваме новата Влада на Србија да работи на стратешката цел за членство на земјата во

 ЕУ со нетрпение очекува да соработува со новата српска Влада и очекува таа да испорачува резултати во однос на стратешките цели на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

- Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано, запрашан за коментар за тоа што во новата српска Влада, како што беше посочено, се предложени двајца министри кои се наоѓаат на листата на лица кон кои ЕУ има воведено санкции.

Според Стано, Србија знае што се очекува од неа како земја кандидат за членство во ЕУ кога станува збор за исполнување на критериумите, особено за оние поврзани со надворешната политика и за усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Кога станува збор за конкретните лица, како што нагласи Стано, активностите и изјавите на предложениот вицепремиер Александар Вулин во минатото биле во спротивност со декларираните приоритети на Србија, кога станува збор за обврските поврзани со процесот на пристапување и односите со Русија.

- Членството во ЕУ е стратешки избор и очекуваме од Србија и нејзината Влада, независно во кој состав, да ја демонстрираат посветеноста на европскиот пат, во интерес на нејзиниот народ и на нејзиниот кредибилитет, бидејќи одлуката да се избере европската интеграција за стратешка цел беше донесена од српските власи. Затоа очекуваме од нив да испорачаат и секој член на Владата да работи на таа цел колку што може, додаде Стано. /МИА

Лидерот на Златна зора ќе излезе од затвор

Поранешниот лидер на сега непостоечката неонацистичка партија Златна зора Никос Михало-Љакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, ќе биде пуштен од затвор, пренесуваат грчките медиуми.

Судот во градот Ламиа донел одлука тој да биде ослободен, откако издржал три петтини од казната. Златна зора пред четири години беше прогласена за криминална организација обвинета за бројни насилства од омраза , а нејзиниот лидер и пет поранешните пратеници добија 13 години затворска казни. Михалољакос, според одлуката на судот, ќе има забрана да ја напушта поширокиот регион на атина и ќе треба еднаш месечно да се јавува во полициска станица, пишува Катимерини. Златна зора беше дел од парламентот во периодот од 2012 до 2019 година..

притисни ентер