Суспендиран е пилот на патнички авион, кој гол и пијан дивеел низ хотел- го пријавиле патниците - Канал 5

Суспендиран е пилот на патнички авион, кој гол и пијан дивеел низ хотел- го пријавиле патниците

Пилот на easyJet е привремено суспендиран откако бил фатен пијан како шета гол низ луксузен хотел во Капо Верде во раните утрински часови.

Суспендиран е пилот на патнички авион, кој гол и пијан дивеел низ хотел- го пријавиле патниците

Инцидентот се случил на 5 август 2025 година во одморалиштето и спа-центарот Мелија Дунас на островот Сал на Зеленортските Острови, а авиокомпанијата потврди дека пилотот е веднаш суспендиран во исчекување на внатрешна истрага.

Според британските медиуми The Independent и The Sun, како што објави simpleflying, пилотот летал од Лондон до Капо Верде еден ден претходно и требало да се врати два дена подоцна. Сепак, вечерта по неговото пристигнување се претворила во ноќ на пиење што траела до раните утрински часови.

Околу 02:30 часот, пилотот наводно прошетал сосема гол низ рецепцијата, теретаната и спа-центарот на хотелот, каде што го препознале патниците, кои потоа го информирале easyJet. Авиокомпанијата соопшти:

„Штом бевме информирани, пилотот веднаш беше суспендиран од работа, во согласност со нашите процедури, во исчекување на завршувањето на истрагата. Безбедноста на нашите патници и екипажот е наш највисок приоритет.“

Иако мрежата на easyJet е главно фокусирана на европски дестинации, Зелено'ртските Острови станаа важен центар во нејзината меѓународна експанзија. Авиокомпанијата моментално лета до Меѓународниот аеродром Амилкар Кабрал (SID) од Лисабон, Порто и Лондон Гетвик.

Во текот на август оваа година, закажани се 17 повратни летови до Салу од Лисабон, осум од Порто, додека 13 ротации се управуваат од Лондон Гетвик. Во октомври, директни линии од Манчестер и Милано Малпенса ќе бидат додадени на мрежата.

Алкохолот и пилотите - постојан проблем

Ова не е прв случај пилот да биде привремено суспендиран од пилотската кабина поради пиење алкохол на должност. „Џапан ерлајнс“ доби официјално предупредување од Министерството за транспорт на Јапонија во 2018 година по серија инциденти, а во април 2024 година откажа лет од Далас до Токио поради пијан капетан. Сличен инцидент се случи во јуни 2023 година, кога пилот на „Делта“ се појави пијан на лет од Единбург до Њујорк, за што беше осуден на десет месеци затвор.

Пилотка на „Делта“ неодамна беше уапсена на аеродромот Арланда во Стокхолм откако беше тестирана за алкохол непосредно пред летот, што доведе до откажување на летот и нејзино апсење под сомнение за пијанство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Француски специјалци пресретнаа „нарко-подморница“ во Атлантикот – првпат во историјата (ВИДЕО)

На 12 ноември, француската морнарица пресретна полуподморница без ознаки во Атлантскиот Океан, кое превезувало неколку тони кокаин, пренесува специјализираниот портал „Naval News“. 

 Француски специјалци пресретнаа „нарко-подморница“ во Атлантикот – првпат во историјата (ВИДЕО)

Ова е првпат во историјата француската морнарица да пресретне таканаречена „нарко-подморница“.

Француската морнарица објави снимки од операцијата.

Специјалните сили пресретнаа и влегоа во полуподморницата, шверцерите намерно го потонале пловниот објект

Според соопштението на француското Министерство за вооружени сили и ветерани, објавено на 15 ноември, француска фрегата го пресретнала пловилото – кое не истакнувало никакво знаме – со поддршка од хеликоптер што се наоѓал на фрегатата, како и од американски поморски патролен авион кој дејствувал под команда на Заедничката меѓуагенциска оперативна група – Југ (JIATF-S). Пресретнувањето е извршено во согласност со правната рамка на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето (UNCLOS).

Додека тимот од фрегатата се приближувал кон полуподморницата, тројца од четворицата поединци што се наоѓале внатре скокнале во океанот. Француските морнари се качиле на пловилото и го извлекле четвртиот член на екипажот, кој во меѓувреме веќе го активирал системот за намерно потонување на пловниот објект. Полуодморницата потонала за помалку од три минути.

Шверцерите и 146 кг кокаин се извлечени од морето

Француските пловила ги извлекле сите четворица осомничени од морето, а потоа собрале остатоци што пловеле на површината, како и четири пакети – со вкупна тежина од 146 килограми – за кои со тестирање е потврдено дека содржат кокаин. Останатиот дел од нелегалниот товар, со тежина од неколку тони, потонал заедно со полуподморницата.

Коментирајќи ја операцијата на социјалната мрежа „X“, француската министерка за вооружени сили и ветерани, Катрин Вотрен, ги пофали вклучените екипажи за нивниот професионализам и одлучност за време на оваа операција на отворено море.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи — Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија е именуван вонр. проф. д-р Владимир Андреевски, специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог, раководител на одделот за ендоскопија при Клиниката и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на над 120 рецензирани труда во домашни и меѓународни списанија, со експертиза во интервентната ендоскопија и ЕРЦП.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија е именуван асс. д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија, со стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул и активно учество на меѓународни конгреси од областа на колопроктологијата и хепатобилијарната хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија е именуван асс. д-р Благоја Србов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (MARM).

Министерот Клековски им честиташе на именуваните и им посака успешна работа, нагласувајќи ја очекуваната одговорност во водењето на трите клиники — стабилно и предвидливо работење, воведување нови методи и постапки, скратување на листите на чекање и зголемена доверба на пациентите.

Претходно денес министерот Клековски ги прими и досегашните директорки — проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, на кои лично им се заблагодари за соработката и за постигнувањата во водењето на клиниките. Благодарност упати и до досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски. Проф. д-р Костовски и прим. д-р Ѓорѓиевска-Павловска со своите тимови беа на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани, а под раководство на проф. д-р Трајковска на Клиниката за гастроентерохепатологија беа воведени четири нови методи на лекување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска.

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Комисијата за социјална политика, демографија и млади, во рамките на денешната 26. Седница, одржа Јавна расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, поднесен од пратениците Весна Бендевска, Даниела Белимова, Павле Арсоски, Бобан Карапејовски и Даниел Стојчевски.

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска, а Предлог-законот го образложи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, во име на предлагачите. Во дискусијата учествуваа експерти од областа, претставници на здруженија, граѓански организации и институции, како и претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, кои изнесоа свои мислења, забелешки и предлози во однос на предложеното законско решение.

Со Законот за семејството се уредува посвојувањето како и правата и обврските кои произлегуваат од него. Согласно постојното законско решение, податоците за посвојувањата претставуваат службена тајна. Целта на Предлог-законот е уредување на пристапот до податоците и списите на предметите за посвојување, преку воспоставување механизам за остварување на правото на полнолетниот посвоеник на увид во списите на предметот за неговото посвојување. Се уредуваат и постапувањето и одлучувањето по барањата за пристап, пристапот до податоци од медицински причини поврзани со здравјето на малолетниот посвоеник, како и пристапот на крвните сродници на полнолетниот посвоеник под условите утврдени со закон.

Потребата од законските измени произлегува и од пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Митревска против Северна Македонија“, со која е утврдена повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права. Судот констатирал дека при одлучувањето по барањето на посвоеникот за пристап до информации за неговото потекло не била воспоставена соодветна рамнотежа меѓу различните интереси. Посочена е и потребата од предвидување исклучоци од начелото на тајност на податоците, особено во случаи кога пристапот до одредени информации е неопходен од медицински причини.

Во широка дискусија беше истакната сложеноста и чувствителноста на прашањето, како и потребата предложените решенија внимателно да се разгледаат од правен и практичен аспект. Учесниците посочија дека конечните законски решенија треба да бидат јасни и применливи, со прецизно утврдени правила и критериуми, кои ќе овозможат соодветно постапување и одлучување во зависност од околностите на секој конкретен случај.

Терминот за продолжување на оваа јавна расправа ќе биде дополнително утврден.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер