Судот им го продолжи притворот на четворицата терористи, кои направија масакр во Москва (ФОТО) - Канал 5

Судот им го продолжи притворот на четворицата терористи, кои направија масакр во Москва (ФОТО)

Московскиот суд денеска соопшти дека до 22 февруари им го продолжиле притворот на четворицата обвинети за вмешаност во терористичкиот напад на концертната сала Крокус во Москва на 22 март годинава, кога загинаа 145 лица.

Судот им го продолжи притворот на четворицата терористи, кои направија масакр во Москва (ФОТО)

Судското рочиште се одржало зад затворени врати, а судот им го продолжил притворот на Исроил Исломов, Диловар Исломов, Аминчон Исломов и Алишер Касимов, пренесе РИА Новости.

Исроил Исломов е државјанин на Таџикистан и поседувал автомобил Рено со кој терористите избегале од местото на злосторството, а потоа биле приведени во областа Брјанск. Диловар Исломов и Аминчон Исломов се негови синови и тие се руски државјани.

Касимов е државјанин на Руската Федерација и им изнајмил стан на наводните извршители на терористичкиот напад.

Тој пред судот изјави дека не ја признава вината и дека не знаел за плановите на станарите да извршат терористички напад.

Терористичкиот напад во концертната сала Крокус Сити Хол во Красногорск во близина на Москва се случи на 22 март кога напаѓачите отворија оган од автоматско оружје врз луѓето во зградата и ја запалија салата.

Четворицата извршители на терористичкиот напад биле приведени на 23 март во Брјанска област.

Во врска со овој случај во Москва се уапсени 12 лица.

Четворица од наводните сторители првично биле обвинети дека извршиле терористички напад, а останатите се обвинети за соучесништво во извршувањето на ова кривично дело.

Обвинението потоа е проширено за да вклучи учество во терористичка организација и илегална трговија со оружје во организирана група.

Подоцна, од Дагестан во Москва биле префрлени уште петмина обвинети во тој случај - четворица државјани на Таџикистан и еден Русин.

Тие се обвинети за финансирање и обезбедување средства на сторителите на терористичкиот напад во концертната сала Крокус, како и за нелегално производство на експлозиви.

Уште двајца обвинети во тој случај се уапсени на почетокот на ноември, а се товарат за неовластено тргување со оружје и распрскувачки материи.

Обвинителите сметаат дека тие двајца обвинети им доставиле оружје на терористите.Двајца соучесници на терористичкиот напад се во бегство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Јадењето доцна навечер придонесува до поголема телесна тежина, но научниците предупредуваат дека ваквата навика може да влијае на црниот дроб.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Резултатите од истражувања, објавени во списанието *Clinical Gastroenterology and Hepatology*, покажале дека луѓето кои консумираат дополнителна храна по вечерата или непосредно пред спиење се соочуваат со значително поголем ризик од стеатоза на црниот дроб,заболување поврзано со метаболичка дисфункција (состојба при која во црниот дроб се акумулира масно ткиво) или цироза.

„Знаеме дека црниот дроб во голема мера е синхронизиран со циркадијалниот ритам на телото“, вели главниот автор, д-р Роберт Вилечански од Универзитетот за здравје и наука во Орегон (OHSU).

„Затоа, нè интересира промената на времето на консумирање храна која би придонела подобро здравје без притоа да се менува составот на она што луѓето го јадат“, додава тој.

Пораст на заболувањата на црниот дроб

Студија спроведена врз население во САД покажала зголемување на сите форми на заболувања на црниот дроб за 20-30 % кај лица кои изјавиле дека јадат доцна навечер, во споредба со оние кои не го прават тоа.

„Важно е да се напомене дека, луѓето кај кои се развива замастен црн дроб, само кај мал дел подоцна се развиваат потешки форми на состојбата, како што е цирозата“, вели д-р Вилечански. „Вреди да се истакне дека ограничувањето на внесување калории неколку часа пред спиење може да биде корисно.“

„Можеме да го потврдиме она што веќе го знаеме: дека обрасците на однесување – без разлика дали се однесуваат на спиењето, исхраната или физичката активност – се навистина важни“, вели д-р Ендрју Мекхил, физиолог специјализиран за спиење и циркадијални ритми на OHSU.

„На пример, покажавме дека консумирањето храна навечер – кога внатрешниот биолошки часовник го поттикнува спиењето – ја намалува способноста на телото ефикасно да ја метаболизира храната. Ова, на крајот, може да доведе до дебелина, дијабетес, а според најновите истражувања, и до нарушено здравје на црниот дроб“, изјави тој.

Постојат многу видови заболувања на црниот дроб, од кои некои не покажуваат никакви симптоми.

Симптомите на цироза вклучуваат постојан замор и слабост, губење на апетитот, намален сексуален нагон, жолтица, чешање на кожата и гадење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер