Субвенции за енергетска ефикасност: Граѓаните сè повеќе инвестираат во инвертер клими, а интересот за гас значително опаѓа - Канал 5

Субвенции за енергетска ефикасност: Граѓаните сè повеќе инвестираат во инвертер клими, а интересот за гас значително опаѓа

Во услови кога цените на енергенсите постојано растат, а климатските промени стануваат сè поочигледни, интересот на граѓаните за мерки за енергетска ефикасност значително се зголемува.

Субвенции за енергетска ефикасност: Граѓаните сè повеќе инвестираат во инвертер клими, а интересот за гас значително опаѓа

Сè повеќе домаќинства одлучуваат да инвестираат во модерни и ефикасни системи за греење и ладење, а државата и општините го поддржуваат овој тренд преку различни видови субвенции – од набавка на инвертер уреди, па сè до делумно покривање трошоци за електрична енергија.

Согласно анализите што го спроведе Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест -Скопје, најбаран избор во моментов се топлинските пумпи, односно инвертер климите, кои користат енергија од воздухот за одржување на температурата во домот. Овие уреди трошат и до четири пати помалку електрична енергија во споредба со традиционалните грејни тела, со што значително ги намалуваат трошоците на домаќинствата, но и емисиите на штетни гасови.

Трендот е особено видлив на локално ниво. Во Куманово, во текот на 2025 година, дури 102 домаќинства добиле финансиска поддршка од по 20.000 денари за набавка на инвертер клими. И покрај тоа што Општината ја зголеми субвенцијата за приклучок на гасната мрежа од 15.000 на 25.000 денари, бројот на апликации за оваа мерка значително се намалил.

Слични податоци доаѓаат и од други општини. Во Струмица, минатата година само едно домаќинство се приклучило на гасната мрежа, додека Општината издвојува околу 17.000 евра за поддршка на потрошувачката на гас кај шеесетина семејства. Во главниот град, пак, субвенциите за инвертер клими се поврзани со обврска за отстранување на старите печки на фосилни горива – мерка што година по година привлекува сè поголем број корисници.

На национално ниво, Министерството за енергетика останува главен мотор на овие промени, со повеќе од 2,4 милиони евра издвоени за субвенционирање енергетски ефикасни уреди и дополнителна финансиска помош за ранливите категории граѓани.

„Во изминатите две години намален е интересот на граѓаните за мерката што ја спроведува Општина Куманово, субвенционирање за приклучок на гасификациона мрежа, затоа што најглавната причина е чинењето на самиот гас по метар кубен, односно зголемената цена на гасот, речиси дупло. Голем број на домаќинства што беа приклучени на гасификционата мрежа, останаа приклучени, меѓутоа не го користат како енергенс за загревање“, истакна Емилија Сларидис Јаневска, секретар на Општина Куманово.

Таа потенцираше дека, спротивно на тоа, интересот за субвенционирање на клима уреди во Општина Куманово е многу голем.

Од Еко-свест наведоа дека анализите покажуваат јасен тренд: граѓаните најчесто се одлучуваат за енергетски ефикасни уреди, особено за инвертер клими, како најдостапно и исплатливо решение. Сепак, како што истакнаа, разликите меѓу општините остануваат големи – од активна институционална поддршка, до само симболични мерки.

„Потребна е јасна и централно координирана политика за субвенционирање, со можност Фондот за енергетска ефикасност да ја преземе администрацијата на ваквите програми и да обезбеди еднакви услови за сите граѓани“, заклучија од Еко-свест.

Суштината е јасна: вложувањето во енергетски ефикасен дом е инвестиција што се исплати со тек на време – преку пониски месечни трошоци, поквалитетен воздух и повисок стандард на живеење.

Современите решенија како топлинските пумпи, соларните системи, добрата изолација и интелигентните уреди за управување со потрошувачката се дел од новата реалност кон која се движи енергетски одржливиот развој.

Таквиот дом не е тренд, туку попаметен пристап кон трошењето, поздрава околина и сериозен чекор кон подобра и постабилна иднина.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Да не наседнеме на нивниот блеф“- прва реакција на Финска по барањето од Русија да излезат од НАТО

Руските барања НАТО да го намали своето присуство во земјите на источните граници на алијансата се тест за решителноста на САД и Европа во преговорите, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен.

„Да не наседнеме на нивниот блеф“- прва реакција на Финска по барањето од Русија да излезат од НАТО

„Русија сака европските членки на НАТО да ги ограничат своите активности за да им служат на руските интереси, а такви работи не се предмет на преговори“, изјави Хаканен за новинарите во Хелсинки.

Неговата изјава дојде откако германскиот весник „Билд“ објави дека Русија предложила нов европски безбедносен поредок кој, меѓу другото, би вклучувал повлекување на Финска од НАТО и отстранување на воените бази на алијансата од балтичките држави. „Самата идеја за предлагање нешто вакво е апсолутно скандалозна. Русија го знае тоа“, рече финскиот министер за одбрана.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес ги отфрли тврдењата дека Москва поставила услов за повлекување на Финска од НАТО. „Не знам ништо за тоа. Не, такви услови не се поставени. Дефинитивно не е дискутирано“, нагласи Песков.

Одлуката за приклучување кон НАТО беше донесена по руската инвазија на Украина

Финска, која беше дел од Руската империја пред повеќе од еден век и водеше две војни против својот источен сосед за да ја зачува својата независност, се приклучи на НАТО во 2023 година.

Одлуката за приклучување кон Алијансата беше донесена малку повеќе од една година откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина. Со влегувањето на Финска во НАТО, Алијансата значително ја прошири својата граница со Русија, а финско-руската граница денес сочинува повеќе од половина од вкупната копнена граница на НАТО со Русија.

„Јасно гледаме дека Русија не е сериозна во врска со мировните преговори“

„Русија очигледно се осмели да ги тестира САД и Европа во последните денови за да види колку се подготвени да попуштат“, рече Хакканен, осврнувајќи се на дводневните разговори меѓу Русија и Украина во Абу Даби. Според него, руските барања покажуваат дека Москва не е сериозна во врска со мировните преговори.

„Јасно гледаме дека Русија не е сериозна во врска со мировните преговори, туку всушност ги проширува своите барања од војната во Украина до промена на европскиот безбедносен поредок за да биде поповолен за Русија“, рече тој.

Финскиот министер, исто така, предупреди дека ваквите потези не се нови во преговарачката стратегија на Русија. „Сите западни носители на одлуки треба да забележат дека ова е дел од психолошката стратегија на Русија што се спроведува со децении, постојано поместувајќи ги границите на барањата во преговорите, така што нивниот исход е неповолен за нас“, рече Хаканен.

„Не треба да наседнеме на нивниот блеф“, заклучи тој.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Се урна зграда во Најроби- најмалку тројца загинати, се пребаруваат урнатините за преживеани

Шест лица загинаа откако се урна осумкатна зграда во изградба на автопатот Момбаса, во близина на терминалот на железницата Стандарден гауџ (SGR) во Најроби, Кенија.

Се урна зграда во Најроби- најмалку тројца загинати, се пребаруваат урнатините за преживеани

Зградата се урна околу 9:52 часот наутро по локално време, додека градежните работници наводно биле на местото, објави Ројтерс.

Според прелиминарниот извештај од Тимот за итни случаи и спасување на округот Најроби, горната бетонска плоча се урнала, предизвикувајќи дел од структурата да се сруши и работниците да бидат закопани под урнатините.

Досега пет лица се извлечени живи и итно префрлени во болница за медицинска помош, додека шест смртни случаи се потврдени.

Три тела беа пронајдени за време на првичните утрински операции за спасување, додека уште три тела, сите мажи на средна возраст, подоцна беа извлечени од урнатините.

„Точниот број на работници на местото во моментот на уривањето сè уште се утврдува. Тимовите за пребарување и спасување активно ги пребаруваат урнатините за евентуални преостанати заробени лица“, се вели во извештајот, меѓу другото.

Спасувачките тимови, вклучувајќи ја Противпожарната бригада на округот Најроби и тимот за урбано пребарување и спасување (USAR), продолжуваат да ги пребаруваат урнатините како дел од операцијата за пребарување и спасување. Властите на округот Најроби апелираа до граѓаните и возачите што го користат автопатот Момбаса во близина на терминалот SGR да се оддалечат од непосредната област на несреќата за да им се овозможи на службите за итни случаи да извршат спасувачки операции.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кошта бара европските преговарачи да имаат заеднички став за Украина на преговорите со Русија и САД

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Даблин изјави дека Европа мора да зборува со еден глас во мировните преговори за завршување на војната во Украина. 

Кошта бара европските преговарачи да имаат заеднички став за Украина на преговорите со Русија и САД

Тој истакна дека ова не е во спротивност со договорот според кој Европа ќе биде претставена во преговорите од повеќе луѓе.

„Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така, има двајца претставници, има три или четири лица во украинската делегација“, рече Кошта на прес-конференцијата. Тој го коментираше договорот според кој Европа ќе биде претставена во преговорите од институциите на Европската Унија и пет земји од таканаречената група Е5 - Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Полска. „Важно е да се има тим и да се зборува со еден глас и тоа е она што се согласивме да го направиме“, рече Кошта.

Европа се согласи кој ќе ја претставува во преговорите

Договорот беше постигнат по дводневни дискусии во Даблин. Лидерите на педесет европски земји се собраа таму вчера на самитот на Европската политичка заедница, а во петокот на неформалниот самит на Европската Унија. Американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф разговараа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а потоа во Даблин со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

По средбите, тие изјавија дека Русија се согласила со вклучување на европски претставници во следната рунда мировни преговори, кои се водат со американско посредништво. Сепак, сè уште нема потврда од Москва дека Русија е подготвена за учество на европски претставници во преговорите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека прво треба да се утврдат вистинските намери на Европејците и дали сакаат да придонесат во мировните напори. Дури потоа, рече Песков, ќе биде можно да се донесе одлука за преговори во проширен формат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер