Студентски марш за подобри услови и стандард - Канал 5

Студентски марш за подобри услови и стандард

Пред половина час започна студентскиот марш на Меѓународниот ден на студентите со барање за подобар стандард...

Студентски марш за подобри услови и стандард

Со транспаренти со пораки и примероци од храна оставени пред влезот на Министерството за образование и наука (МОН), студентите вечерва изразија незадоволство од студентскиот стандард и владините антикризни мерки.

„Дали е ова 1939?. Без образование нема држава!“, „Тука сме за домот навистина да ти биде како дома“, „Тука сме за да не ти биде џабе учењето“, „Ајде да ги земениме нашите оброци со вашите“, беа само дел од пораките кои ги упатија на студентскиот марш што започна пред Владата, а заврши пред МОН.

Маршот се одржа по повод Меѓународниот ден на студентите, во организација на универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“.

Студентите побараа подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.

Учесниците на маршот ги потсетија надлежните на дадените ветувања, потенцирајќи дека се потребни конкретни мерки за нивните барања.

-Да испратиме силна порака до надлежите дека е доста од поигрување со студентите и нивните права, пред мене гледам многу мои другари и пријатели со кои во текот на нашето студирање се соочивме со студот, со гладот, со катастрофалните услови во студентските домови кои се под секое човечко достоинство. Сакам да ги потсетам надлежните институции додека кажуваат бајки за европската иднина ние во студентските домови водиме своја војна, таму во 2022 година се уште се водат тешки преговори за обезбедување на подобри услови. Сите нас не обединува само една работа, а тоа е заштита на нашите права, сите нас не обеднуваат неисполнетите ветувањата, ни ветуваа „брда и долини“, а не добивме ништо. Напротив живееме се полошо од претходно, потребни се конкретни мерки кои ќе ги задоволат нашите барања, порача студентот Илија Ристески.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на американскиот универзитет на Америка ФОН Мила Петрушевска рече дека приватните факултети се подеднакво засегнати од проблемите со студентскиот стандард.

-Ние сме подеднакво засегнати затоа сме тука и не само денеска туку и изминатите средби и допрва ќе продолжиме да се бориме, барањата се подеднакво исти и од наша страна, само што ние како приватен универзитет имаме дополнително барање што немаме опција за бесплатен јавен превоз за студенти на приватните факултети, бидејќи сите знаеме дека на државните факултети студентите не плаќаат додека ние плаќаме, изјави Петрушевска.

Во насока на одржаните средби во изминатите денови помеѓу студентските претставници и претставници од институциите претседателот на УСС при УКИМ Славчо Темелковски, изрази надеж дека ќе дадат резултат и оти нивната вклученост во креирањето на политиките ќе биде пракса во иднина.

-Во понеделникот имавме прва работна група каде се сретнавме со банкарскиот сектор поминавме добро на таа средба, и како што кажав многу пати досега доколку ние учествуваме во процесот верувам дека ќе се донесат квалитетни законски решенија и младински политики. Исто така, денеска на иницијатива на Универзитетското студентско собрание при УКИМ уште пред две недели, беше одржана средба во просториите на Клубот на пратеници каде констатиравме дека до среда МОН ќе излезе со конкретен акциски план за решавање на најкруцијалните прашања поврзани со домовите. Има квалитетни млади и покажавме многу поголема созреаност и зрелост во однос на оние кои моментално ги носат младинските политики, па поради тоа еден од условите што го поставивме беше Универзитетските студентски собранија активно да учествуваат во носењето на политиките и верувам од сега па натаму активно ќе не вклучат во сите процеси и на тој начин заедно ќе креирам подобри решенија, порача Темелковски.

Во организација на младинското движење „Студентски отпор“ пред три дена се одржа протест, а по кој беше постигнат договор да остане постојното решение за субвенциониран студентски оброк до наоѓање системско решение.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно, и предложи да се проследи на натамошна постапка во Собранието.

Маршот го следи Јана Јосифоска,кои се барањата и очекувањата на студентите?

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хегсет смени важен генерал во американската војска- откривал тајни за Иран?

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет го отпушти еден од главните воени планери во Пентагон, генерал-полковник Брет Силвија, додека претседателот Доналд Трамп размислува за нови напади врз Иран. 

Хегсет смени важен генерал во американската војска- откривал тајни за Иран?

Смената доаѓа по серијата заминувања на високи американски офицери, а Пентагон се уште официјално не ги објаснил причините, објави Ројтерс.

Силвија беше директор за стратегија, планирање и политика во Здружениот началник на Генералштабот на вооружените сили на САД. На оваа позиција, тој учествуваше во изработката на воени планови и стратешки препораки за американското воено раководство. Неговиот наследник сè уште не е именуван, објавија АП, Атлантик и Вашингтон пост.

Пентагон: Сомнение за протекување доверливи информации

Според информациите доставени до Си-Би-Ес Њуз и Фокс њуз од претставници на Пентагон, Силвија била отпуштена поради сомнение дека на новинарите им дала доверливи информации поврзани со војната против Иран и војната на Русија во Украина.

Еден официјален претставник тврди дека Силвија паднала на три полиграфски тестови поврзани со сомнителни протекувања. Според истиот извор, случајот е проследен до Министерството за правда на САД.

Ова се тврдења на анонимни функционери кои се уште не се независно потврдени. Не е објавено дека Силвија е обвинета, а неговата изјава за наводите не е достапна.

САД ги предупредија арапските земји за можен нов напад врз Иран

Смената доаѓа во особено чувствителен момент. Волстрит журнал објави дека Вашингтон предупредил неколку арапски земји од Заливот да се подготват за можна кратка, но интензивна воена операција против Иран по американските избори на 3 ноември.

Според извори запознаени со разговорите, предупредувањата биле пренесени преку дипломатски и воени канали. САД и Израел, наводно, подготвуваат нова рунда големи напади за да ги ослабат воените капацитети на Иран и да го принудат Техеран да преговара.

Американските сили истовремено го преместуваат персоналот од ранливите бази, обновуваат муниција и ја зајакнуваат противракетната одбрана на Блискиот Исток. Во регионот се испраќаат и дополнителни поморски сили.

Трамп се уште нема донесено конечна одлука за нови напади. Белата куќа соопшти дека нема да коментира за можните воени планови и дека претседателот ги држи отворени сите опции за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Веќе втор генерал е отстранет од истата позиција

Силвија е вториот висок офицер кој Хегсет го отстрани од таа позиција. Неговиот претходник, генерал-полковник Џозеф Мекги, беше принуден да се пензионира минатата година.

Пред да дојде во Пентагон, Силвија командуваше со 101-та воздушно-десантна дивизија на американската армија. За време на неговата 32-годишна воена кариера, служел во Ирак и Авганистан, каде што бил ранет и одликуван за храброст.

„Вашингтон пост“ пишува дека неговото ненадејно отпуштање предизвикало незадоволство кај неговите колеги, кои го сметале за искусен и внимателен командант.

Силвија, исто така, претходно беше цел на десничарската активистка Лаура Лумер, блиска до Трамп, која јавно го повика Хегсет да ја преиспита својата позиција во војската.

Хегсет отстрани голем број високи офицери

Од доаѓањето на Хегсет на чело на Пентагон, голем број високи американски офицери беа сменети или оставени. Меѓу нив се и началникот на Генералштабот на армијата Ренди Џорџ и други генерали на важни командни позиции.

Според извештајот на АП, за време на мандатот на Хегсет, речиси дваесетина високи воени команданти си заминале, а причините за повеќето заминувања не се јавно објаснети.

Хегсет вели дека кадровските промени се дел од напорите за зголемување на одговорноста и ефективноста на војската. Тој, исто така, нареди намалување на бројот на највисоките офицерски позиции за 20 проценти до јануари 2027 година.

Неговите критичари, сепак, предупредуваат дека честите смени може да ја поткопаат стабилноста на командниот систем и да создадат притисок врз офицерите кои не се согласуваат со политичкото раководство.

Демократскиот конгресмен Сет Мултон, поранешен офицер на маринците, претходно предупреди дека политички мотивираните отпуштања може да доведат до политизација на војската и создавање на авторитарен синџир на команда.

Отстранувањето на Силвија доаѓа додека САД се подготвуваат за можност за нова ескалација во осуммесечната војна со Иран. Не се знае кој ќе ги преземе неговите обврски при планирањето на американските воени операции.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пронајден е дрвен плакар во Помпеја- во него се најдени накит, монети, парфеми, прибор за шминкање...

Археолозите во Помпеја реконструираа дрвен плакар затворен речиси 2.000 години. 

Пронајден е дрвен плакар во Помпеја- во него се најдени накит, монети, парфеми, прибор за шминкање...

Во него се наоѓал накит, монети, парфем, алатки за шминкање и прибор за готвење, што дава увид во секојдневниот живот на жителите на градот пред ерупцијата на Везув во 79 година од н.е.

Делови од кабинетот се откриени во куќа на Виа дел’Абонданка, една од најпрометните улици во античка Помпеја, соопшти администрацијата на археолошкото наоѓалиште, објави Ројтерс.

Меѓу наодите е и ѓердан со најмалку 24 мали предмети направени од коска, стаклена паста, глинени садови и камен кристал, вклучувајќи претстави на боговите Бес и Меркур, како и минијатурни раце, стапала, борови шишарки и гроздови грозје. Ваквите ѓердани, познати како крепунтија, им биле давани на римските деца како заштитни амајлии и ѕвечкалки, а понекогаш се чувале и во зрелоста како сувенири од детството.

„Не можеме со сигурност да го реконструираме идентитетот на лицето кое живеело во куќата, но овие фрагменти нè доближуваат до нивниот секојдневен живот“, рече Габриеле Зактригел, директор на Археолошкиот парк Помпеја.

Во плакарот се пронајдени и пинцети, мало стаклено шише за парфем или маст, кадилница, бронзени, стаклени и керамички садови и садови за готвење. Оловни тегови во дрвена кутија укажуваат дека некој се занимавал со трговија во куќата, додека мал плетен сад содржел 38 бронзени монети, соопшти Археолошкиот парк Помпеја.

Фактот дека парите и сентименталните предмети останале во куќата сугерира дека сопствениците немале време да ги отстранат по ерупцијата на Везув, се вели во извештајот.

„Помпеја не е само место на големи уметнички дела. Тоа е и место каде што најобичните предмети ја враќаат човечката димензија од минатото“, рече Зактригел.

Куќата е привремено поврзана со човек по име Корнелиј Максимус, врз основа на натписи пронајдени на локацијата. Неговата фасада првпат била ископана во 1912 година, додека некои од просториите зад неа неодамна биле истражени како дел од поширок проект за реставрација. За време на ископувањата, фрагментираните скелети на два млади глувци биле пронајдени во амфора лоцирана на подигнат простор за складирање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

БМВ се пофали- милион возила се преместени во фабриките без возач

BMW Group регистрираше еден милион движења на возила во своите фабрики кои биле извршени без возач зад воланот.

БМВ се пофали- милион возила се преместени во фабриките без возач

Технологијата, позната како „Автоматизирано возење во фабрика“ (AFW), моментално се имплементира во четири фабрики на два континента. Системот беше лансиран како пилот-проект во 2022 година во фабриката во Динголфинг, а денес извршува околу 3.500 автоматизирани движења дневно.

Автоматизираното возење се користи во фабриките во Динголфинг, Лајпциг и Регенсбург и во производствениот погон на Mini во Оксфорд. БМВ ја разви технологијата во соработка со швајцарската компанија Embotech. Следниот чекор е воведување во сериска примена во фабриката на BMW Group во Спартанбург, Јужна Каролина, што е планирано за 2027 година.

Милион движења без возач

Оваа бројка ги вклучува сите автоматизирани движења од почетокот на пилот-проектот во 2022 година. Системот независно ги пренесува готовите возила и оние во фазата на производство помеѓу различни зони во рамките на објектот. Рејмонд Витман, член на одборот на BMW AG задолжен за производство, го поврза овој резултат со пошироките цели на компанијата. „Еден милион возила преместени со технологија за автоматизирано возење и примената на системот на четири локации досега се доказ за иновативната моќ и скалабилност на нашата производствена мрежа“, рече Витман.

Само фабриката на Mini во Оксфорд регистрираше повеќе од 53.000 автоматизирани движења во текот на изминатата година. Ова ја направи четвртата и најнова локација што системот ја користи во својата секојдневна работа. Искуствата собрани во британската фабрика му помагаат на BMW во планирањето на проширувањето на технологијата на американскиот пазар.

Како функционира системот

AFW возилата не се движат по јавни патишта, туку во рамките на јасно дефинирани производствени и логистички зони. Системот е дизајниран да реагира на луѓе, виљушкари и други возила во областа. BMW објаснува дека станува збор за најголемата LiDAR инфраструктура во Европа, која доставува податоци до сензорите, така што секое возило има преглед на околината.

Во фабриката во Оксфорд, автоматизираните возила се директно поврзани со постојните системи за контрола на возењето. Таа интеграција овозможи да се надмине бројката од 53.000 движења без да се забават производствените линии по кои работи системот. BMW наведува дека системот работи без прекин, а неговата сигурност надминува 99,5 проценти. Токму затоа BMW го проширува AFW во својата производствена мрежа надвор од Германија и Обединетото Кралство.

Фабриката во Спартанбург ќе стане петта локација за AFW и прва во САД кога системот ќе започне со производство таму во 2027 година. BMW ќе го примени истиот модел како во Европа, што значи дека ќе започне со помала гама, а потоа ќе ја прошири откако технологијата ќе биде докажана во реални услови на производство. Компанијата сè уште не објавила колку возила ќе преместува автоматски објектот во Спартанбург, но тоа е еден од најголемите производствени капацитети на BMW во светот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер