Столтенберг: Украина успеа да врати 50 проценти од територијата, што ја презеде Русија

„Украина продолжува да ѝ нанесува големи загуби на Русија, која е ослабена политички, економски и воено“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон, а оваа година продолжува да ѝ нанесува големи загуби на Русија“, рече Столтенберг пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, на кој една од главните теми ќе биде продолжување на поддршката за Украина во војната против руската агресија.

Столтенберг одржа прес-конференција во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кој ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици - војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и ситуацијата на Западен Балкан.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кои во среда ќе им се придружи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, ќе ја потврдат долгорочната поддршка на Алијансата за Украина.

Столтенберг рече дека Украина успеала да врати 50 отсто од териториите окупирани од Русија. „Тоа е голема победа за Украина, а во меѓувреме Русија е послаба политички, економски и воено“, рече тој.

Тој рече дека овој месец Германија и Холандија најавиле поддршка за Украина од 10 милијарди евра, а Романија отворила центар за обука на украински пилоти за борбени авиони Ф-16.

„Сојузниците, вклучувајќи ги САД и Финска, испраќаат дополнително оружје и муниција за противвоздушна одбрана за да ги заштитат украинските градови од руски напади, а 20 сојузнички земји сега формираа коалиција за воздушна одбрана за Украина“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека сојузниците се согласуваат Украина да стане членка на НАТО и дека на средбата ќе договорат препораки за приоритетни реформи во Украина.

Столтенберг ги повика и Турција и Унгарија што поскоро да го ратификуваат влезот на Шведска во НАТО.

„Го поздравувам тоа што турскиот парламент го започна процесот на ратификација и сметам на Турција и Унгарија што побрзо да ги завршат ратификациите. Дојде време за тоа“, рече генералниот секретар, нагласувајќи дека Алијансата со Шведска ќе биде посилна. .

Столтенберг ја осуди Русија, која се обидува да ги „дестабилизира нашите демократии со сајбер напади, дезинформации, енергетски уцени, дури и миграција“. Тој изрази солидарност со Финска, која ги затвори граничните премини со Русија и која ги охрабрува мигрантите да влезат во таа земја.

На состанокот ќе се разговара и за Кина, која претставува предизвик за безбедноста, но не е противник, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО повика на продолжување на примирјето меѓу Израел и Хамас со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа.

„Го поздравувам договорот меѓу Хамас и Израел што доведе до ослободување на заложниците и доставување хуманитарна помош. Повикувам на продолжување на паузата во конфликтите, што ќе овозможи испорака на многу потребната помош за населението на Газа и ослободување на повеќе заложници“, рече тој.

Тој рече и дека во Западен Балкан има „малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“. „Ќе разговараме и за ситуацијата на Западен Балкан, каде што гледаме сецесионистичка реторика која носи раздор во Босна и Херцеговина и малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“, додаде тој.


Белата куќа го разреши генералниот инспектор на УСАИД

Белата куќа го разреши генералниот инспектор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) Пол Мартин. 

Генералните инспектори вршат надзорни функции и имаат задача да спречат измама и злоупотреба во владините служби. Maртин беше назанчен на функцијата во 2023 година. Отказот го добил по е-пошта, јавија американските медиуми.

Канцеларијата на Мартин во понеделникот објави извештај во кој предупредува дека поради замрзнувањето на финансирањето на УСАИД, надзорот над хуманитарната помош сега е „во голема мера нефункционален“. Во текстот се наведува дека има непотрошени средства во износ од 8,2 милијарди долари и дека надзорниот орган има потешкотии да се погрижи тие пари да не паднат во рацете на екстремистичките групи или дел од нив да не бидат пренасочени во различни конфликтни зони.

Во САД синоќа беше поднесена нова тужба против брзото распуштање на агенцијата. Според тужителите, дејствијата на владата ги чинат американските бизниси стотици милиони долари. Ненадејното замрзнување на странската помош, исто така, бара големи отпуштања на американски добавувачи и изведувачи. Компанијата Chemonics International со седиште во Вашингтон отпуштила 750 вработени, се вели во тужбата.

Тужбата беше поднесена во Окружниот суд на САД во Вашингтон против претседателот Доналд Трамп, државниот секретар Марко Рубио и вршителот на должност заменик администратор на Агенцијата за меѓународен развој на САД, Питер Мароко, кој беше назначен од Трамп. /МИА

На собраниска седница гласање за новите членови на Советот на АВМУ

Собранието денеска ќе ја одржи 34-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 25 точки, меѓу кои и Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ е четврта точка на дневен ред. За да биде донесена потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.

Премиерот Христијански Мицкоски вчера изјави дека изборот на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој ги исполнува, може да ја врши таа функција.

- Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, вели Мицкоски на новинарско прашање за коментар за наводни реакции од странски амбасади за професионалноста на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и нејзина политизација.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

Пред пратениците на денешната седница како 14-та точка се и Предлог-измените на Законот за пратениците, по скратена постапка. Овој Предлог-закон е поднесен од пратеничката група на Левица, со кој се превидува намалување на сумата што Собранието им ја исплаќа на парламентарците за патни трошоци. Според Левица, во периодот од 2010 до 2024 година, за патни трошоци за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле потрошени 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.

- Во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои грото имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата. Утре, 12 февруари - среда, 120 пратеника имаат можност да ја напуштат ароганцијата и да гласаат за Законот на Левица, која џентлменски предлага ограничување на патните трошоци (да не е укинување, за да не се „навредат" останатите пратеници), посочи пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог - одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Предлог одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлогот за разрешување на директорот и заменик на директорот на Агенцијата за администрација и Предлог на одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На дневен ред на оваа седница се и неколку законско решенија од областа на финансиите, како и Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

- Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавноста

Собранието на 6 септември 2023 година ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законик

Министерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

- Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

- Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието.

притисни ентер