Стеван Мицов државен првак во тенис

Стеван Мицов по втор пат во кариерата ја освои титулата најдобар тенисер во Македонија.

Членот на клубот МТП од Скопје во финалето на Државното првенство во тенис, што изминативе денови се одржа на терените на ТК Југ, го совлада домашниот натпреварувач Шендрит Деари со 3-0 во сетови.

Израмнета борба се водеше во првиот и во третиот сет во кои Мицов славеше со 6-4, додека во вториот сет го декласира противникот дозволувајќи му да освои само еден гем. Мицов првата титула првак на Македонија во тенис ја освои во 2011 година.

Нова државна првенка кај жените е Магдалена Стоилковска (ТК АС). Таа во финалето ја совлада Тања Стојановска од ТК Охрид.

Заев вети позитивна кампања

Заев вети позитивна кампања и постизборна посветеност на поголем локален економски развој.

Премиерот Зоран Заев на денешниот прв ден од почетокот на кампањата за претстојните локални избори вети дека како партија и коалиција ќе водат позитивна кампања која ќе биде насочена кон она што било направено досега, но и кон идните планови за поддршка на локалните самоуправи и за поголем локален економски развој.

-Овие избори се избори на личност, програми, проекти, идеи, и во едни такви околности должност е за сите е да водиме позитивна кампања. Нашата земја оваа година слави 30 години од независност и колку сме навистина созреани и колку сме општествено одговорни сите ние со секоја година и со секои наредни избори може да докажувеме. Тука пред се мислам на нас политичарите, но, секако и на кандидатите што се претставуваат со своите изборни програми, рече Заев.

СДСМ и коалицијата, додаде, ќе води исклучително позитивна кампања.

-Ова затоа што имаме со многу што да се пофалиме во овие четири години, за сите проекти што се реализираат 550 милиони евра се директни поддршки од Владата за локалната самоуправа. Времето што е пред нас ги дава сите причини да веруваме дека ќе биде уште подобро, дека навистина ќе има уште многу проекти и оти животот на локално ниво ќе биде уште попримамлив, пред се младите да остануваат тука, рече Заев во одговор на новинарско прашање по учеството на почетокот на манифестацијата Преспански јаболкобер.

Тој додаде дека досега било направено многу во сферата на инфраструктурата, но, како што рече, претстојат уште многу предизвици.

-Верувам дека во следниот четиригодишен мандат ќе ја завршиме неопходната локална инфраструктура, водоводите, канализациите, прочистителните станици, локалните патишта и се што е неопходно базично, но ќе доминира период на нашата посветеност на локалниот економски развој. Секој наш регион има свои предности, нагласи Заев, и ако бидеме сплотени и единствени веднаш по изборите сите да работиме за граќаните ќе ги мултиплицираме ефектите, истакна премиерот.

На прашањето зошто изборната кампања СДСМ со коалицијата ја почнува од Битола, каде што вечер од 20 часот ќе има централен настан, а претходно и средби со граѓани на Демир Хисар, премиерот одговори дека агендите се прават во координација со сите учесници на изборите и нивните штабови за да не се дуплираат кога се претставуваат на терен.

-Важен е целиот овој наш регион, Битола и Пелагонискиот регион, и Преспанскиот, и Охридско-струшкиот се многу важни од секој можен аспект и веројатно затоа при разговорите одлучивме да почнеме токму од Битола. Утре сме веќе во главниот град, па продолжуваме понатаму во Струмичкиот регион, изјави Заев. /МИА

Иванов: Демократијата не може да се увезува, таа потекнува од народот

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

„Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината".

Ова го порача во поздравното ведео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

– Во духот на народната „љубовта е слепа, но соседите сè гледаат", Македонија ја доживеа својата 30-годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место, според корупцијата во светот, изјави Иванов.

Македонскиот народ, порача Иванов, учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведна страна на историјата, ја создаде својата сопствена држава.

– Таа АСНОМ-ска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација која преку националните институции ја крепеше македонската држава во рамките на Југословенската федерацијата. Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Оттогаш се веќе беше подготвено, за тоа она денес ни се случува. Како претседател често посочував и предупредувата за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ниту македонско прашање, изјави Иванов.

Пандорината кутија, нагласи Иванов, е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право.

-Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор, изјави Иванов.

Невиден преседан, нагласи Иванов, е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

– Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината, изјави Иванов.

Македонскиот народ, посочи Иванов, се изјасни против избрзани и наметнати штетни решенија, донесени без претходно постигнат национален консензус.

– На 30 септември 2018 година, со негласање тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандта од народот да го менува Уставот, заради промена на уставното име. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли цената. Со бојкот на референдум народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување и убеден сум дека еден ден ќе дојде геенрација политичари ќе го задржи, она што некој сега е подготвен толку лесно да го изгуби, изјави Иванов.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. /МИА

Коцарев: Македонската држава, идентитет, јазик и култура ќе опстојат

Политичките околности не се добри, вели Коцарев.

Одбележувањето на големиот јубилеј – 30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

– Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, порача Коцарев. Радоста, гордоста и спокојот, нагласи Коцарев, за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои не се добри.

– Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме. Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави Коцарев.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

На собирот за првиот претседател на тогашна Република Македонија Киро Глигоров говореше Живко Кондев шеф на неговиот Кабинет во два мандата и по завршувањето на функцијата се до неговата смрт на Глигоров 1 јануари во 2012 година. За Глигоров како голем политичар и човек кој дејкстваше во три политички системи, тој, меѓу другото се осврна на неговиот придонес како главен актер и архитект во осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година.

-Со своијата личност и со својот личен придонес тој ги поврза двата столба на современата македонска државност – АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 година…Тој беше најзаслужен за тоа што Република Македонија бепше единствената држава во поранешна СФРЈ што ја испрати ЈНА со потпишан договор без ниту еден испукан куршум и жртва. ВЦо исклулчително тешка ситуација Македонија одбра да не биде ничија земја и да стане членка на ООН макар и со наметната описна додавка пред уставното име, а времето покажа дека и покрај неоснованите критики, тој не згреши. Ако тоа не се направеше во 1993 година, лесно можеше да се случи Македонија се уште да чека за прием во Светската организација, како што се најде на опашката за прием во ЕУ и НАТО иако ги исполнува условите за тоа. Влегувањето во НАТО Алијансата се оствраи со многу напори и тешки откажувања и компшромиси. Да се надеваме дека тоа ќе се случи и со влегувањето во ЕУ, рече Кондев.

Тој потсети на зборовите на Глигоров дека без оглед колку е мала, сиромашна , оспорувана, напаѓана, татковината ни е една и единствена – Ние друга татковина немаме и не само ние туку и илјадниците македонски граѓани раселени по светот, затоа мораме да ја чуваме, да ја градиме и да се бориме за неа.

-Иднината и перспективите на нашата земја зависат пред се од нас самите. Никој не може да и мисли и да и даде на Македонија подобро отколку ние самите. Се разбира дека секоја добронамерна помош од надвор е добродојдена, но ние мораме да покажеме дека сме држава и дека сами знаеме да одлучуваме за нејзината подобра иднина. При тоа потребна е мудрост а не сила за справување со предизвиците. Не е едноставно светот да вика поинаку од твоето име, но животот е борба во која не секогаш посилните победуваат. За нас е најважно сите граѓани еднакво да си ја сакаат државата, само така можат да се постигнат услови за меѓусевбно почитување и толеранција. Ако имаме внатрешен мир, ќе имаме и сила како држава да ги почитуваме нашите права и на меѓународен план да бидеме почитувани и рамноправни со другите. Клучна улога во тоа имаат политичките лидери во земјата кои покрај тоа што треба да покажат компетентност и умешност во водењето на политиката мораат да го слушаат и почитуваат и гласот на народот, велеше Глигоров, кажа Кондев кој посочи дека овие пораки се уште се релевантни и денес и во пресрет на одбележувањето на 10 години од неговата смрт.

Владо Поповски, кој беше советникот во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски, порача дека претседателот Трајковски е првиот кој сите граѓани и политички партии го признаа за свој претседател, на сите граѓани без разлика на етничкита припадност.

– Претседателот Трајковски е и единствен засега кој стана близок соговорник на сите регионални политичари и лидери. Тој стана еден од учесниците и прогресивци на многу регионални движења. Мирољубиво и во општа полза. Не беше лимитиран од оградите на блоковскиот пристап, порача Поповски.

По смртта на Трајковски, рече Поповски, „сите искажаа мислење дека станува збор за голем државник од Македонија". Трајковски, посочи Поповски, го отвори процесот на расправа на четирите релевантни политички партии – двете македонски и двете албански да ги разгледаат сите проблеми и понудат решенија, но и побара помош од САД и ЕУ во продолжување на дијалогот со сите Албанци.

– Тие две страни пристапија кон помош, започнаа преговорите врз база на предлогот на Роберт Бадентер. Охридскиот договор е донесен и тој застана на патеката на најсјајните традиции на македонската борба за македонска државност, рече Поповски.

На крајот, Охридскиот договор, посочи Поповски, не е бинационален, не е многунационален, туку е модерен европски Устав, типичен за мешаните општества со решенија кои што постојат во 20-тина и повеќе земји во Европа.

– Тој придонес на Трајковски е огромен и треба да биде максимално валоризиран, бидејќи е светилник за иднината на Македонија на сите, и за тежината и начинот до кој дојде до решение. Денеска, немаме меѓуетнички тензии. Има други проблеми и тие треба да се решаваат, меѓутоа конечно Македонија опстана и функционира натаму. Почит и благодарност за претседателот Трајковски, изјави Поповски на свечениот научен собир, во организација на МАНУ во рамки на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата./МИА

притисни ентер