Стејт департмент: Македонија успешно се справила со терористичките закани во 2023 година

Македонија во 2023 година направила напредок во борбата против тероризмот со усогласување на стратешките документи со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди.

Македонија во 2023 година направила напредок во борбата против тероризмот со усогласување на стратешките документи со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди, зајакнување на капацитетите за истрага и гонење кривични дела поврзани со тероризам, како и размена на информации за спречување на радикализација на насилството и напредок во реинтеграцијата на повратници од воените зони, се вели во најновиот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот.

- Владата во мај усвои национални стратегии за контратероризам и спротивставување на насилниот екстремизам со соодветни акциски планови кои се фокусираат на превенција на онлајн радикализација кон насилство, „десничарски екстремизам“, реинтеграција, потреба од специјализирани обуки за полицајци и социјални работници, и ажурирани стратешки приоритети, вклучително и воспоставување база на податоци за повратници. Македонија соработуваше со напорите на САД за контратероризам, вклучително и рана детекција, се вели во извештајот.

Стратегијата, како што се поосчува, беше финализирана со поддршка од експерти на Европската комисија.

Се наведува дека главните терористички закани во земјава се главно поврзани со „претходно репатрирани странски терористички борци од Сирија и Ирак, како и со домашен екстремистички тероризам“.

-Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот процени дека 143 граѓани на Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“, стои во извештајот.

Во 2023 година во земјава не биле пријавени терористички инциденти.

Во врска со законодавната рамка на Македонија се истакнува дека таа овозможува гонење на осомничени и соучесници во терористички активности или лица кои учествуваат во странски војни. Казните за кривични дела поврзани со тероризам значително се подобриле во споредба со претходните години и со други земји од Западен Балкан. Министерството за правда на САД обезбеди менторство и докази од бојното поле за случаите на кои работеле обвинители и истражители.

Апелацискиот суд во Скопје лани во јуни ја зголемил казната на странски терористички борец репатриран во 2021 година за ширење пропаганда на „Исламска држава“ од шест на осум години затвор. Во август, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против двајца такви борци за учество во непријателска армија.

Во извештајот се посочува дека Македонија е член на MONEYVAL и нејзината Финансиска разузнавачка единица е член на групата Egmont. Во 2023 година, оваа единица поднесе шест извештаи за сомневање за финансирање на тероризам до надлежните органи. Замјава продолжила со учеството во спроведувањето на Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан за контратероризам и ја зајакна соработката со Europol и Eurojust.

Позната е причината за трагичната авионска несреќа на јужнокорејски патнички авион (ВИДЕО)

Инспекторите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Боинг 737-800 кој се урна во Јужна Кореја кон крајот на декември, изјави денеска за Ројтерс лице запознаено со истрагата.

Министерството за транспорт на Јужна Кореја се уште не ги коментирало овие наводи, пренесе Ен-Би-Си Њуз.

Во авионската несреќа на патничкиот авион Боинг 737-800 управуван од јужнокорејската компанија Џеџу Ер на линија од Бангкок до Муан, со 181 патник, на 29 декември загинаа 179 лица, а две лица беа спасени, објавија властите во Сеул.

Сите 175 патници и четворица членови на екипажот загинале, а двајца членови на екипажот преживеале, кога авионот принудно слетал, удрил во бетонски ѕид, експлодирал и се запалил.

Медиумските извештаи сугерираат дека можните причини за несреќата може да вклучуваат удар на птица, проблеми со тркалата или ѕидот на крајот од пистата.

Барак Обама со пример докажа дека не се разведува од Мишел поради Џенифер Анистон

Поранешниот американски претседател Барак Обама денеска повеќе од сликовито ги отфрли гласините за развод објавувајќи емотивна посвета на „љубовта на неговиот живот“ – Мишел Обама, по повод нејзиниот 61 роденден!

Шпекулациите дека парот, кој е во брак повеќе од 30 години, има проблеми, почнаа да кружат откако обожавателите забележаа дека Мишел неодамна не е видена во јавноста со нејзиниот сопруг.

Сепак, поранешниот претседател покажа дека нивната врска е сè уште силна, споделувајќи трогателна порака до својата сопруга на нејзиниот денешен роденден.

„Среќен роденден на љубовта на мојот живот, @MichelleObama“, напиша тој покрај фотографијата на која се држат за рака за време на вечерата.

„Ја исполнуваш секоја соба со топлина, мудрост, хумор и грациозност и изгледаш одлично кога го правиш тоа. Многу сум среќен што можам да се впуштам во животните авантури со тебе. Те сакам“, рече тој.

На сликата Барак е насмеан во сива кошула и црни панталони, додека спроти него Мишел е облечена во темен фустан со V-деколте и шарен украс за коса. И двајцата нежно се држат за раце додека гледаат во камерата. Мишел ја сподели објавата на својот профил со едноставен коментар - Те сакам мили!

Мишел, која денес наполни 61 година, не присуствуваше на погребот на поранешниот претседател Џими Картер на 9 јануари поради „конфликт со распоредот“. Беше објавено и дека таа нема да присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп во понеделник.

Од кабинетот на Барак и Мишел Обама за АП изјавија дека „поранешниот претседател Барак Обама ќе биде присутен на инаугурацијата, но поранешната прва дама Мишел Обама нема да присуствува“.

Веднаш по оваа објава, обожавателите на оваа позната и влијателна политичка двојка изразија загриженост дека можеби имаат проблеми во бракот. Се појавија дури и шпекулации дека Барак има афера со холивудската ѕвезда Џенифер Анистон, што ѕвездата од „Пријатели“ претходно остро го демантираше.

Шолц и Маск ја продолжија кавгата: Милијардерот е опасност за европската демократија

„Технолошкиот милијардер Илон Маск претставува опасност за демократијата во Европа поради неговата наклонетост кон крајната десница“, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Маск ја поддржува крајната десница насекаде во Европа, во Велика Британија, во Германија, во многу, многу други земји и тоа е нешто што е целосно неприфатливо“, рече Шолц на прес-конференција во Берлин.

„Ова го загрозува демократскиот развој на Европа, ја загрозува нашата заедница и мора да се критикува“, додаде германскиот лидер, според Политико.

Маск ја даде својата поддршка на десничарските фигури и иницијативи ширум светот, вклучително и поддршката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на претстојните предвремени федерални избори во земјата, закажани за 23 февруари.

Могулот на социјалните мрежи е исто така еден од најжестоките поддржувачи на Доналд Трамп, што му обезбеди место во потесниот круг на новоизбраниот претседател на САД и ја поддржа десничарската партија Реформска Британија во Британија, со шпекулации дека наскоро би можел да започне финансирање на партијата.

Шолц рече дека нема ништо против правото на Маск на слободен говор, но:

„Неговата поддршка за екстремната десница, без разлика дали е од бизнис интереси или од негови сопствени политички ставови, е неприфатливо“.

Коментарите на социјалистичкиот канцелар се најнови во серијата кавги со Маск, кој пак го нарече Шолц „будала“ и тврдеше дека ќе ги „изгуби“ германските сојузни избори.

притисни ентер