Стари цени, нови маки за лозарите

Стари цени нови маки. Лозарите од Тиквешието синоќа од лозјата дојдоа на плоштадот во Кавадарци, незадоволни од ниските откупни цени за грозјето.

Ниту зрно грозје нема да им дадеме на винариите и ќе ги радикализираме протестите порачаа доцна синоќа тиквешките лозари од протестот кој го организираа на градскиот плоштад. На кавадарчани им се приклучија лозари од сите производни региони бидејќи сите ја делат истата мака со старите цени по кои сакаат да откупуваат винариите.

Наместо ланските 10 за смедервката и 13 за вранецот лозарите бараат винариите да ги зголемат откупните цени кои со години се непроменети на 16 за белото грозје со 17 до 18 за црното винско грозје. Тие бараат државата да скрои законот како за тутунот и за грозјето да се знае однапред договорена количина со аванс и пари на сметка ако сака винаријата да откупува.

Очекуваат да продолжат преговорите со винариите во посредство на министерството за земјоделство. Ако продолжат винариите да се однсеуваат арогантно и без никакви реални аргументи да стојат на ланските цени за да си остваруваат за себе екстра профити, лозарите најавуваат блокади и порадикални протести.

Од Министерството деновиве со став дека може во оваа фаза само да посредуваат при разговори меѓу двете страни а за евентулани мерки за поддршка би се донеле по завршување на откупот за да не им се намали дополнително откупната цена.

Инаку во процесот на производство од килограм грозје купено од лозарите за 10 денари и платено по 6 месеци винаријата полни шише од 750 милилитри кое на пазарите се продава од 200 до 300 денари.

Во соседството килограм грозје од лозарите се откупува по далеку пореални цени од оние понижувачките во земјава, Па така во Албанија откупната цена е 22 денари, во Србија е 30 денари а во Црна Гора лозарите добиваат по 60 денари за предаден килограм.

Со десет денари колку што сакаат винариите да откупуваат лозарите сметаа дека само се помага иселувањето на тиквешијата и се помалиот број на лозја кои се работат.

Си денеска на средби со Макрон и Фон дер Лајен

Кинескиот претседател Си Џинпинг во рамките на државната посета на Франција денеска ќе се сретне со неговиот француски колега Емануел Макрон, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Си вчера пристигна во Париз, а од Пекинг претходно беше најавено дека за време на петдневната турнеја низ Европа, покрај Франција, ќе ги посети и Србија и Унгарија.

Ова е прва посета на кинески лидер на Европа во последните пет години.

Во руски напад во Сумската област оштетен високонапонски објект на Укренерго

Високонапонскиот објект на Националната енергетска компанија „Укренерго“ е оштетен во руски напад со беспилотни летала и ракети врз Сумската област во Украина.

- Меѓу оштетената цивилна инфраструктура е и високонапонски објект на „Укренерго“ … Екипите за поправка на „Укренерго“ работат на постепено враќање на снабдувањето со енергија на потрошувачите, соопшти операторот.

Како што пренесува Укринформ, во соопштението се додава дека руските напади врз енергетските капацитети во регионот Харков не престануваат и оти вчера од безбедносни причини била исклучена опремата на локалната регионална енергетска компанија.

- Поголемиот дел од неа веќе е вратена во функција, но целосното обновување на снабдувањето со енергија е попречено од непријателствата во близина на објектите на енергетската инфраструктура, се вели во соопштението.

Израел почна евакуација на Рафа пред планираната воена операција

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска почнаа да го евакуираат Рафа во јужниот дел на Појасот Газа пред планираната воена операција во градот.

- Почнуваме операција со ограничен опсег за привремено евакуирање на жителите на источен Рафа, изјави портпаролот на ИДФ.

ИДФ ги повикаа жителите на источниот дел на градот на границата со Египет да се преселат во кампот Ал-Маваси на Медитеранот неколку километри северно. Според портпаролот на ИДФ, се проценува дека се погодени околу 100.000 луѓе. Тие биле информирани преку СМС порака, телефон, летоци и преку медиуми на арапски јазик.

Луѓето треба да одат во „проширена хуманитарна област“ во областа Ал-Маваси. Таму има храна, вода и лекови, рече портпаролот на ИДФ. Армијата исто така постави теренски болници. Портпаролот не можеше да каже колку време имаат луѓето да се евакуираат.

Тој нагласи дека доставувањето хуманитарна помош за населението ќе продолжи непречено за време на операцијата за евакуација. Таа може да се донесе до крајбрежниот појас преку различни рути, на пример преку пристаништето во Ашдод.

притисни ентер