Стапката на невработеност во Германија изнесува 5,9 отсто

Невработеноста во Германија сè уште е на највисоко ниво од мај 2021 година.

Сезонски прилагодената стапка на невработеност во Германија во април изнесуваше 5,9 отсто, што е исто како и во претходните четири месеци, а бројот на невработени се зголеми месечно за 13.000 на 2,732 милиони, соопшти денеска германската Сојузна агенција за труд.

Невработеноста во Германија сè уште е на највисоко ниво од мај 2021 година.

Највисока невработеност традиционално е забележана во германските сојузни покраини Бремен и Берлин, а најниска во Баварија и Баден-Виртемберг.

За априлската статистика, Агенцијата користела податоци кои биле достапни до 15-ти во месецот, пренесува порталот Wirschaftsvohe.

„На пазарот на трудот сè уште му недостига силна поддршка на економијата, така што пролетното закрепнување останува слабо“, изјави членот на управниот одбор на Агенцијата, Даниел Терзенбах.

Побарувачката за работници исто така благо опаѓа, но и натаму е на многу високо ниво.

Агенцијата за труд во април регистрирала 701.000 слободни работни места во Германија, што е за 72.000 помалку од пред една година.

Израелската армија тврди дека убила командант на Хезболах

Израелската армија соопшти дека убила командант на Хезболах во воздушен напад во либанскиот регион Тир.

Во соопштението на израелската војска објавено на Х се наведува дека Касим Саклави е „командант на единиците за ракети и проектили во крајбрежната дивизија“ на групата.

Исто така, се тврди дека е одговорен за планирање и извршување на ракетни и противтенковски напади врз Израел од крајбрежната област на Либан.

Хезболах ја објави неговата смрт по нападот без да ја спомене неговата локација.

Ретка вселенска снимка од месечината Амалтеја крај Јупитер

 Сондата „Џуно“ на американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА го сними Јупитер за време на 59-то блиско минување покрај џиновската планета. 

На една слика од Големата Црвена Дамка, неочекувано, се гледа и малата месечина Амалтеја...

Телото е со пречник од само 84 километри, и на снимката се наоѓа веднаш до Црвената Дамка.

Амалтеја, инаку, е еден од најтоплите објекти во Сончевиот Систем и досегашните набљудувања покажуваат дека испушта повеќе топлина отколку што прима од Сонцето. Ова можеби се должи на моќното магнетно поле на Јупитер, поради што набојот на електрични струи во јадрото на оваа месечина е поголем.

Откритието од фотографиите е на независниот научник Џералд Ајхштат, кој користел необработени податоци од камерата „Џунокам“ на сондата.

Леталото „Џуно“ кружи околу Јупитер веќе седум години. Леталото го проучува потеклото и развојот на таа планета со набљудување на нејзиното јадро, мапирање на магнетното поле, мерење на нивото на вода, на амонијакот во атмосферата итн. Меѓу откритијата е и тоа дека на планетата има слоеви вода под облаците и ветровите. „Џуно“ ги проучува и природните сателити и прстените на Јупитер.

Мисијата се очекува да трае уште една година, додека не изгори кога ќе се приближи премногу до атмосферата на големата гасовита планета.

Новото електрично возило ,,Грин машинс” на Брако претставено во Минхен

Новото електрично возило за чистење Грин Машинс на БРАКО привлече значајно внимание кај посетителите на најголемиот европски саем за комунална опрема и еколошки технологии - IFAT во Минхен. 

Посетителите беа главно претставници на општини, на специјализирани претпријатија и компании за јавна хигиена, кои на саемот бараа најдобри и најповолни решенија за одржување хигиена во урбани средини.

Новата електрична машина за чистење Грин Машинс, произведена во велешката фабрика, е најдобра во својата категорија на свипери и ќе отвори нови пазари во светот, таму каде се бараат возила за чистење со овие перформанси.

Оперативниот директор на Грин Машинс, Ангел Анѓушев, кој беше присутен на саемот во Германија, изјави дека електричните и хидрогенски возила на македонската фирма се високо ценети на пазарот и во многу нешта подобри од светската конуренција, која меѓу другите се состои и од американски, германски и француски производители.

,,Имаме наши фирми во САД, Обединетото Кралство, Германија , Холандија, сега влеговме во Мексико, а имаме продажна мрежа низ цел свет. Македонските електрични и хидрогенски возила за чистење се поквалитети и поевтини од тие на светската конкуренција и затоа успеваат да се продадат во над 60 земји. Можам да кажам дека како тим сме горди на нашата работа, горди сме што овде на саемот имавме што да му покажеме на светот”- изјави оперативниот директор на Грин Машинс, Ангел Анѓушев.

Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за истражување и развој на БРАКО/Грин Машинс и експерти од Машинскиот факултет во Скопје.

притисни ентер