Српската фолк ѕвезда Аца Лукас приведен за време на настап во Кавадарци, немал дозвола за настап - Канал 5

Српската фолк ѕвезда Аца Лукас приведен за време на настап во Кавадарци, немал дозвола за настап

Нов скандал со српска фолк ѕвезда во Македонија.. Синоќа во угостителски објект во Кавадарци е приведен Аца Лукас, еден од најпопуларните српски и балкански пејачи.. 

Српската фолк ѕвезда Аца Лукас приведен за време на настап во Кавадарци, немал дозвола за настап

Синоќешниот настап во кавадаречки локал на српскиот турбо-фолк пејач Александар Вуксановиќ познат како Аца Лукас не го дочека крајот. Нешто по полноќ полициски службеници, како што раскажуваат очевидци, интервенирале и и го привеле пејачот за време на неговиот настап.

Според информациите од МВР, Вуксановиќ бил приведен бидејки настапувал без потребната дозвола во локалот, каде дополнително инспектори на ДПИ и УЈП при вршење на акциска контрола утврдиле дека биле присутни поголем број на гости од дозволениот, а не се издавале ниту фискални сметки.. Од ДПИ за Канал 5 велат дека и за правното лице ќе има соодветни мерки и ќе бидат издадени и платни налози..

„Против А.В. е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна. При контролата во истиот угостителски објект констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.“ – се вели во соопштението од МВР

Според неофицијални информации на Канал 5, иако максималниот капацитет на гости бил 200, на настапот на Аца Лукас биле присутни 500 гости.. Неофицијално, за настапот без фискални сметки се продавале ваучери од 18.000 денари, во објектот незаконски се продавале и влезници во висина од 1000 денари, а истата вечер требало да биде промовирана и нова криптовалута Лукаскоин.. За овие неофицијални информации, побаравме став од сопственикот на локалот Рома кафе, но тој не одговараше ниту на нашите повици, ниту на пораките. Угостителскиот објект неодамна побарал од општина Кавадарци, и одобрение за поставување урбана опрема пред локалот, но бил одбиен со образложение дека се очекува голема маса на луѓе кое може да ја доведе во прашање безбедноста на присутните.

Сепак менаџерот на пејачот Саша Мирковиќ, на социјалните мрежи се огласи со друга приказна, но и со обвинувања за македонските власти..Според Мирковиќ апсењето дури се случило по налог на премиерот Мицкоски, затоа што пејачот за време на настапот бил загрнат со македонско, а не со бугарско знаме.

„Ајде пуштете го човекот да оди дома, не се глупирајте најголемата балканска ѕвезда ја приведувате затоа што го нагрна македонското знаме. Ги оставивте луѓето кои платија карта без настап, го прекинувате настапот, глумите шерифи по Кавадарци.“

Според дел од српските портали, кои апсењето го нарекуваат скандалозно, Аца Лукас бил веќе пуштен од полициска станица и бил на пат кон дома.. Дел од порталите објавија и дека веднаш по неговото апсење синоќа, дел од фановите во знак на подршка се собрале пред полициската станица во Кавадарци, скандирајки го неговото име и барајки негово ослободување..

Неодамна бурни реакции во јавноста предизвика и српската пејачка Светлана Ражнатовиќ – Цеца, која беше исвиркана во Велес откако на себе наметна бугарско знаме..

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Општина Аеродром го асфалтира паркингот пред детската градинка „Црвенкапа“

Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески денеска изврши увид во градежните активности за асфалтирање на паркинг-просторот кај детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром.

Општина Аеродром го асфалтира паркингот пред детската градинка „Црвенкапа“

Со уредувањето и обележувањето на паркинг-местата се добива повеќе функционален простор, подобра инфраструктура и поуреден изглед во овој дел од општината.

Најважно од сè, со ова обезбедуваме посигурен и полесен пристап до градинката за родителите и за нашите најмлади. Кога инвестираме во инфраструктурата, инвестираме во секојдневието на граѓаните.

Општина Аеродром

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Смеење до солзи со „Секстет“ на НУ Народен театар Битола на годинешното издание на фестивалот „Денови на комедијата“

На сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово вчеравечер одекна силен и долг аплауз за екипата на НУ Народен театар Битола, која со својата изведба повторно ја воодушеви и ја насмеа до солзи публиката која ја исполни салата до последното столче.

Смеење до солзи со „Секстет“ на НУ Народен театар Битола на годинешното издание на фестивалот „Денови на комедијата“

„Секстет“ и овојпат покажа дека добрата комедија не познава граници – се игра, се чувствува и се споделува со публиката.

„Од срце му благодариме на организаторот на фестивалот „Денови на комедијата“ за поканата, прекрасното добредојде и гостопримството. До следната средба – со уште многу смеа, аплаузи и театарски моменти“, истакнуваат од Битолскиот театар.

Претставата „Секстет“ секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, па така и овојпат салата беше исполнета со публика која ги награди актерите на Битолскиот театар со долготрајни аплаузи.

Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај.

Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни.

Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи.

Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме. Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Анастасија Чипуровска, Џорџ-Борче Ѓаковски.

Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски.

29.издание на Фестивалот оваа година се одржува од 23 септември до 5 октомври. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот. Фестивалот ќе биде затворен со претстава надвор од конкуренција, посветена на годинашниот лауреат Игор Џамбазов. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јанев на Меморијалниот турнир „Загинати бранители 2001–2015“: Македонија ги памети своите херои, нивната жртва е наша трајна обврска

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска се обрати на Централниот меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители 2001–2015, кој се одржува во спортскиот центар „Борис Трајковски“. 

Јанев на Меморијалниот турнир „Загинати бранители 2001–2015“: Македонија ги памети своите херои, нивната жртва е наша трајна обврска

На настанот се обрати и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој го отвори Меморијалниот турнир.

Пред членовите на семејствата на загинатите бранители, претставниците на Здружението „Херои на Македонија 2001–2015“, колегите и натпреварувачите, директорот Јанев истакна дека турнирот веќе 24 години ја чува жива меморијата за оние кои ги положија своите животи за Македонија, нејзиниот мир и безбедноста на граѓаните.

„Денес не сме тука само поради традицијата. Тука сме затоа што имаме обврска да паметиме. Да ги паметиме нашите колеги, пријатели, браќа, сопрузи, татковци и синови кои ја носеа униформата со чест и кои, извршувајќи ја својата должност, ја дадоа најголемата жртва што човек може да ја даде. Нивните имиња не се само дел од историјата на нашите безбедносни сили. Тие се дел од историјата на Македонија“, истакна Јанев.

Тој нагласи дека обврска на денешните генерации е споменот за загинатите бранители да се пренесува и на генерациите што доаѓаат, потсетувајќи дека слободата, мирот и безбедноста не треба да се земаат здраво за готово. Посебна почит им оддаде на семејствата на загинатите, нагласувајќи дека институциите имаат обврска да покажат дека жртвата на нивните најблиски никогаш нема да биде заборавена.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека мора да се чува споменот за оние кои го дале својот живот за татковината и да се пренесе на следните генерации.

„Она што треба да го направиме е да се сплотиме и да покажеме дека хероите не се забораваат. Се заблагодарувам на секој еден припадник на Армијата, сите што ја носат униформата кои секојдневно работат за нашата држава. Министерството за одбрана ќе биде секогаш тука да помогне и достојно да покаже почит кон хероите“, истакна министерот Мисајловски.

На крајот, директорот Јанев изрази благодарност до Здружението „Херои на Македонија 2001–2015“, Министерството за внатрешни работи и сите кои веќе 24 години ја одржуваат оваа традиција, порачувајќи дека хероите живеат сè додека ги паметиме и дека им должиме да ги паметиме со гордост, достоинство и благодарност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер