Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за Македонија за 2025-2030 година - Канал 5

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за Македонија за 2025-2030 година

 Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска остварија средба со делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), предводена од Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР во нашата земја.

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за Македонија за 2025-2030 година

Поводот за состанокот беше консултативната мисија на делегацијата за финализирање на новата Стратегија за земјата за периодот од 2025-2030 година, соопштија од НБ.

Целта на состанокот, како што се наведува во соопштението, беше да се споделат видувањата и разменат податоци за спроведување на транспарентен и инклузивен процес за изработка на новата стратегиска рамка за соработка со земјава. Дискусиите беа фокусирани на идентификување на приоритетите и можностите за поддршка на одржлив економски развој на земјава, поддршка на растот на приватниот сектор, како и на зелена, инклузивна и дигитална трансформација на економијата, согласно целите на ЕБОР.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска на средбата посочиле дека Народната банка е посветена на соработката со ЕБОР во насока на зајакнување на економската отпорност и финансиската стабилност во земјава. Во сложеното економско окружување, кое носи повеќе ризици поврзани со геоекономската фрагментација, климатските промени, како и забавувањето на потенцијалот за раст на поразвиените економии, сè поизразена е потребата за спроведување институционални и структурни реформи, коишто ќе ја зголемат продуктивноста и потенцијалот за раст, односно за побрза конверегенција на домашната економија. Во изминатите неколку кризни години доходовната конвергенција стагнираше.

На средбата беше нагласена и досегашната успешна соработка помеѓу Народната банка и ЕБОР и подготвеноста на оваа меѓународна финансиска институција за одржување на континуитетот во обезбедувањето поддршка за реформа на приоритетните сегменти, вклучително и во финансискиот систем.

-ЕБОР е посветена на поддршката на националниот и регионалниот економски развој на земјата преку сеопфатен и стратешки пристап. Со преку 2,9 милијарди евра инвестирани во 196 проекти од 1993 година, ЕБОР одигра клучна улога во зајакнувањето на конкурентноста, подобрувањето на инфраструктурата и поттикнувањето на дигитализацијата, енергетската одржливост и регионалната интеграција. Остануваме фокусирани на развојот на приватниот сектор, каде што со нашите напори ќе поттикнеме подинамична и поотпорна деловна средина. Исто така, посветени сме на понатамошно зајакнување на финансиската отпорност на земјата, поддршка на растот на приватниот сектор и обезбедување зелена, инклузивна и дигитална трансформација на економијата во согласност со нашите долгорочни цели за одржлив развој, изјави Туркменоглу, се наведува во соопштението од НБ.

Армијата активно е вклучена во гаснењето на пожарите на територијата на државата

Ангажирани се над 150  припадници на Армијата.

Армијата согласно одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за учество на дел од припадниците на Армијата во гаснењето на пожарите и одлуката за постоење на кризна состојба донесена од Владата заради зголемена појава на пожари, како и побарувањата на Центарот за управување со кризи активно се вклучи во гаснење на пожарите на целата територија на нашата држава. Во согласност со побарувањата, ангажирани се над 150 припадници на Армијата во следните општини:

Ѓорче Петров – ангажирани над 60 лица;

Крива Паланка – ангажирани околу 30 лица;

Село Николиќ, Дојран – ангажирани над 50 лица.

Дополнително во реонот на Визбегово, Општина Шуто Оризари, ангажиран е еден тим од Четата за атомско биолошка и хемиска одбрана за собирање на податоци за утврдување на квалитетот на воздухот од запалениот отпад во овој реон.

Армијата останува подготвена за натамошна поддршка и интервенција каде што е потребно, во координација со надлежните институции.

Скај њуз: Трамп би можел во следните недели да ја посети Шкотска

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја посети Шкотска во наредните недели, објави денес Скај њуз, повикувајќи се на неименувани извори.

Скај њуз: Трамп би можел во следните недели да ја посети Шкотска

Шкотската полиција денеска објави дека се подготвува за можна посета на американскиот претседател.

-Во тек е планирање за потенцијална посета на претседателот на САД на Шкотска подоцна овој месец, изјави Ема Бонд, помошничка началничка на полицијата во Шкотска.

„Иако сè уште нема официјална потврда, важно е однапред да се подготвиме за значајна полициска операција“, рече таа.

Трамп треба да оствари и државна посета на Обединетото Кралство оваа година, веројатно во септември, иако точниот датум сè уште не е објавен.

Датумот на посетата на Шкотска сè уште не е познат.

Тој поседува два терени за голф во Шкотска, еден на североисточниот брег, а другиот јужно од Глазгов на западниот брег.

Трамп во 2018 година посети терени за голф во Шкотска, а потоа имаше протести на тие локации и во некои од најголемите градови во земјата.

Шкотската полиција објави дека тридневната посета на Трамп на земјата во јули 2018 година чинела повеќе од три милиони фунти (3,48 милиони евра).

Орбан: За мир во Украина потребна е средба меѓу Путин и Трамп

 За воспоставување мир во Украина потребна е средба меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и американскиот претседател, Доналд Трамп, смета унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Орбан: За мир во Украина потребна е средба меѓу Путин и Трамп

- Сигурен сум, ова го кажувам како стар лисец кој многу видел во дипломатијата и, всушност, повеќе од кој било од сегашните Европјани на власт, дека прекин на огнот и мир во Украина ќе се постигнат ако се одржи средба на рускиот и американскиот претседател. Значи, телефон нема да помогне, рече Орбан во интервју за Јутјуб каналот „Патриота“.

Според него, ако почнат директни преговори, тогаш прекин на огнот „може да се постигне многу брзо“, но ако „нема лична средба, тогаш ситуацијата ќе биде жестока како што е сега уште многу месеци“, пренесува Спутник.

Тој во истото интервју го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „комичар“, велејќи дека тој претставува нов вид „политичар-инфлуенсер, актер или комичар“.

Орбан рече дека претходното искуство на Зеленски во комедијата и глумата „не му помогнало во она што сега мора да го прави, особено не среде војна“.

Унгарскиот лидер изјави дека Зеленски „глуми претседател“, додавајќи дека тие двајца „не успеале да разговараат во подлабок контекст“.

Орбан додаде дека неговите посети на Украина, Русија, Кина и САД пред една година имале за цел склучување мировна иницијатива, но дека бил „одбиен“ во Киев.

притисни ентер