Спортски настани кои ја одбележаа 2024 година - Канал 5

Спортски настани кои ја одбележаа 2024 година

Олимписката 2024 година покрај Игрите во Париз на спортски план ја одбележаа и други големи натпревари, значајни достигнувања и трансфери кои предизвикаа голем интерес кај светската спортска јавност.

Спортски настани кои ја одбележаа 2024 година

Хамилтон се пресели од Мерцедес во Ферари

Британскиот возач Луис Хамилтон го напушти Мерцедес и од следната сезона ќе биде член на Ферари. Заврши долгогодишната и плодна соработка меѓу Луис Хамилтон и Мерцедес, соопштија од германскиот тим, а Британецот од следната сезона ќе биде зад воланот на тимот од Маранело.

-Мерцедес е дел од мојот живот уште од мојата 13-та година. Тоа е местото каде што пораснав, така што одлуката да заминам беше една од најтешките што некогаш сум морал да ја донесам, но вистинското време е да го направам тој чекор и возбуден сум што ќе го преземам новиот предизвик. Засекогаш ќе бидам благодарен за неверојатната поддршка на моето семејство Мерцедес, особено на Тото Волф за неговото пријателство, изјави по тој повод Хамилтон.

Канзас Сити победници на СуперБоул 58

Канзас Сити Чифс го освоија 58-то издание на Суперболот, победувајќи ги Сан Франциско Фортинајнерс по продолжение со резултат 25:22.

На овој начин „шефовите“ ја освоија втората последователна титула, а во претходните пет години три пати го подигнаа трофејот „Ломбарди“.

Патрик Махомес по трет пат во кариерата е прогласен за Најкорисен играч на СуперБоул, а со тоа уште еднаш докажа дека е легитимен наследник на легендарниот Том Брејди.

Усик апсолутен светски шампион во бокс

Боксерот Олександр Усик од Украина е апсолутен светски шампион во тешка категорија. Усик го победи Тајсон Фјури од Обединетото Кралство и стана сопственик на појасите во верзиите ВБЦ, ВБО, ВБА и ИБФ.

По 24 години, боксот доби апсолутен шампион во тешка категорија. Усик го победи Фјури со поделена одлука по 12 рунди.

На 21 декември се одржа и реваншот во претсолнината на Саудиска Арабија - Ријад, а Украинецот повторно победи по судиска одлука и ги одбрани титулите.

Усик се уште е непоразен боксер со скор од 23-0 во професионалната кариера. Покрај едно реми и 34 триумфи, Фјури забележа и два порази.

Клоп го напушти Ливерпул по девет години

Германскиот стручњак Јурген Клоп се прости од Ливерпул по девет години на чело на клубот од „Енфилд“.

Клоп уште во јануари неочекувано донесе одлука да го напушти клубот на крајот од сезоната, која ќе заврши со освоен Лига куп.

Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд дојде во Ливерпул во 2015 година и освои осум трофеи.

На местото на Клоп како тренер дојде холандскиот стручњак Арне Слот.

Панатинаикос се врати на врвот на Европа

Кошаркарите на Панатинаикос во финалето на „фајналфорот“ на Евролигата го совладаа тимот на Реал со 95:80 и по седми пат во историјата ја освоија титулата европски првак.

Панатинаикос ја освои седмата титула шампион во Евролигата, а прва од 2011 година. Капитенот на тимот, Костас Слукас го крена трофејот со трет различен тим.

Турскиот тренер Ергин Атаман ја освои својата трета титула во првата сезона во Атина, по двете претходно на чело на Ефес.

Бостон по 18. пат шампион во НБА лигата

Кошаркарите на Бостон Селтикс станаа шампиони во НБА лигата со победата над Далас Маверикс од 106:88 во петтиот натпревар од финалната серија.Бостон сега е апсолутен лидер по бројот на освоени титули со 18 трофеи, додека Лос Анџелес Лејкерс е втор со 17 шампионски титули.

Бостон го освои трофејот за прв пат од 2008 година, а откако ги задржа главните играчи на тимот - Џејлен Браун и Џејсон Тејтум - заедно, тие се фаворити и оваа сезона.

Јарослава Махучич собори светски рекорд од 1987 година

Украинската атлетичарка Јарослава Махучич го собори светскиот рекорд во скок во височина на митингот на Дијамантската лига во Париз. Украинката прескокна 2,10 метри.

Махучич со тоа го надмина рекордот на Бугарката Стефка Костадинова од 1987 година, поставен на Светското првенство во Рим.

Со овој скок таа го освои првото место на средбата од Дијамантската лига во Париз.

Шпанија доминантно го освои Европското првенство

Фудбалерите на Шпанија станаа нови шампиони на Европа, откако во финалето на Европското првенство на Олимпискиот стадион во Берлин ја победија Англија со 2:1.

Шпанија по четврти пат стана шампион на Европа.

Избраниците на тренерот Луис де ла Фуенте ја задржаа победничката серија, односно рекордот на ЕП 2024 со импресивна игра, без пораз во текот на турнирот.

Ледецки стана жената со најмногу златни олимписки медали

Американската пливачка Кејти Ледецки четврти пат по ред победи во трката на 800 метри слободно на Олимпијадата, го освои своето деветто олимписко злато и се изедначи со советската гимнастичарка Лариса Латинина, која до моментот беше жена со најмногу олимписки златни медали.

Американката стана само шестата олимпијка кој четири пати по ред триумфирала во една дисциплина.

Одличната пливачка веќе стана најуспешната Американка во историјата на Олимписките игри.

Хелиф, жена со машки хромозоми, освои злато во Париз

Алжирската боксерка, Иман Хелиф во финалето во категоријата до 66 килограми ја победи Кинеската Лиа Јанг и го освои златниот медал.

Хелиф победи со едногласна одлука по многу интензивни три рунди.

Хелиф е една од двете боксерки кои се натпреваруваа на Игрите во Париз и покрај тоа што Меѓународната боксерска федерација (ИБА) ја дисквалификуваше од минатогодишното Светско првенство поради наводно пад на тестот за подобност за полот и присуство на хромозомот HY, кој го имаат мажите.

Двете боксерки се најдоа во центарот на јавноста особено откако Италијанката Анџела Карини ја предаде борбата против Хелиф во осминафиналето на олимпискиот турнир поради силината на ударот што го доби од противничката од Алжир.

Последното парче од сложувалката на Ѓоковиќ

На своите петти Олимписки игри, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успеа да го освои вториот медал и првото злато, по бронзата во Пекинг во 2008 година.

Србинот го забележа својот најдобар настап во годината и го победи шампионот на Ролан Гарос и Вимблдон, Карлос Алкараз (Шпанија) со 7-6 (7-3) 7-6 (7-2) пред преполната публика во Париз.

Со победата во Париз, Ѓоковиќ конечно го доби единственото признание што му недостига во успешната кариера.

Надал се пензионираше

Еден од најдобрите играчи на сите времиња, двократен олимписки шампион и освојувач на 92 АТП титули, меѓу кои и 22 Гренс слем трофеи, Рафаел Надал се повлече од тенисот.

Полуфинале на Дејвис купот беше неговиот последен настап во кариерата. Тој се прости од професионалниот тенис и шпанските фанови со пораз од Ботик ван де Зандшулп.

Италијанците владеат со тенисот

Машката тениска репрезентација на Италија по трет пат во историјата го освои Дејвис купот, додека женската селекција во Купот Били Џин Кинг по петти пат покажа дека припаѓа на самиот врв на светскиот тенис.

Покрај репрезентативните триумфи, годината ја одбележаа и индивидуалните успеси, а се издвојува едно име - Јаник Синер. Младиот човек од Јужен Тирол не само што освои најмногу титули во сезоната, туку стана и лидер на АТП листата, а на осумте трофеи ја додаде и популарната „салатиера“.

Со само 23 години, Синер веќе влезе во историјата како најуспешен италијански тенисер на сите времиња со (досега) 18 трофеи.

Четврта титула во низа на Верстапен

Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул победи на трката за Големата награда на Катар на патеката Лусаил во Доха и ја потврди новата шампионска титула во Формула 1.

За него тоа е четврта титула во низа. Верстапен ја обезбеди титулата седум дена пред тоа, во Лас Вегас, а во Катар го забележа деветиот триумф за сезоната, 63-ти во кариерата.

Мекларен за прв пат од 1998 година шампион во конкуренција на конструктори

Сезоната во Формула 1 заврши со трката за Големата награда на Абу Даби на патеката „Јас Марина“, а возачот на Мекларен, Ландо Норис, заврши прв со време 1:26:33, со што му ја донесе титулата на својот тим во конкуренција на конструктори.

Ривалите Карлос Саинц и Шарл Леклер од Ферари не успеаја да го прескокнат првопласираниот Ландо Норис од Мекларен, па титулата во конкуренција на конструктори заврши во рацете на тимот кој ја бара од 1998 година.

Домараџу го надмина Каспаров и стана најмладиот светски шампион во шах

Осумнаесетгодишниот Индиец Гукеш Домараџу стана најмладиот светски шампион во шах, откако го победи бранителот на титулата, Динг Лирен од Кина.

Индиецот славеше по 14 партии против Лирен на Светското првенство во шах што се одржа во Сингапур.

Наградниот фонд на првенството изнесуваше 2,5 милиони долари, а секоја победа беше вредна 200.000 долари.

Домараџу го надмина рускиот шахист Гари Каспаров кој беше најмладиот светски шампион од 1985 година, откако ја освои титулата на 22 години. Индиецот стана велемајстор кога имал 12 години и седум месеци, а рекол дека сака да стане светски шампион уште од седумгодишна возраст кога го гледал мечот за светската титула во 2013 година помеѓу Вишванатан Ананд и Магнус Карлсен.

Реал Мадрид 15. пат европски шампион

Фудбалерите на Реал Мадрид продолжија да го зголемуваат сопствениот рекорд по бројот на европски шампионски титули.

Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите ја победи Борусија Дортмунд со 2:0 и го освои 15. трофеј во тоа натпреварување.

Во финалето на Лига Европа, Аталанта му го нанесе првиот пораз на Баер Леверкузен во сезоната 2023/2024 (3:0), додека Олимпијакос ја освои титулата во конференциската лига со победата од 1:0 против Фиорентина.

Родри ја освои „Златната топка“, Реал ја бојкотираше церемонијата како поддршка на Винисиус

Годината заврши со контроверзии околу изборот за „Златна топка“, на кој победи Родри од Манчестер сити.

Освојувачот на Лигата на шампионите, Реал Мадрид се налути што наградата не отиде во рацете на нивниот фудбалер Винисиус Жуниор, кој постигна 24 гола на 39 натпревари за својот клуб во сите натпреварувања, па ја бојкотираа церемонијата во Париз.На крајот на годината на бразилскиот напаѓач му беше врачена наградата на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за најдобар играч.

Сезона за паметење на Тадеј Погачар

Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (26) ја одбележа сезоната со победи на познатите тринеделни трки Тур д'Франс и Џиро д'Италија, заедно со златото на Светскиот шампионат на друмски трки во Цирих и стана првиот велосипедист што ја освоил „тројната круна“ по 37 години.

Во сезоната забележа 25 победи во 57 тркачки денови, при што 32 пати беше на подиумот.

Тој стана третиот велосипедист во историјата кој победил на две тринеделни и две еднодневни трки (Лиеж-Бастоњ-Лиеж и Џиро д'Ломбардија) во истата сезона, а тој успех го остварија уште само Италијанецот Фаусто Копи во 1949 година и легендарниот Белгиец Еди Меркс во 1972 и 1973 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: До крајот на годината нема да има поскапување на струјата

Цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а владата ќе се бори таа да остане иста и од 1 јануари – изјави денеска премиерот Мицкоски.

Мицкоски: До крајот на годината нема да има поскапување на струјата

Цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а владата ќе се бори таа да остане иста и од 1 јануари – изјави денеска премиерот Мицкоски, според кој приоритет на владата била одржување на енергетската стабилност.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Осми конгрес на СОНК и повлекување на Неделков по 16 години

Ќе се заложам за подобри услови и плати, почитување на стекнатите права, но и за враќање на достоинството на просветниот работник, порача на осмиот конгрес на СОНК Стојко Рамов кој како единствен кандидат го заменува Јаким Неделков.

Осми конгрес на СОНК и повлекување на Неделков по 16 години

Ќе се заложам за подобри услови и плати, почитување на стекнатите права, но и за враќање на достоинството на просветниот работник, порача на осмиот конгрес на СОНК Стојко Рамов кој како единствен кандидат го заменува Јаким Неделков, кој по 16 години минати на претседателското место се повлекува од челната синдикална позиција.

-Приоритет ќе ми биде склучување на колективниот договор за основно и средно образование, но и да се потпише колективен договор за детска заштита, нов колективен договор за култура. Сметам дека во идниот период следува доста работа, се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери и дека ќе успееме да го подобриме економскиот и социјалниот статус на просветните и културните работници во Република Македонија,- -Стојко Рамов.

Го скршивме мразот на замрзнатите плати, а трасираниот пат кон успехот треба да продолжи бидејќи навистина има уште многу работи што треба да се завршат, порача Неделков истакнувајќи дека за најголемо достигнување и гордост сепак го смета тоа што не дозволил разни струи од надвор да влезат во редовите на Синдикатот.

-Во овој мандатен период најмалото зголемување во дејностите детска заштита и образование е над 70 %, а највисокото зголемување на платите во високото образование и наука е околу 100 %. Мојата најголема гордост е што не дозволив разни „струи“ од надвор кои имаат интерес го ослабнат СОНК, да влезат во нашите редови и да го ослабнат или растурат Синдикатот. Највистина сум горд што нашето членство остана единствено,- - Јаким Неделков.

Министерката за образование и наука Весна Јавска која присуствуваше на Конгресот порача дека очекува да продолжи партнерскиот дијалог и подвлече дека тешката реформа, што инаку вклучува затворање на голем број на училишта ширум земјава, или „оптимизацијата во образованието“ нема да остави ниту еден наставник без работа.

„Оптимизација“ значи подобрување на образовниот процес. Во принцип, генерално, најголемата корист ќе биде за учениците, но тоа не значи дека и наставниците нема да се чувствуваат подобро кога работат во подобри услови и поголеми групи. Овој процес, кажав, би требало да трае најмногу 4 години, во кои ниту еден наставник нема да го загуби работното место, но нови вработувања во овој период нема да има. - Весна Јаневска.

По 16 години, СОНК добива нов претседател, Рамов го презема претседателското место како единствен кандидат на осмиот конгрес, а до изборот беше еден од двајцата потпретседатели на СОНК и претседател на регионален огранок на синдикатот.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шест кандидати во трка за Брвеница: Програми, визии и пораки до граѓаните

Шест кандидати од четири политички коалиции и двајца независни ќе ги одмерат силите во недела во трката за нов градоначалник на општина Брвеница.

Шест кандидати во трка за Брвеница: Програми, визии и пораки до граѓаните

Вонредните избори доаѓаат по ненадејната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски во јуни годинава.

Владејачките коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ настапуваат со посебни кандидати, а ЗНАМ дава поддршка на кандидатот на најголемата владејачката партија. На митинзите во Брвеница кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски најави посветена и транспарентна работа за развој на општината, а поддршка доби и од премиерот и партиски лидер Мицкоски, кој кажа дека очекува убедлива победа во недела.

Со одделни кандидати ќе настапат и опозициските партии СДСМ и ДУИ. Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Јовица Радевски на синоќешниот митинг во Брвеница вети нов инфраструктурен развој и економски раст за општината. Партискиот лидер Филипче, пак, со поддршка и порака до Мицкоски и власта дека време е за промени, а СДСМ, како што рече е неуништлив.

Во кампањата и кандидатите Јакуп Хусеини од ВРЕДИ и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција пред жителите на Брвеница ветија проекти за развој на општината, поддршка за младите и за локалната економија.

Со сопствени програми, приоритети и визија за Брвеница настапија и двајцата независни кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи. Поради поголемиот број кандидати проценките се дека можен е и втор круг гласање кој треба да се одржи за две недели, на 1 ноември.

Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, право на глас имаат вкупно 16.256 запишани избирачи, кои ќе гласааат на 24 избирачки места..

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер